КОЈ ДА ТИ КАЖЕ АТИЏЕ
Дилемите имаат свој антички корен и своја пеколна националистичко-фашистичка крива линија- Атиџе, и покрај сè , велат тие- не е наша, не е полнокрвна, горда Македонка, нема ни најмал траг од некакво залутано генче за да се слави како наша, македонска светица
Само гледајте ги дебатите низ социјалните мрежи околу дилемите – дали да се слави жената-борец Атиџе, дали да биде прогласена за наша национална гордост или не, што да се прави добога, кој пат да се фати, а да се остане чистокрвен македонски патриот?
Дилемите имаат свој антички корен и своја пеколна националистичко-фашистичка крива линија- Атиџе, и покрај сè , велат тие- не е наша, не е полнокрвна, горда Македонка, нема ни најмал траг од некакво залутано генче за да се слави како наша, македонска светица.
Настрана купиштата светски награди, признанија, а да не го спомнувам најважното- филмските рецензии на критичарите низ највлијателните и најважните медиуми од сите континенти. Нашиве твродкорни Македонци ги расчленуваат, копираат и разделуваат во манирот на генетски чисти антики дотаму само до каде стигнуваат режисерските бравури и мајстории на талентираните Тамара Котевска и Љубомир Стефанов.
Но, што да се прави со Атиџе, кој став е прикладно и задоволувачки да се заземе, а да не се навреди македонштината? Нашиве попалени националисти деноноќно се во потрага по претците на Атиџе- се бара траг од ситните честички на ова тло, црпејќи ја и најмалата можност да има некаква подзаборавена архива од македонизмот во нашава Атиџе.
Знаете како, секако дека може и да се толкува и на различни начини оваа фашистичка каписла која тлее во секој вистински, од глава до петици, македонски патриот. Не ме сфаќајте погрешно, не се жестете веднаш- дослушајте докрај кои се сите опции во понудата.
Најпрво, да се соочиме со фактичката реалност, да ја разгледаме вековната ѕвездена прашина низ која поминувал типичниот македонски националист. Тој замислува и е убеден во тоа дека се јасни корените на неговото лудило во величање на македонската генијалност која е запишана во секоја пора на сечиј чист, ариевски македонски организам. Ги отвора прашливите тефтери, ги отчепува мемориските картички од малиот мозок, ги пребарува архивите низ интернетските лавиринти и- се довлечкува до првото гранапче. Ја тркала гајбата во меѓувреме, затоа што мора на нешто да се поткачи, додека го држи својот историски говор За македонцките работи.
Нудејќи ја перспективата на Милошевиќ и неговите воинствени и убиствени говори, нашиов вистински Македонец, веќе размрсулавен од возбуда што се има да каже- започнува. Ги споменува сите досегашни и идни нобеловци кои ги дала оваа генијална земја- од природните до општествените науки, се редат неверојатните успеси на синовите, и слабо по некоја ќерка, да не речам непостоечка, кои создавале историја во науката, во светот, имале цивилизациска вредност и важност.
Сакавте докази- навигидоказитенатемаго, прости и строги како македонска песна, неопеана и нечуена, никаде и никогаш. Ги нуди на расчленување и анализа на маалските будали, еднакво важни и големи шутраци во убеденоста дека се работи за истиот филм низ тескобниве децении, каде можете само да кукате и да липате над сиромаштијата, социјалното проклетство, мизеријата во која сме сите ние, жалните напатени фигури, на кои ниту гајда не може да им ја долови трагичната судбина во која вековно се вовлечени- да цитирам дел од расправиите на нашиве нобеловци, генијалци во научните изуми на македонскиот ум, никогаш модифициран код на великаните.
Не е важно дали ви се допаѓа или не- Медена земја, поважно од сè е крстот на срамот што го носи Атиџе- затоа што не припаѓа на нашите аристократски претци, лордовите и војвотките на овој народ, македонски, величенствен, кој сега е запустен и понижен како низ светот е претставен и опишан. Кој да ти каже Атиџе, кога сè знаеш и сама, кој воопшто има што да ти каже.