Од кандидатката за европски комесар Марта Кос не се очекува да ги следи авторитарните лидери на Балканот. Таа не потекнува од истото политичко милје како Вархељи. По кариерата во новинарството и дипломатијата, таа стана дел од раководството на либералното Движење за слобода, основано во 2022 година од актуелниот премиер Голоб
АЛЕКСАНДАР ИВКОВИЌ
Словенечкиот весник „Дело“ неодамна објави карикатура на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на која и се припишува мислата: „Подобро кос во рака, отколку гулаб на гранка“, Марта Кос не беше првиот избор на нејзината влада во Љубљана, но Словенија на барање на Фон дер Лајен се согласи да номинира жена наместо маж со цел составот на новата Европска комисија да се доближи до рамнотежа на половите. Во очите на многумина ова беше доживеано како политичко понижување на премиерот Голоб и инспирација за гореспоменатата карикатура. Но, во замена за промена на кандидатот, Словенија доби позначајно портфолио – она за проширувањето на Европската унија.
За време на долгиот пат кон членство во ЕУ, се помнат неколку комесари за проширување, а сегашен носител на оваа функција е Оливер Вархељи, дипломат од Унгарија. Улогата на комесарот за проширување е, барем на хартија, јасна – да ја процени подготвеноста на кандидатите за членство и да ги поддржи во постигнувањето на потребните критериуми. Ширината на областите опфатени со ова, сепак, обезбедува простор за флексибилност. Така, Вархељи најчесто избираше да се фокусира на економските реформи и развојот на Србија, а само кога навистина требаше, ја спомнуваше состојбата на демократијата и владеењето на правото и тоа секогаш со позитивен тон. Поради ова континуирано се соочуваше со критики, но не го менуваше пристапот. Пресудно, се чини, беше неговото поврзување со владата на Виктор Орбан, близок партнер на српските власти.
Се верува дека од Марта Кос не може да се очекува да оди толку далеку по кеифот на авторитарните лидери од Балканот. Таа не потекнува од истото политичко милје како Вархељи. По кариерата во новинарството и дипломатијата, која вклучуваше амбасадорски места во Берлин и Берн, таа стана дел од раководството на либералното Движење за слобода, кое беше основано во 2022 година од актуелниот премиер Голоб. Истата година, Кос беше кандидат и за претседател на Словенија, но – сега би рекле во „бајден“ пресврт – партијата ја принуди да се повлече во корист на друг кандидат. Не долго потоа, Кос го напушти своето членство во Движењето за слобода, јавно осудувајќи ја насоката во која се движи партијата. Голоб и таа сега, според сите сметки, решија да ги закопаат секирите.
Затоа, Марта Кос се разликува од Оливер Вархељи не само по политички ставови, туку и по искуство. Додека Вархељи е дипломат од кариера лојален на неговата влада, Кос се испроба и во политичките води и веројатно поради тоа ќе биде понезависна во одлучувањето. Дали може да се очекува дека поради ова таа ќе биде, доколку треба, и покритична кон ситуацијата во Србија? Одговорот е најверојатно позитивен. Сепак, се додека не постои консензус меѓу членките на ЕУ дека се подготвени да примат нови членки во одреден период, моќта на комесарот за проширување е ограничена, а со тоа и можноста да ја условува политиката на Белград.
Дополнително, владејачката Српска напредна партија веќе има искуство во справување со несимпатични странски функционери. И покрај домашните „удари во гради“, српските власти се обидуваат да склучат политички, а понекогаш и деловни „зделки“ со странците кои се занимаваат со Србија. И ако тоа не успее, следуваат медиуми кои ги дискредитираат критичарите. Најдобар пример за тоа е друга политичарка од Словенија, Тања Фајон, за која медиумите во Србија своевремено изнесоа „инкриминирачки“ информации кои сигурно ги добиле од кујната на Јанез Јанша, поранешниот премиер на Словенија и актуелен лидер на опозиција. Доколку треба, веќе можеме да видиме какви и какви информации би можеле да соопштат за Марта Кос – партијата на Јанша веќе ја обвинува дека во младоста работела за југословенската УДБА, што таа негира.
Доколку дојде до заострување на односите меѓу Марта Кос и властите во Србија, тоа нема да се случи веднаш. На почетокот сигурно ќе има испитување на теренот и тоа од двете страни. И покрај нејзината дипломатска кариера, Кос нема професионално искуство во земјите кандидати за ЕУ. Со способни соработници, сепак, може да се очекува дека ќе ги надмине сложеноста на овие земји, а тоа што доаѓа од Словенија секако ќе и ја олесни работата кога се во прашање земјите од Балканот. Истовремено, тоа ќе биде гаранција за регионот дека нема да биде запоставен во корист на Украина и Молдавија.
Сето ова важи под услов Марта Кос да биде избрана на функцијата комесар. Процесот се уште не е завршен, а следуваат расправи во комисиите на Европскиот парламент, по што оваа институција дава конечно зелено светло за новиот состав на Европската комисија. Во текот на овие сослушувања, неколку кандидати за комесари обично „отпаѓаат“, а бриселското Политико, понекогаш премногу склоно кон шпекулации, ја гледа Марта Кос како една од ранливите. Останува да се види дали нејзиното недоволно дипломатско искуство на Балканот ќе биде доведено во прашање или европарламентарците ќе ги испитаат околностите под кои таа, обвинета за мобинг, мораше да поднесе оставка од функцијата амбасадор во Швајцарија. Сепак, и Марта Кос да не го помине Европскиот парламент, портфолиото за проширување ќе остане во Словенија, што сепак е подобра вест за Балканот во споредба со можните алтернативи.