Груевски, непосредно пред да го добие упатот за одење во затвор во Идризово , се повикува на светлите точки од минатото, убеден дека напред нема светли точки. Дебаклот на оваа персона и неговата партија е во фактот дека тој темнина му нуди на целиот народ. Во одбрана на неговата „недопирливост“ на свој начин се вклучи и МПЦ, Ѕинго,Јанко Бачев…
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
За разлика од сликата во секојдневието, иако постреферендумска, која покаже дека божем живееме во мирната и здодевна Швајцарија, каде секој си ја тера својата работа, па уредниците на тв вестите кубат коси што да стават во информативните програми, во земјава врие. ТВ дневниците би можеле да траат со часови. Сите погледи се сега инаку завртени кон Парламентот каде треба да се обезбедат барем „тенки“ 80 гласови за да минат неопходните уставни измени со кои нашето приближување кон НАТО а потоа и кон ЕУ би продолжило, како еден вид на материјализација на Спогодбата од Преспа. И на референдумот да излегоа еден милион гласачи или тие да се нешто над 666 илјади гласачи, колку што излегоа, Парламентот ќе беше незаобиколив, бидеќи, за првата страна, како што истакна министерот Коѕијас, референдумот не е ниту важен, туку е значајно минувањето на промените во Уставот на РМ, во духот на Спогодбата, за и тие да им дадат работа на своите пратеници во Атина.
За сето ова, сите знаеме има два начина. Најкусиот и оној кој штеди време, но веројатно може да донесе горчлив вкус во устата за многумина граѓани, пред се оние кои се гадливи на компромиси со кликата која до скоро владееше со земјава, е да се оди на брзи преговори и да се обезбеди мнозинство од макар 80 притиснати копчиња. За ова решение се сите заинтересирани од странство (освен во Србија и Русија, секако), потоа сите партии кои не ги сакаат изборите, со различни изговори, па и во владеечкиот СДСМ, кои и штедат време.
Вториот модел зад кого засега стојат само во Бихаќка е да се оди на предвремени избори со цел да се обебедат две третини во пратеничкиот дом. Тоа би одзело најмалку три месеци во тајмингот кој Грција и ЕУ може да си го дозволи.
Во саботата ја пренесовме веста на Телма, која и покрај доцните часови имала голема читаност а која содржи сознание дека шестмина пратеници од ВМРО ДПМНЕ се нафатиле да преговараат за уставни измени? Кои шестмина? Бидејќи девет пратеници од опозицијата веќе беа спремни да се пишманат и во минатиот понеделник (тројца од петставниците на етничките партии во рамки на коалицијата на ВМРО ДПМНЕ, тројца социјалисти и исто толку пратеници на „црвено-црните“, од кругот на оние кои излегоа на гласање на 30 септември). Бидејќи владеачката коалиција има 71 глас (за еден помалку од постојните 72, заради веќе вообичаената опструкција на пратеникот Ферид Мухиќ), со тие девет би се добило потребното „тесно грло“ за измените на Уставот да можат да минат.
Значи, шестмина пратеници од ВМРО ДПМНЕ преговарале за можноста да го дадат својот глас за уставни измени, тврделе извори за Телма. Детали не се откриваат, а информацијата практично ја потврдија и од владеачкото мнозинство, велејќи дека се во постојана комуникација со колегите од противничкиот табор. Пратеникот од СДСМ, Мухамед Зеќири вели дека разговараат со сите пратеници, освен со Никола Груевски.
Од ВМРО ДПМНЕ не потврдуваат дали има средби со пратениците, но ниту негираат.Велат дека, и ако има, средбите се на ниво на пратеници, но не и на лидерско ниво. Потврдија дека имало средба и меѓу Мицкоски и Ахмети, но не откриваат детали. Со Заев, пак, би се сретнале само доколку се согласи да ги исполни нивните барања за техничка влада на 100 дена пред избори, јавен обвинител на предлог од опозицијата и Анкетна комисија за неправилностите од референдумот. Вчера и пратеникот Артан Груби, ја потврди средбата меѓу претседателите на ДУИ и на ВМРО ДПМНЕ, на која се разговарало и за евентуалното гласање за уставните измени во Собранието.
Нема сомнение дека оваа вест или можеби само „лакмус“ предизвика ефект. Расте притисокот и во ВМРО ДПМНЕ, но и кон сите што можат да ја пресвртат ситуацијата во Парламентот. Ѕинго, разбуден од неговата хибернација по губењето на изборите со коалицијата и дебаклот кај општинските ибори и во неговото Кратово, побара неговите тројца пратеници да не гласаат за уставни промени. Лесно му е нему, ама двајца од пратениците имаат сериозни проблеми со законот…
Тука е и МПЦ, која најде ден да се стави отворено на страната на Мицковски и неговата екипа, небаре одбележувањето на 60-те години од возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква е најдобриот термин да се заземе навивачки став и да се притиска врз верниците да останат верни на нивниот молк или индиферетност од пред една недела! Тоа се први во часот кога затворањето во границите на својот атар ги гаси и можностите да добие интернационална промоција!Ова секако е само доказ дека Мицковски дефинитивно се брани од надворешните притисоци преку внатрешна мобилизација. Да не го споменуваме претседаелот на Здружението Бојкотирам, кој рече дека ако пратениците на ВМРО гласаат за промена на Уставот, нема да стигнат ниту до границата! Се користат сите извори на поддршка и сите – методи…
Дека нешто „мрда во тревата“ покажа фактот што поранешниот премиер, а сега осуден на две години казна затвор, Никола Груевски во три по полноќ или во недела ептен рано наутро, објави статус во кој ги повикува пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да издржат и да не гласаат за уставните измени. Познато е дека Груевски вообичаено тешко заспива, ама сега имал и причина. Да не речеме дека бил во паника!
