НИКИЦА КОРУБИН
Да се почитуваат, да се суспендираат или да се заобиколат? И кога тоа ќе се случи, дали тоа се’ уште го нарекуваме правен поредок и владеење на правото?
Проблемот со управувањето на Охрид и охридскиот регион, како заштитено подрачје на УНЕСКО и начинот на кој официјалните институции пристапуваат кон него е чудна, аморфна комбинација на “гасење пожар” после секој поединечен инцидент и “глумење силна држава” со разни форми на (полу)правни акти: укажувања, препораки, сугестии; кои треба да имаат тежина на декрет.
Затоа што не може поинаку да се разбере, овој заклучок, кој де факто претставува класично “суспендирање” на две институции, кои по секоја правна логика се независни и стручни, без разлика на нивниот моментален квалитет и перформанс, Завод и Музеј Охрид и Управата за заштита на културното наследство. Со туторството кое сега го добиваат, нејасно согласно кој закон, тие ја губат својата автономија на постапување, исто така нејасно согласно кој закон.
И наместо систематски да се решава проблемот со управувањето на културното наследство, кој проблем “не е од вчера”, вклучително и управувањето со Охрид и охридскиот регион, и тој да се постави на здрави темели, со јасни надлежности и автономија во стручноста и постапувањето; уште толку се зголемува хаосот. Па, сега, покрај Заводот и Музеј Охрид и Управата за заштита на културното наследство, согласно постоечкиот Закон за заштита на културното наследство, ЕДИНСТВЕНИТЕ институции надлежни за заштита на културното наследство во Охрид и охридскиот регион; магично исчезнатата (од оваа објава) Комисија за управување со светското природно и културно наследство, согласно Законот за управување со светското природно и културно наследство; “во игра” влегува и Националниот конзерваторски центар и “стручна комисија составена од докажани експерти”. Согласно законот за …. ?
Во меѓувреме, апсолутно е непознат статусот на новиот Закон за заштита на културното наследство, влезен во програмата на владата уште од 2018 година, дел од Националната стратегија за култура 2018-2022 и формално барање на ЕУ во делот за култура; каде сите овие проблеми ќе беа решени, како што ги решава цивилизираниот свет: преку законска регулатива.
И на крајот прашањето останува, освен наводното пост фестум, “справување” со уште еден проблем, од многубројните, поврзани со управувањето со Охрид и охридскиот регион, како заштитено подрачје на УНЕСКО; во магионичарски стил на “дефокус” од главните проблеми со “демонстрација” на одлучност и сила, дали некој, воопшто размислува за долгорочната штета, по заштитата на културното наследство и по заштитата на правниот систем? Затоа што, ако за секој проблем може решението да дојде “надвор од законот”, дали е тоа владеење на правото или владеење на вољата?
Да не заборавиме, демократијата ја прават институциите и системот. А, не оние кои во моментот се во нив.
“Во врска со спроведувањето на Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, Владата заклучи да ѝ укаже на Националната установа – Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид и на Управата за заштита на културното наследство, почнувајќи од 05.04.2021 година, заштитно конзерваторските услови, конзерваторските мислења и стручните контроли за културното наследство во Охридскиот Регион да ги изработува по претходно мислење, односно со учество на Националната установа – Национален конзерваторски центар – Скопје и по претходно мислење на Министерството за култура.
Министерството за култура, во рок од седум дена од денот на усвојувањето на оваа Информација ќе формира стручна комисија составена од докажани експерти за заштита на културното наследство која ќе дава стручна помош во изработка на актите за културното наследство во Охридскиот Регион, кои ги издава Управата за заштита на културното наследство.”