Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

КОЈ ДАТУМ ЌЕ ГО ОДБЕРЕ НОВАТА АЛИЕНИРАНА КЛАСА – ПРЕКАРИЈАТОТ – ЗА СВОЈ ПРАЗНИК?

May 9, 2023 Filed Under: Македонија

Класичните индустриски работници ги има се помалку, оние новите, со белите крагни не излегуваат на улица, па oтаму на Први мај манифестираат незадоволство само раководствата на синдикалните организации. Никој не го виде ниту прекаријатот, новата социјална класа која ги пали париските улици последниве години

И СО ЕДНИ И СО ДРУГИ Бесперспективните се со левицата ама и десницата ги повикува кај себе

ЉУБОМИР КОСТОВСКИ

Пред нешто помалку од девет години заедно со сега починатиот колега Васко Мицковски напишавме мала книга под наслов „Прекаријатот и новите херои на работничката класа“. Издавач беше Фондацијата Фридрих Еберт. Не можам да говорам за одекот на таа книшка ама можам да се заколнам дека добар дел од оние млади новинари кои дојдоа на промоцијата и бараа изјави пред камерите ама и со мобилните телефони кои изигруваа постандардни техникалии, беа и останаа дел од прекаријатот во земјава. Тоа говори дека тој израз за новите социјални промени во светот, на замената на работничката класа, еден нов сурогат, кој е надвор од класичните и секако застарени поделби на населението, особено она градското, секој ден се потврдува и на глобален ама и на локален план.

ПРВИ МАЈ ОПСТОЈУВА КАКО СЕНТИМЕНТ Одбележувањето на Празникот на трудот – Први мај и годинава е видлив доказ дека сликата која постојано се сака да се обнови за овој датум едноставно не штима и дека тоа е како да префарбувате ѕид со пораки на ноќните кабадахии, што денските комунални служби секако ќе можат да ги навјасаат.

Зошто? Па, затоа што социјализмот во земјите каде идеолошки господар беа комунистите ја отапе борбената острица на синдикатите. Нели, целта на борбата на работничката класа е исполнета! Во капитализмот се изгуби мотивот за работнички борби кога се правеа споредби со она што се случува во земјите на Истокот.

Но, имаше и промени во структурата на населението што прв ја забележа фасцинантниот Херберт Маркузе (1898 – 1979), кој рече дека сините крагни (класичните работници) се заменуваat со белите крагни, далекугледо согледувајќи ја новата сила која доаѓа во современиот свет: оние нa образовани млади луѓе кои го движат светот со компјутерите кои ги користат на работното место. Беше наречен ревизионист кај земјите од т.н. реал-социјализам, на Западот се сметаше за уште еден левичарски ексцентрик. Треба ли да се говори дека неговите предвидувања се остварија поочигледно откако информатичкиот свет стана клучен економски двигател?!  Само еден кус цитат од познатото дело „Еднодимензионалниот човек“ – во време кога неслободата станува стандард и озаконета практика, во време кога послушноста станува симбол на исправно однесување а критичката моќ на умот исчезнала во бескрајот на едноумието, мораме под итно да се запрашаме дали човечкото битие станало еднодимензионален човек?

АКО СЕ СКРШИ НЕКОЈ ПРОЗОРЕЦ Парискиот прекаријат не бега од тоа да ги ограбува симболите на луксузот

БЕЛИТЕ КРАГНИ СЕ ПОЈАВИЈА И ТИЕ СЕ ТИВНАТА РАБОТНИЧКА КЛАСА Но тука немаме статичност. Информатичарите не се доминантни а низ улиците, на протестите  минуваат и други млади луѓе кои се и образовани ама и невработени или барем не се дел од некакви стабилни општествени релации. Дали се сеќавате на жолтите елеци во Париз? Дали овој Први мај во Париз излегоа на улица два милиони прротестанти (по власта само нешто над еден милион) ама тие само делумно беа синдикално организирани а повеќето беа млади, гневни, совцијално изолирани и тие кое палат и жарат се’ пред себе.

