Бараме отчет за сработеното, порачаа семејствата на настраданите во „Пулс“ на протестниот марш во Кочани. Протестите во овој град не наидуваат на одек во нашите медиуми. За возврат имаме вест дека истрагата се проширила на нови лица

Под мотото „Задоцнета реакција“ во саботата во Кочани се одржа вториот протестен марш што го организираа семејствата на настраданите во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“.
Симболично, учесниците на маршот тргнаа од Паркот на Револуцијата во 12 часот и 5 минути, со што го искажаа незадоволството од задоцнетата реакција на надлежните институции, како една од причините за големата трагедија.
Во тишина и молк колоната од неколку стотини граѓани помина во Трговскиот центар, кратко задржувајќи се пред кафе барот чиј сопственик ја имаше и дискотеката, а оттаму се упатија пред зградата на Општина Кочани каде се наоѓаат и просториите на Државниот пазарен инспекторат.
Со едноминутен молк пред Полициската станица граѓаните го искажаа незадоволството од ненавременото постапување за да се спречи катастрофата, а потоа пред Основниот суд и Основното јавно обвинителство побараа информации за досегашната истражна постапка.
-Бараме отчет за сработеното, беше единствената гласна порака што ја извикуваа пред Обвинителството, а истата беше испишана и на еден од транспарентите.
Граѓаните на маршот истакнаа транспаренти со натписи „Нашите ангели заслужуваат правда“, „Стоп за селективна правда“, „Ова не е несреќа, ова е убиство“ и слично. Потоа се вратија на почетното место во Паркот и најавија дека ваквите протести ќе продолжат сѐ додека не се откријат и казнат виновниците за трагичниот настан.
Основното јавно обвинителство Кочани – да речеме како совпаѓање на протестите – во саботата доцна навечер објави наредба со која ја прошири истрагата во врска со пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на нови 19 лица. Сите тие се осомничени за Тешки дела против општата сигурност од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик.
Станува збор за службени лица, кои во периодот од 2012 година до 16.03.2025 година, заеднички но секој од аспект на своето својство, надлежности и одговорности, воопшто не постапиле според прописите за мерките за заштита и со тоа предизвикале опасност за животот и телото на луѓето и имот од големи размери. Меѓу новите осомничени се овластени градежни инспектори во Општина Кочани, директори и генерален инспектор од Дирекцијата за заштита и спасување, министри за економија, државни секретари и други службени лица од тоа министерство, како и инспектори од Државниот пазарен инспекторат.
Постојат сомненија дека нивните незаконити дејствија и пропусти во континуитет довеле до тоа кабаре КЛУБ ПУЛС во Кочани од самиот почеток во подолг временски период па се до настанување на пожарот да продолжи да врши угостителска дејност без воопшто да исполнува законски услови за тоа и со нарушување на сите безбедносни правила по животот на лицата кои го посетувале објектот. Како резултат на тоа, при користење на пиротехнички средства на 16.03.2025 година за време на настапот на музичката група ДНК, бил предизвикан пожар во кој настапила смрт на 61 лице меѓу кои 6 деца, а биле повредени уште 197 лица од кои 25 деца.
До крајот на денот, Основното јавно обвинителство Кочани до Основниот суд во Кочани ќе достави предлози за определување соодветни мерки за обезбедување на присуството на секој од новоосомничените.
Со ова, до овој момент, кочанското обвинителство во врска со пожарот поведе истрага против вкупно 45 физички и три правни лица. Еден од нив, по отворањето на истрагата почина како последица на повредите здобиени во пожарот и од тие причини, по целосно прибавување на медицинската документација, постапката за него ќе биде запрена.