Арно ама, хотелот не беше продаден ни по третиот тендер. Турските бизнисмени, чии што родители биле токму од Горно Врановци, поради високата цена, си заминаа и никогаш повеќе не се вратија. И така од некогашниот убав хотел не остана ништо. Само поради тоа што некои сакаа да заработат „преку леб погача“!?
СТОИЛКО АНДРЕЕВСКИ
Во историското Горно Врановци, со средства од 23 велешки претпријатија, во 1986 година, беше изграден убав хотел. Сместен во прекрасната дабова и костенова шума хотелот беше вистинска атракција. Велиме беше атракција зашто од тој некогаш убав хотел денес не остана ништо. Украден или уништен е целиот инвентар. Забот на времето си го стори своето. Општина Чашка, која како поклон од Општина Велес го доби хотелот , освен што сакаше да го продаде и да заработи пари ништо друго не направи. Планот на тогашниот градоначалник Горанчо Пановски да го продаде хотелот и по трите распишани тендери не му успеа. Кога не се најде купувач Општината крена раце и им го остави на арамиите. А хотелот имаше 100 легла, современа кујна, ресторан, простории за спорт, базен.
Хотелот „Врановци“ успешно стопанисуваше се до транзицијата и до продажбата на претпријатијата, а потоа стана сопственост на државата. По барање на Општина, во септември 2012 година, Државата хотелот го врати на општина Велес. И наместо општина Велес да стопанисува, од се уште нејасни работи, тогашниот градоначалник Славчо Чадиев, со советниците на ВМРО, кој беа мнозинство, донесоа одлука хотелот да го подарат на општина Чашка и на градоначалникот Горанчо Пановски, исто од ВМРО, наводно поради тоа што Горно Врановци се наоѓа во оваа општина. Негодуваа советниците на СДСМ но, беа надгласани па Чадиев и Горанчо Пановски, три дена откако хотелот беше заведен во Катастарот, ја „свршија“ работата.
Не се чекаше многу. Веднаш градоначалникот на Чашка распиша тендер за продажба. На првиот тендер не се јавија купувачи, „наводно“ однапред договорени од Измир и Анкара, Турција. Чашка распиша втор тендер и покрај тоа што Државниот инспекторат за локална самоуправа донесе одлука за стопирање на одлуката на Општина Велес за подарување на хотелот во Горно Врановци на општина Чашка. Меѓутоа, од општина Чашка и по ова сметаат дека тие можат да го продаваат објектот, кој во два наврати го нудеа за 500.000, а потоа и за 400.000 евра, но купувач не се најде.
„Тие што направиле грешка во постапката нека одговараат. Ние немаме ништо со тоа. Објектот го добивме на подарок Затоа постапката продолжува. Хотелот ќе го продаваме“, тогаш рече градоначалникот Пановски.
Арно ама, хотелот не беше продаден ни по третиот тендер. Турските бизнисмени, чии што родители биле токму од Горно Врановци, поради високата цена, си заминаа и никогаш повеќе не се вратија. И така од некогашниот убав хотел не остана ништо. Само поради тоа што некои сакаа да заработат „преку леб погача“!?
Хотелот во Горно Врановци денес стои како споменик и уште долго ќе стои и ќе биде сведок на нечија негрижа. А тој навистина можеше да биде објект кој ќе го вратеше животот во селата од општина Чашка, а многу ќе помогнеше туристи и ученици многу почесто да го посетуваат историското Горно Врановци, во кое 1944 година претстојуваа највисоките органи на НОВ.
На крај ќе прашаме: кој го запусти хотелот во Горно Врановци и зошто!?