Да, тие се оној прекаријат, кој може да се опишe на повеќе начини – како една нова класа, современа парадигма на Марксовиот пролетаријат, но и како материјална, душевна и социјална состојба, строго врзана за денешницата. Тоа што останува од Маркс е општествената алиенација, која, денес, има сосема поинаква и поголема тежина. Прекаријатот не е екстремна сиромаштија, туку една материјална и егзистенцијална несигурност, еден душевен и психички немир, цивилизациски недостоен за модерните општества. Тоа е еден вид класа во создавање што живее на маргините на општеството, апатична и без надеж за иднината, маса на луѓе која ниту си помага, ниту е потпомогната, а од секого е злоупотребена. Таа класа во создавање обединува различни категории граѓани, од луѓе кои никогаш немале средства, ниту образование, ниту работа, до луѓе кои имале, а денес немаат, кои биле некаква средна класа, а сега се една полукласа. Тоа се сите оние млади луѓе кои знаат како живееле нивните родители и се блокирани од неспособноста да станат сопственици на било што свое; тоа се повозрасните кои изгубиле сè, тоа се несреќници кои никогаш нема да добијат можност да станат нешто. Тоа се луѓе без влијание и, речиси, без права, тие се тажни и без надеж, или без заблуди дека некогаш ќе имаат пристоен, лесен и фин живот.

КЛАСА ИЛИ СОСТОЈБА НА ДУХОТ? Прекаријатот означува една состојба на очај и фрустрација од сознанието дека треба да се живее во општество кое не нуди никаква шанса, никаква кариера, никаква сигурност, па дури ни чувство за припадност. Прекаријатот, повеќе од социјална категорија е категорија на духот, состојба на постојано уназадување во секој аспект од човековото живеење. Тоа е онаа маса луѓе кои се исклучени и се апатични, со полужелудник, кои не можат да влијаат врз сопствената судбина. Ако строго се држиме до дефиницијата – прекаријат, тогаш доаѓаме до термин со кој се опишува фактот што, денес, голем број од населението е субјект на флексибилна експлоатација или „флексоплотација“ (ниски и несигурни плати, несигурно работно место, нередовни приходи) и егзистенцијален прекаријат (висок ризик од општествено исклучување заради ниските приходи, високите животни трошоци, итн.). Прекаријатот работи во несоодветни услови, за минималец или без било каков надоместок, не му се исплаќаат придонеси и прекувремени часови. Социјалната и економската несигурност со кои секојдневно се соочува, го фрла на социјалната маргина, обединувајќи се под називот прекаријат.

Етимолошки, зборот прекаријат е изведен од придавката – несигурна, која станала именка. Инаку е поврзан со обидите на Наполеон да го кодира римското право – така, францускиот збор précaire е добиен од латинскиот precarius. Имено, во римското право, прекаријатот е поврзан со несигурност при трансфер на подвижен или недвижен имот во секое време, бесплатно и без никакво осигурување од страна на сопственикот. Тој трансфер не е покриен со некаков лизинг, осигурување. Оваа социјална групација определува и нечесни професии, потоа и лумпен пролетаријатот, но и лица кои самите, во еден период од животот, се определиле да „живеат уметнички“, односно без трајни приходи, кои се жртвувани на сметка нан слободата на движењето и личната безгрижност. Но, тоа еволуциски не се потврдува како битен елемент за таква категоризација – она што во време на индустриската револуција бил пролетерот (оној кој нема ништо, освен својата физичка сила), станува дел од несигурноста како нов концепт на науката за постиндустриско општество.

ОТФРЛЕН ПА ПОТВРДЕН Маркузе не го сакаше ниту Западот, ниту Истокот ама стварноста ги потврди неговите предвидувања

