ВЕЛЕ МИТАНОВСКИ
За време претседателската кампања, кога победи Трамп, сопругата на Криминалниот бос Илија Павлов донираше пари во Изборниот штаб на Хилари Клинтон. И беа вратени со образложение: „ние валкани и испрани пари не користиме“!!!
Утрово, вниманието ми го привлече фотографија од Охрид, објавена на Фејсбук, уште во октомври 2014, од страна на многу агилната и општокорисна јавна група: „Охрид – слики на минатото“.
Авторството на старата фотка е адресирано кон мојот гимназиски другар Климе Белко. Фотографијата предизвика многу коментари, многу воздишки, многу убави спомени, но, за жал, и многу болка. И една воздишка на мојата дребност:
Сите убавини, како оваа пред култниот хотел „Парк“, во Охрид, ги лапна најдолниот слој од општеството. Сурати – со „два дена школо“, неписмени, бесчувствителни, безочни, без трошка емпатија кон соседот, пријателот, сограѓанинот … Како тоа им успеа, кој тоа им го овозможи?
Сето тоа е организиран криминал на политичко-судската и банкарска мафија.
За овој случај сум пишувал и го знам во детали. Само кратко: овој простор и целиот комплекс хотели е присвоен со највалканите пари на Балканот, од најголемиот криминален бос, Илија Павлов, убиен од конкуренцијата среде Софија.
Само уште еден детал. Пред да го убијат сопругата ја склони во САД. За време претседателската кампања, кога победи Трамп, сопругата на
Павлов донираше пари во Изборниот штаб на Хилари Клинтон. И беа вратени со образложение: „ние валкани и испрани пари не користиме“!!!
Случајот сакаше, во Изборниот штаб да се најде и една јунакиња, од една моја радиорепортажа (на Сопер Радоо емитувана) работена за Радио Ѕид од Сараево, на професорот Здравко Гребо. Тоа беше времето на опсадата на Сараево. Емисијата беше внесена преку подземниот тунел и емитувана. Беше направена со бегалците од Босна, засолнати во Охрид (Зоран Стевоски), со припомош на Црвениот крст од Охрид (Миле Трпеноски). Тоа, мало девојче од раните деведесетти на минатиот век, од Охрид замина за САД, порасна и стаса до волонтерка во Изборниот штаб на демократскиот кандидат Хилари Клинтон.
Е, па сега, како нам ни се протнаа пред очи, тука до нас и „кој ни го тоа направи господа – другари!?” (омилена реченица на Љ. Иванов Sинго)!!!!!!!
Одговорот се наоѓа во секој од нас-поединечно. Се разбира и на „Илинденска“ б.б и Собранието, но и во Охридскиот суд, и во Банката, кај адвокатите, нотарите … насекаде.
Сите ние сме поразени до коска. Ние како локумче го лапнавме фактот, еден хотелски бренд, кој го носеше името на најубавиот крајезерски простор – Горица, да се „ребрендира!“ со името на една, божем, „госпожа!“.
Сите ние го носиме тој колективен срам, пред сè, ние од Охрид. Сите ние, кои поминуваме пред хотелот Палас, првенецот на македонското современо хотелиерство, и еве веќе скоро две децении, не ја удривме главата од ѕидот со прекрасни делкани камења, влечкани можеби и од некој далматински остров, кои чинат (само тие!) колку што хотелот е приватизиран, читајте ГРАБНАТ!
Како тоа, спиеме мирно, растеме и старееме со мирна, но нечиста совест, што дозволивме сето тоа богатство, кое носеше вработувања и приход, сега да зјае и чмае – празно, затворено, запуштено!!
Ќе се најде ли јунак да пресмета колку стотици милиони се изгубени поради неработењето на овој огромен сместувачки капацитет?
Ќе се најде ли некој јунак, или јунакиња, кои ќе нè организираат и самоорганизираат, да излеземе на улиците и плоштадите и јавно да ги поставиме прашањата кои лебдат во воздухот, не притискаат како ноќна мора, а никој не ги поставува, ниту пак некој од повикание нуди одговори!?