За неа заобиколувањето на ДУИ се смета како постапка која ги дели албанските партии. Ова неодговорно однесување на Курти го нарушува официјалниот однос на Скопје и Тирана со Приштина, што е на штета на Косово, вели Адри Нурелари.од ПДК
Посетата на премиерот Албин Курти на Северна Македонија пред еден ден, во која тој не се сретна со лидерот на владејачката албанска партија ДУИ, Али Ахмети, и функционерите на оваа партија, предизвика критики до премиерот Курти. Тоа што неговата посета беше реализирана на покана на градоначалниците на општина Чаир и на општина Тетово, двајцата од редовите на опозициските партии, беше протолкувана како форма на нивна поддршка. Меѓутоа, премиерот Курти во интервју за телевизијата „Коха“ во Тетово негираше дека неговата посета на Северна Македонија има партиски карактер.
„Ова е резултат на поканата што ја добив и доколку имав покана од некоја друга општина за нешто слично, секако дека ќе отидев во рамки на оваа посета. Оваа посета не е партиска, туку национална, за доброто на двете наши држави, за доброто на граѓаните, од двете страни на границата, со цел тие да имаат придобивка, а ние политичарите кои сме носители на функции, вршиме активности“, вели Албин Курти.
Опозицијата во Косово реагираше на посетата на премиерот Курти на Северна Македонија. Членот на Претседателството на ПДК, Адри Нурелари, изрази став дека премиерот Албин Курти на невиден начин се меша во внатрешните работи на Албанците во регионот.
„Од премиерот на Косово се очекува да работи на обединување на Албанците, а не да ги дели. Истовремено, ова неодговорно однесување го нарушува официјалниот однос на Скопје и Тирана со Приштина, што е на штета на Косово“, вели Адри Нурелари.
Реагираше и ЛДК, велејќи дека премиерот Курти откако го подели косовското општество на два дела и истото се обиде во Албанија, сега на нишан му се Албанците во Северна Македонија.
„Албин Курти нема намера да се занимава со животните проблеми на граѓаните на Косово, обидувајќи се да стане историска личност на Албанците, според неговата популистичка амбиција. Но, како заложник на историцизмот, тој се претвора во разделник на Албанците каде и да живеат во нивните простори“, вели Сибел Халими.
Претседателот на ААК Рамуш Харадинај беше остар. Тој рече дека премиерот Курти сака да ги измами Албанците.
„Почитувани сограѓани Албанци во Северна Македонија, не му верувајте на измамникот Албин Курти. Во Косово блокирани се сите патишта и проекти, вклучувајќи го и патот кај Плава. Бидејќи не можам повеќе да ги лажам Косовари, дојдов да ве излажам, за патот Тетово – Призрен. Истото го проба и во Албанија, но не му поверуваа и го протераа. Не станувајте жртва на неговите трикови“, вели Рамуш Харадинај.
Реакции имаше и во Северна Македонија. Вицепремиерот на Северна Македонија, Артан Груби, објави дека косовскиот премиер Албин Курти не побарал средба со претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, нарекувајќи ја посетата од локален карактер. Но вицепремиерот Груби по посетата на Курти иронично праша дали имало некаков настан во Чаир?! Во меѓувреме, министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, исто така од редовите на ДУИ, за посетата на Курти рече дека тој најверојатно не дошол како премиер.
„Јас знам во кое својство сум поканет, поканет сум како премиер на Косово и ја ценам оваа покана и на истата одговорив позитивно“, порача Албин Курти.
Премиерот Албин Курти вчера во општина Чаир учествуваше на церемонијата на преименување на улица со името на деецот на националното прашање Адем Демачи, додека во Тетово на свеченото отворање на патот што ги поврзува селата Селце и Вејце. Премиерот Курти го потенцираше патот Призрен-Тетово, оценувајќи го како еден од најважните на економски план за регионот.
Постакнувањето на провокативна националистичка иконографија што промовира великодржавни шовинистички идеи претставува разгорување на етничка омраза и нетрпеливост со што недвосмислено се напаѓаат основните принципи и вредности на Рамковниот договор како и концептот на Македонија како мултиетничка држава се фели во реакцијата на претседателот Стево Пендаровски во врска со вчерашната посета на косовскиопремиер Албин Курти на Чаир и на Тетово.
– Организаторите на јавните собири во Тетово и во Чаир мора да бидат законски санкционирани за кршењето на законските одредби во однос на употребата на државното знаме и химна и знамињата и симболите на заедниците, со целосно игнорирање на симболите на државата. Во таа насока ги повикувам надлежните органи во најкус можен рок да ги завршат пропишаните постапки, вели Пендаровски.
Претседателот вели и дека начинот на реализација на идејата за преименувањето на улицата во општината Чаир е во спротивност со принципот на демократска дебата и почитување на историското наследство на сите заедници во државата.
– Во таа смисла, очекувам надлежните инспекциски служби да проверат дали при носењето на одлуката е почитуван принципот на двојно мнозинство, кој треба да ги вклучува и гласовите на заедниците кои не се во мнозинство во таа општина, реагира претседателот.