ЖИВОТ БЕЗ ПЕРСПЕКТИВА Италијанскиот политиколог, Алекс Фоти, сугерира: „Несигурноста е во постиндустриското општество, пролетаријатот беше во индустриското општество.“ Социолозите Роберт Кастел и Клаус Дере, гледаат во оваа појава рецидив на социјална несигурност заради фактот што социјалните прашања се изостриле на почетокот на 21 век, додека претходно, во последните децении на 20 век, во економиите на Западна Европа постоела силна заштита на трудот и на вработените. Ова се случуваоло, пред сè, заради колективните договори, социјалното законодавство, законската пензија и трудовото право. Прекаријатот, како термин, најтесно е врзан за Гај Стендинг, еден од најинтересните интелектуалци на денешнината, англиски професор по социјални науки и работно право на Универзитетот во Бат. Член е на Британската академија за општествени науки, објавил повеќе од 20 книги и предава колегиум за глобализацијата и за економската сигурност. Тој е херој на работничката класа, идеолог на прекаријатот, на новите, на бесните, на лутото мнозинство кое во 21 век живее без перспектива, работничката класа која е соочена со селебрити-културата во која мал број богати и славни мавтаат со своите милијарди пред носот на другите. Светската дистрибуција на правда го измачува професорот Стендинг. И тој потекнува од работничката класа. И, на неа е горд. Сето она што денес се случува во светот го предвиде во капиталната книга: „Прекаријат, нова опасна класа“, која беше објавена во 2011 година. Таа стана „библија“ на луѓето во: Шпанија, Грција, Франција, Велика Британија, во Ирска…, насекаде каде младите чувствуваат дека системот во кој живеат е неправеден и дека треба да се менува. Според Стендинг, постојат неколку различни категории кои припаѓаат на оваа нова класа или полукласа на модерното општество – тоа се луѓето кои немаат високо образование и доаѓаат од работничката класа, работат, ако работат, на определено време и не можат да остварат никакви повластици. Прво, тие не се кредитно способни, немаат перспектива и се деградирани. Тие воопшто не размислуваат за иднината и немаат однос на сочувство и на солидарност со другите луѓе. Односно, тие ќе ја искористат шансата да земаат од другите, на пример, ако некој ги искрши излозите на продавниците, тие ќе земат нешто од нив, бидејќи, се чувствуваат искористени од системот и всушност, не водат сметка за другите луѓе. Таа солидарност е намерно искоренета.

ПЕРСПЕКТИВИ ШТО БЛЕДНЕАТ, ОМРАЗА КОН ТУЃИНЦИТЕ РАСТЕ

Потоа, во оваа група влегуваат и луѓе кои се образовани, кои завршиле високи школи, кои се многу умни и напредни, но се фрустрирани, бидејќи, живеат во општество за кое мислат дека не им нуди никаква шанса, никаква кариера, никаква сигурност, па ни чувство за припадност. Тие нема да земат стока од продавниците што се девастирани, но се чувствуваат дека се напуштени од сите, очајници се…Гај Стендинг, во интервју за неделникот „Глобус“, број 227, 31 август 2011 година вели: „Луѓето не гледаат дека политичките претставници им нудат било какви решенија. Но, ние во Европа мораме да се плашиме од третата и најопасна група на прекаријат – тоа се оние кои се отпадници од работничката класа и оние кои ги слушаат сирените на неофашистите. Ним неофашистите им говорат: вие сте толку слаби и уништени заради странците, заради доселениците, заради муслиманите, заради оние кои се поинакви од вас. Морате да ги исфрлите!“

Иако за прекаријатот се говори како за глобален феномен, оваа „поткласа“ во Македонија е многу побројна, отколку во другите европски земји – всушност, речиси, тука таа е поизразена во однос на класичната работничка класа. Оттаму, на одбележувањето на Први мај беа присутни само раководствата на синдикатите, бидејќи, одамна ние немаме вистинска работничка класа, најглсни се оние синдикати (како УПОЗ) кои ја штитат прекувбројноста на јавните дејности, една силна кочница за општествениот развој и резултат на притисокот на партиските лепачи на плакати за лагодни работни места! За споредба, во мигот кога екипата на Груевски ги покачи придонесите на хонорарите во земјава (декември 2014 година) на  улиците излегоа десеттици илјади протестанти, бидејќи, за голем дел од населението тие беа извор на приходи а претчувствуваа дека оние кои ги ангажирале едноставно ќе им заблагодарат на услугите (место да ги вработат, како што го образложуваше тоа во јавноста братучедот на Началникот). За помал дел од протестантите (кои без сите познати имиња од јавниот живот) хонорарите беа неопходен извор на приходи за да преживеат, покрај скромните плати, како актерите од нашите театри, на пример. Ако таква маса излезеше овој Први мај на протест немаше да стигне ниту традиционален казан со посно гравче а да не говориме за овој понудените понудените кебапи во лепиња.

Груевски своевремено ја повлече таа мерка, која не воведе во претсобјето на протестите на скопските улици, што продолжија со оние на студентите за потоа да настапи т.н. Шарена револуција.

