Се дозна дека некој висок функционер викендов ја напуштил Македонија. Добро, ќе речете, барем се намалува нашата меѓународна изолираност, која е колосална, ако се мери според позицијата на „најмасовната партија“ меѓу братските организации и според угледот на шефот на државата. Сепак ако побегнал Груевски, тоа е веќе проблем за земјава гледано од повеќе агли
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
За оние кои во понеделникот наутро ги читаа ретките ама сепак присутни дневни весници во земјава, главна дилема беше дали е вистина дека во деновите на викендот некој висок функционер на земјава заминал зад границата? И кој?
Дали патникот е поранешниот премиер на оваа земја и некогашен лидер на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, кој требаше да се јави во затворот Шутка, со оглед дека ги потроши сите жалбени постапки во однос на инаку извршното судско решение, како обвинет и осуден актер во аферата „Тенк“.
Имаше и втора опција. Практично, дури по завршување на една важна манифестација во Париз, одбележување на завршувањето на Првата светска војна, дознавме дека таму бил и шефот на државата Иванов. Ја минал границата за да биде дел од корпусот на 80 шефови на држави и влади од светот, кои присуствуваа на централната манифестација за одбележување на 100 години од завршувањето на т.н. Голема војна. Медиумите молчеа за таа визита и можеме да толкуваме која беше целта на пост фестум информацијата дека Иванов и сопругата биле пречекани во Елисејската палата од францускиот претседател Макрон и неговата сопруга, по што заедно со присутните шефови на држави и влади се упатиле кон Триумфалната капија, каде се одржа централната свеченост.
За јавноста беше интересно сознанието дека во соопштението од кабинетот на Иванов не беше споменато никакво помилување од претседателот кон некого, бидејќи, една од веројатните активности што се очекуваа од претседателската вила на Водно е дека евентуално
Претседателот би се заложил со свој „декрет“ да го спаси својот партиски и секако шеф во животот од влезот во Шутка! Не сакал да го користи институтот или пак знаел дека Груевски сепак си е безбеден и нема да ја де затворска храна?
Вистина е дека околу помилувањето има различни мислења. На пример поранешниот главен јавен обвинител Јован Трпеноски вели дека претседателот Ѓорѓе Иванов не може да го помилува екс-премиерот Никола Груевски за случајот „Тенк“ затоа што тоа веќе еднаш го направил и увидел дека тоа не е можно без постапката да мине низ процедурите. „Иванов еднаш го помилува Груевски во фамозните аболици и увиде дека тоа не е можно без постапката да помине низ Министерството за првада. Веќе е донесена правосилна одлука за тоа и тука приказната е завршена – вели Трпеноски за „Фактор“. Од друга страна „Фокус“ твди дека ако сака, претседателот според Законот за помилување тоа може да го стори.
Иванов очевидно не го искористи тоа право или одел според укажувањето на Трпеновски и други правници, па замина речиси инкогнито на Елисејските полиња и што се вели – не го понесе печатот со себе! Дали, да повториме, му беше јасно дека Груевски или има добра скривница во земјава или пак заминал зад границата на Македонија во исто време кога и тој со сопругата? Или можеби и порано.
Впрочем, Иванов има голем проблем со своето одење во странство. Секој пат, откако е сосема јасно дека пријателските покани се ограничени на неколку земји ако и таму веќе насмевките не се замрзнати, тој самиот секако има трема кога го вади пасошот. Видовме како неодамна мина во нему пријателската Бугарија каде наиде на затворени врати (кај премиерот Бојко Борисов) или подобро да не влезеше кај претседателот на државата во Софија заради прекорите кои ги доби. Негов алиби за излез се само официјалните покани. Таква беше онаа во Обединетите нации, овој октомври, каде одржа скандалозен говор, чиј одек се заборави само благодарејќи на фактот што кај нас секој ден има дузина нови скандали. Германската канцеларка го одбегна при посетата на Скопје а таков е случајот и со американскиот висок функционер Палмер!
