БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Најинтересно за продолжување на благородната национална хистерија, денеска би било убиството на Никола Груевски. Замислете каква дебата би отворила смртта на осудениот злосторник во бегство
Велат дека спортот е измислен во третиот век пред нашата ера: Македонците ќе убијат некого од своите, па потоа со децении и векови расправаат кој е убиецот.
Најголемо задоволство им пружи смртта на Александар, еве и по толку векови, се уште на масата стои наградата од сто милиони евра за оној кој ќе докаже кој генерал, шпиун или љубовница, го убиле царот над царевите. Или, да се вратиме во поново време: кој го убил Кочо Рацин, кој ја убил Лена Стојческа, кој сакаше да го убие Киро Глигоров, кој го уби Јордан Мијалков, кој сакаше да го убие архиепископот, зборавив како се викаше, кој го уби претседателот Трајковски, кој го уби новинарот Младенов….
За некои од овие лица воопшто не е утврдено дека се убиени, но истрагата, сеедно, продоллжува, со мали паузи, но со иста страст.
Се случува луѓето да потонат во исцрпеност и некоја форма на досада од претходните истраги, па одат на нови убиства за освежување на истражувачкото љубопитство.
Најинтересно за продолжување на благородната национална хистерија, денеска би било убиството на Никола Груевски. Замислете каква дебата би отворила смртта на осудениот злосторник во бегство. Дали го убил Орбан затоа што почувствувал дека премногу му тежи, дали го убиле унгарските служби без знаење на Орбан, но со идеја да го спасат од смрдежот на македонското говно, дали го свирнале Америкнците или, можеби Русите, затоа што им доцнел со ратата, да не го средил Таип затоа што не преминал на ислам, како што ветил, да не го ликвидирале македонските служби по налог или без налог на Заев, можеби Сашо пратил луѓе да му се одмазди за својот незавиден статус, тој, Груевски во „Кемпински” а тој, Сашо, во Шутка, или целата рзбота ја завршила Фракцијата на Црвената арамија на вмро-дпмне како чин на одмазда за изневерената кауза и предадените луѓе? Јас лично не би ја исклучил и можноста да го средил и газдата на некоја будимпештанска кафеана кај што немал пари да си го плати гулашот.
Се разбира дека Јавното обвинителство ќе отвори предмет. Ќе мора да се формираат неколку анкетни комисии. А за телевизиите да не ви расправам. Мицко во „Само вистина”: го уби злосторничкиот режим на Заев, Оливер Спасовски во Топ-тема: ова е продолжение на вмровската традиција да се истребуваат меѓу себе! Тања Кара Ками Шева во „8.900 степени”: Го убија затоа што на Езерото Балатон ми рече дека мене ќе ме тури за наследик, односно дека Мицко е шалабајзер!
Каква забава би било тоа, луѓе мои!