ЕКОНОМИСТОТ СТЕНДИНГ Тоа е научникот кој го опиша прекаријатот

ЕМЈА СМЕ НА ОГРОМНИ СОЦИЈАЛНИ РАЗЛИКИ Македонија станува држава на мал број богати и на многу сиромашни луѓе. Креативниот тим на СДСМ неколку години пред промените во 2016/2017 година, создаваше едно креативно јадро кое сметаше дека социјално-економска цел на партијата треба да биде враќање на средната класа, групацијата која е израз на општествената стабилност. Еден од таа група (Драган Тевдовски) стана министер за финансии, кусо време а втората (Мила Царевска) исто така стана за кусо министерка за труд и социјала, но нивната идеолошка матрица едноставно беше удавена во кадровските пресметки со интересите на Комората и другите партии без идеолошки амбиции. Сепак, да споменеме дека Драган Тевдовски, го изнесе тврдењето дека Македонија има најнефер распределба на доходот во Европа. „Според распределбата на доходот, Македонија веќе силно се приближува до латино-американските земји.. Особено загрижува што 60% од населението заедно имаат понизок доход од најбогатите 10% во земјава“. Според Тевдовски, на Македонија и се случува една неприродна мешавина на два спротивни механизми – неолибералната идеологија и популизмот. Само со една цел – да се зголеми доходот и богатството на една мала група на луѓе. Тоа е една од причините зошто трајно не се подобрува стандардот на граѓаните, зошто повидливо не се намалува невработеноста и сиромаштијата.

Според едно истражување за нерамноправноста на трудот кај нас, електронскиот весник „Порталб“,во текст што го презеде „Глобус“, (број 392), објави дека пред 10 години сме имале, таканеречени: формално вработени мажи 301.517, формално вработени жени 202.741, додека статусот на „неформалните“ вработувања бил 91.000 мажи и 55.000 жени. Оваа последна категорија која е мерена во Заводот за статистика, веројатно е најблиску до онаа социјална слика која сакаме да ја добиеме. Tака, кога во Македонија постеле 504.000 лица кои работат во формален однос (работен однос на неопределено време), имало 146.000 лица се влезени во несигурен работен однос и односот меѓу првата и втората категорија е 3,5:1. Работата на црно е широко распространета

ЗАБОРАВЕНИ Узунов и Тевдовски како дел од тимот за социјални промени на СДСМ

ПРОМЕНА СО ВЛЕЗОТ ВО НАТО Со влезот на земјава во НАТО, во спцијасните стопански слободни зони влегоа дузина компании кои полека ја враќаат класичната работничка класа. Има напредок во однос на покачување на најниската плата а одливот на млади, квалификувани лица надвор од земјата ја менуваат таа социјална слика. Но го немаме тој тим на Узунов, Тевдовски, Царовска и другите да го измери соодносот на богатството меѓу разните социјални групи. Оттука има основ да се рзмислува прркаријатот да си размислува за свој празник, без оние ликови кои неофицијално ги молеа изминатите години новинарите да не се пишува за одредени незадоволства (да речеме за фабриката „Дрексел маер“) за да приливот на синдикалната членарина може мирно да влегува во нивната каса. Со таквите заедно…

Filed Under: Македонија

ГЛОБАЛНО ИСТРАЖУВАЊЕ: КАКО ВИ ОДИ РАБОТАТА?
ИЗЛЕЗЕ НОВИОТ ИЗВЕШТАЈ НА РЕПОРТЕРИ БЕЗ ГРАНИЦА: МАКЕДОНИЈА ИМА ПАД ОД ШЕСТ МЕСТА, СРБИЈА НА МИНИМУМ
ЦРВЕН КРСТ: ХУМАНИТАРНИТЕ ОПЕРАЦИИ ВО ПОЈАСОТ ГАЗА НА РАБОТ НА КОЛАПС
ПРЕВИРАЊА ВО ВЕЛИКА БРИТАНИЈА: СОЈУЗНИКОТ НА ТРАМП ВО ПОЛИТИЧКИ ПОДЕМ
ТАНЦОТ ЗБОРУВА КОГА ЗБОРОВИТЕ МОЛЧАТ – ТАНЦ ФЕСТ СКОПЈЕ ГО ОТВОРИ СВОЕТО 21. ИЗДАНИЕ

Најново

  • ГЛОБАЛНО ИСТРАЖУВАЊЕ: КАКО ВИ ОДИ РАБОТАТА?
  • ИЗЛЕЗЕ НОВИОТ ИЗВЕШТАЈ НА РЕПОРТЕРИ БЕЗ ГРАНИЦА: МАКЕДОНИЈА ИМА ПАД ОД ШЕСТ МЕСТА, СРБИЈА НА МИНИМУМ
  • ЦРВЕН КРСТ: ХУМАНИТАРНИТЕ ОПЕРАЦИИ ВО ПОЈАСОТ ГАЗА НА РАБОТ НА КОЛАПС

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet