Зачудувачки е колку кај нас има сили што се трудат да го закочат неопходниот од на општеството напред, макар и со минимален чекор. Дури и тогаш кога годината треба да ја украсат две симболични помрднувања во посакуваниот правец, некој го расипува лифтот кој оди нагоре. Аферата „Рекет“ говори за позицијата на СЈО, на ОЈО, на лакомоста но и наивноста на медиумите и новинарите, за вплетканоста на лицата од јавниот живот во меѓусебното уценување, ама највеќе за крупниот капитал и неговата моќ да наоѓа форми за да излезе со што помалку штета кога е фатена на мамецот
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Во филмот на францускиот автор Луј Мал – „Лифтот за губилиште“, најпознат по музиката на Мајлс Дејвис во него, претставена е приказна која говори за еден криминалец кој го убива својот шеф и неговата сопруга, која воедно му е љубовница. Се изгледа дека се работи за совршен злостор, доколку не се заглави лифтот во кој е убиецот. И не само што заради предавството на механизмот во зградата може да се открие пролеаната крв, туку убиецот може да добие казна и за нешто што не сторил…
Ако ги филтрираме настаните околу аферата „Рекет“ и ги исчистиме од сите ефемерности, мора да појдеме од фактот дека економскиот криминал на лицата кои станаа врв на преземање на националното богатството во малку раце, ја одржувааше со својата гола моќ во еден долг период. Дали тие држат 30, 40, 50 отсто … од националното богатство? Никој тоа не го пресметал ама тоа е огромно азно ама кога алибабината пештера ја изгуби својата поткрепа во форма на политичка моќ, се запалија црвените светла. Нападите врз СЈО, кое е формирано практично заради една група од дузина моќници, беа диказ дека таа политичка моќ добива и своја правна алатка. Уследи отворање на процесот „Империја“ кој направи во ноември минатата година зад решетки да се најдат „големите риби“, ова наиде на голема радост кај плебсот, бидејќи ако тие „фаци“ се во Шутка, тогаш сепак доаѓа „зората на слободата“, паѓаат оние крупни ѕверки кои може сериозно да го расклатат лифтот.
Но, не само што уапсените почнаа да си се однесуваат како да се во „Мериот“, во однос на начинот на кој се хранат (!), туку добија отпуст за Нова година, па им се вратија пасошите, па патуваат надвор од земјата … Всушност, денес се покажува дека кога фамознните имиња обвинети за здружување со цел на вршење на криминални дела влегоа зад решетките во Шутка, кога значи се одвиваше првиот чин, затворениците го имаа напишано сценариото најмалку за третиот чин!
Имено, излезениот Камчев кој денес се брани од слобода,бил наводно жртва на уцена од страна на сопственикот на 1ТВ медиумот кој најверојатно му ветувал олеснување на условите во затворот, па враќање на пасошот, потоа пониска казна или дури и ослободување од обвинението. Како што рекоа обвинителите на заедничката прес конференција на денот на избивањето на аферата „Рекет“, оваа персона заедно со засега уште едно лице изнудувала од пребогатиот Камчев пари за да исполни ветувањата кон него, покривајќи се со шефицата на СЈО Катица Јанева.
Тргувањето со влијание, за чија суштина како казниво дело објасни на заедничкиот прес на Обвинителството заменичката Лилјана Василевска, во мигот е во центарот на истрагата која треба да покаже дали Јанева, која во меѓувреме конвертираше отставка, знаела односно била несвесна дека некој профитира од блискоста со неа или во тоа има елементи за здружување!
Боки 13 е несомнено тип кому му треба покривање со туѓи вредности и авторитети. Тешко може да се замисли дека на отворањето на 1ТВ која тој ја нарекува негова а таа формално е на име на неговиот татко, можеше да дојде политичкиот врв на земјата (4 април 2018) ако во залог на истата не беа вградени имињата на многу познати новинарски имиња! Боки 13 истргува влијание преку познатите авторитети во журналистички занает, чиј групен портрет со месеци стоеше на билбордите низ градот.
Против истото лице, се водени и сега се водат предмети со многу серозни обвинувања. Кој знае колку сограѓани се измамени и оштетени, некои можеби и економски упропастени. Самиот призна во интервју на својата телевизија, дека неговата сметка е одамна блокирана. Па така од двајца македонски граѓани земал 800 илјади евра на име на „жирант“ дека ќе им обезбедува да добиваат социјални станови, а парите ги ставил на сметката на една бабичка. Случајот е откриен и документиран ама како и во други случаи Боки 13 е на слобода и прави нови кривични дела. Како, зошто? Кој стоел зад него кога истиот е на слобода (нема пари за обесштетување) и кои се тие кои го покриваат цело време? Едно од прашањата кои бараат покомплексна истрага е дали постои спрега со моќници кои имаат посилни врски во третата власт? А кај нас имињата на таквите се бројат со прстите на една рака. Прашањето на сите прашања е – дали Боки 13 бил во спрега со самиот Камчев а дека сето ова што го следиме е претстава за сите нас. Впрочем, дали не се забележува во мигот дека по отворање на аферата „Рекет“ сите заборавија кој е Камчев, односно дека тој од криминалец од прв ранг се претвори во – жртва на системот, водно за миг ја сруши институцијата СЈО и ги компликуваше релациите меѓу партиите во и онака заплетканата ситуација со одредувањето на иднината на СЈО а со тоа битно се подобруваат изгледите на политичката мафија која кај нас е муштерија на оваа институција?!
Веројатно и затоа активниот и отворен претседател на државата Стево Пендаровски побара од надлежните што е можно побрзо да го решат случајот „Рекет“ и да не се остави ни најмал простор за сомнеж. „Последниве денови сме сведоци на една крупна афера која има многу шпекулации, која очигледно оди низ многу слоеви на нашето општество, и економски, и криминални, и политички, за жал и јас од оваа позиција не гледам политички притисок ако кажам дека инсистирам државните органи во таа таканаречена ситуација или случај ’Рекет“ да ја истераат работата што е можно побрзо, до крај…“. Зачудувачки е колку кај нас има сили што се трудат да го закочат неопходниот од на општеството напред, макар и со минимален чекор. Дури и тогаш кога годината треба да ја украсат две симболични помрднувања во посакуваниот правец, некој го расипува лифтот кој оди нагоре. Аферата „Рекет“ говори за позицијата на СЈО, на ОЈО, на лакомоста но и наивноста на медиумите и новинарите, за вплетканоста на лицата од јавниот живот во меѓусебното уценување, ама највеќе за крупниот капитал и неговата моќ да наоѓа форми за да излезе со што помалку штета кога е фатема со мамецот.