ЛИНА ЌОСТАРОВА
Проценката за издржливоста во вакви ситуации ја носат други, зашто тестирањето на нејзините граници е секогаш најризичната варијанта. И тоа се нарекува грижа за оние без кои не можеме, и нема да успееме
Води ли некој сметка колку му останува за одмор, како го користи, колку спие, како се храни и како одржува кондиција првиот човек на битката со Ковид – 19? И колку воопшто може да издржи еден човек на така ризична, истурена и одговорна задача, да организира и спроведува кризна интевенција во целата земја – континуирано, со несмалено темпо, на долги патеки? И притоа да остане здрав, успешен и во полна форма? Дали некој пресметал колку енергија треба, и од каде таа се црпе и обновува за сето она што Министерот го испорачува секојдневно – да постави, организира и спроведува мерки во неконтролирачки околности, со динамика која носи се поголеми предизвици и неизвесности, како се движиме кон крајот? А крајот не се ни назира, и никој не знае што ќе донесе.
Првиот човек на здравството и извонредно успешниот координатор на кризната интервенција до сега, треба зад себе да има тим за лична заштита кој ќе се грижи за неговото здравје и добросостојба, како и за тоа кој и каде може соодветно да го замени и ослободи од сите непотребни напори, како што се честите брифинзи, конференциите за печат, медиумските појавувања и сл. на кои тој по стоти пат одговара на исти, често и сосема бесмислени прашања. И како е можно да нема никој до него кој ќе ги води средбите со медиумите, на пример, и ќе го ограничи нивното време?
И тоа е најмалиот дел од она што реално се случува во неговото неограничено работно време. Кој знае што сеуште се одвива во позадината на секојдневните одлуки и решенија, носени под разни притисоци на време и сложени последици по луѓето и целата заедница? Во кои тој не само што учествува, туку и мора да надминува безброј препреки, неправилности и самоволија? И ДА, знаеме дека не е сам, и дека го дели товарот со уште многу. Но, кој се грижи за него и кого тој самиот мора да послуша, кога е исцрпен и на крај на своите снаги? Кој стои до него во грижата за неговата лично здравје и состојба?
Истото, во поинаква организација, но не и помалку важно, е улогата на тимови од лекари, психолози и други помошни служби кои треба постојано да бидат на располагање /со поддршка, совети, компетенции и надлежности за одлучување/ за луѓето од првите борбени редови да бидат безбедни во својата работа. Тие мораат да водат сметка колку се и каде се, како се трошат и кога да се заменат со нови групи помошници /лекари, сестри, лаборанти, војници, волонтери/, на одредено време. Тоа мора да постои и се нарекува „помош на помагачите“, особено во услови на доготрајни, исцрпувачки акции на спасување, чиј успех целосно се потпира токму на најспособните, најиздржливите, и најискусните. Но, без грижата за себе и за другите, ефектите можат да бидат десеткувани.
Единственото нешто што најдобрите и најистакнатите, меѓу кои и Министерот, во оваа борба, мораат да го испочитуваат, без правото на сопствен став и мислење, е проценката колку и до каде можат да издржат со истото темпо и одговорности. Проценката за издржливоста во вакви ситуации ја носат други, зашто тестирањето на нејзините граници е секогаш најризичната варијанта. И тоа се нарекува грижа за оние без кои не можеме, и нема да успееме.