– Доколку од Вас, било кој и на било кој начин, бара да направите и најмала остапка која би била на штета на државните и националните интереси, ставајќи го тоа во корелација со запирање или ублажување на политичкиот прогон против мене ….ве молам без размислување, без ни малку колебање, одлучно да го отфрлите таквиот непристоен предлог … – пишува Груевски.
Тој вели дека „прогонот и жигосувањето“ врз него тој ќе го издржи и сето тоа е второстепено. При тоа – а да видиме колку е ретрограден неговиот светоглед – да споменеме дека го цитира Ниче (!): иднината им припаѓа на оние кои најдолго и најдалеку се сеќаваат на минатото.
Од ова треба да се заклучи дека неговата партија нема сигурен извор за да ја знае природата на преговорите и дека тој претпоставува дека се работи за неговата затворска иднина. За да се извлече од фактот дека тоа е суштината на кризата во која се наоѓа земјава, Груевски само си ја ишка мувата: сите знаат кој беше условот на преговорите, било да се дадени од Мицковски во мал круг, ама и пред многу сведоци (Клубот на пратениците). Индикативен е секако фактот дека тој амнестиционен пакет е посебно значаен сега, откако Апелација потврди дека барем за првиот од многуте предмети Груевски нема каде да бега од судиите.
Планот Б во Белата шампита инаку е и натаму да се омаловажува резултатот од референдумот. Така, иако ВМРО-ДПМНЕ го прогласи референдумот за неуспешен и лидерот на партијата Христијан Мицкоски упати „длабока почит“ кон граѓаните и констатираше дека народот не го скршиле ниту уцените, ниту бруталните закани, ниту списоците и малтретирањата, се увиде дека оние 605 илјади глаови „за“ никако не можат да се занемарат. Особено што западните авторитети сите до еден се фатија за таа бројка како доволно моќна постпреспанските процеси да се движат напред и ги стави „комитите“ во ново менгеме. Затоа сега, во втората фаза на отпорот, потпретседателот на партијата Александар Николоски ќе изјави дека партијата не го признава резултатот од референдумот! Ем му се восхитуваат, ем не го признаваат!! Во тој контекст ИК на опозициската партија бара да се формира Анкетна комисија во Собранието, која ќе ги разгледува сите неправилности и нерегуларности на денот на референдумот и разрешување на јавниот обвинител и избор на нов на предлог на опозицијата, кој требало да се позанимава со сите референдумски нерегуларности. Понатаму, партијата поднесе кривична пријава до Јавното обвинителство против повеќе од 200 лица, претседатели, заменици-претседатели, членови, заменици-членови и избирачки одбори, на избирачки места во Струга, Центар Жупа, Кичево, Желино, Боговиње, Пласница и Сарај. Тие обвинуваат дека на референдумот биле злоупотребени над 50.000 гласа. Се бара и смена на новиот обвинител Јовески, „кој не мрдна со прст“, демек требал нивната иницијатива самиот да ја поведе. Тоа го прави партијата чија техника на водење на избори се виде и од прислушкуваните разговори („бомбите“) – луѓето си знаат како се крадат избори… впрочем, ист е речникот на почесниот претседател Никола Груевски по локалните избори минатата година, кога СДСМ ги доби градоначалничките места во речиси сите општини.
Најдобар демант стигна од набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР која го следеше референдумот со 200 набљудувачи, која даде оценка дека референдумскиот ден бил мирен и добро организиран, слободата на изразување била почитувана, процесот бил професионален, транспарентен и непристрасен.
Набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и од Советот на Европа беа децидни дека иако имало одредени неправилности, тие не ја менуваат севкупната слика за референдумскиот ден. Ниту еден од набљудувачите кои учествувале во пребројувањето на гласовите не доставил извештај за полнење на кутии на некое избирачко место.
„На мојата последна прес-конференција со многу силни зборови го критикував притисокот врз државните службеници. Имав документи за ваков притисок, ако до шест часот не именувате дваесет луѓе кои ќе гласаат, ќе го изгубите работното место. За ваков притисок на овој референдум не слушнавме ниту еден навод. Жалам, но среќен сум што не слушам вакви наводи“, изјави шефот на делегацијата на ПССЕ, Штефан Шенах, во одговорот на новинарско прашање. И „ги утепа“ и Николовски и Груевски, оној славен двоец кој од Виена ги наблудуваше настаните што се случија на 27 април минатата година во Парламентот!
Дали тие тогаш, од својот пратерски видиковец помислија кон што ја туркаат државата? Дали знаат што ја очекува земјава ако не успее Преспанскиот процес? Или како и кај цитираниот Ниче – гледаат само во она што било, иако, се разбира тоа не е одраз на мисловниот ракурс на авторот на „Волја за моќ“. Но, има време – Ниче може добро да се исчита во затворска ќелија.