Неговите од кабинетот очевидно биле претпазливи со парискиот викенд, па веста за посетата на Париз ја држеле малку „под мраз“, за да видат најпрвин како тој ќе мине во главниот град на Франција, да нема некоја вербална егзибиција од типот „не се ракувавме (со Обама) ама си намигнавме“… Кога посетата минала беа пуштени некои фотографии кои треба да посведочат дека Иванов е официјално лице кое се ценело на прославата на Елисејските полиња. Но, јасно е дека сликањето со домаќинот Макрон и неговата сопруга е едноставно протокол – како што на свадба мора да се сликате со младоженците, така и при посетата на претседателската палата мора да ве сликаат кога влегувате и се ракувате со домаќинот на приемот. Дека се сликал со Путин, секако е очекувано, ама рускиот претседател се ракувал и разговарал со Тачи од Косово! Што нели, не би помислиле ниту во сон. Таков е случајот и со сликањето со Трамп: после говорот на Макрон, каде беше недвосмислено критикуван, американскиот претседател беше лут и дезориентиран. Впрочем, на прием сите гости мора да имаат еднаков третман. Но колку секунди траел разговорот со Иванов? Зошто нема извештај за тоа?!
Нема дилеми дека официјалните посети на странски шефови на држави или премиери на земјава, во последниве девет-десет години, исто така, може да се набројат на прсти. Дипломатската активност на претседателот Иванов е со најслаб квалитет од агендите на сите досегашни претседатели на државава, а тој неодамна во дипломатски кругови во Брисел беше наречен „фактор на дестабилизација“.
Дефиницијата за дипломатската активност секојпат е рефлексија на внатрешните состојби на државата. Сите претходни претседатели имале за што да разговараат со меѓународната заедница. Иванов нема за што да разговара и затоа ниту го викаат ниту оди некаде. Освен кај овие што се од Централна Азија до Орбан и Ердоган – коментираше еден дипломат кој посака да остане анонимен.
Но, ако немаме извештај за евентуалните разговори, кои можеле само да се протокаларни, неговите медиунски советници сугерирале да имал говор на место каде нема да отвори полемики или дилеми. Или каде никој нема да му се спротивстави. Така, Иванов се обратил во Школата за млади лидери што ја организирале во Париз од Скопје. Во секое општество е потребно да се инвестира во идните лидери – истакнал тој а Школата која тој ја води можела да бие пример за тоа. Само не излегуваат секогаш тикви, ако се садат краставици, би рекол нашиот народ.
Впроечм, неговите патувања надвор, како и кај вториот актер во приказнава – Груевски, биле најчесто без содржина, и се само алиби да не се биде дома, бидејќи често се совпаѓале со крупни настани во земјава. Последната – онаа пред париската „романса“ – е неговото одбегнување да биде во Македонија на денот на референдумот! Тој се изјасни дека нема да гласа и замина.
Коментаторот Ѓорѓи Тоневски заклучи дека „наместо да ја изврши својата граѓанска задача и да го заокружи своето гласачко ливче, тој безочно, на наочиглед на целата јавност се определи за бегство. Со голема доза на суета и малициозност, без гордост и достоинство, без трунка одоворност, без чувство за државништво, без благодарност за незаслужената 10-годишна надокнада за позицијата Претседател на државата, тој ја напушти таа држава и, по угледот на диктаторите и прогонетите лидери, со препорака од неговите ментори, се сокри во странство додека помине фортуната – гласањето… На очиглед на сите нас и меѓународната заедница тој едноставно побегна за да не го даде својот глас за опстанокот и развојот на оваа наша мала, но сакана државичка“.
Што се однесува до вториот можен бегалец во странство, Никола Груевски и тој заминуваше надвор кога беше жешко. Ако сега побегнал, што не е исклучено, тоа може да има многу последици – по оние што се на власт, потоа по оние од неговата партија кои го бранеа до крај и ја девастираа својата „дружина“, се до другите осуденици или обвинети кои сега ќе бидат гледани со построги очи од правната држава.
МВР по известување од Кривичниот суд дека не може да ги пронајде осудениот Никола Груевски за да му врачи решение веднаш да се упати во затвор, во понеделникот попладне распиша потерница по него. Да почекаме уште малку, како што би им рекол Мицковски на своите пратеници.
Ах, да, да не заборавиме и јавно да прашаме – на која страна од бината и во кој ред седеше претседателот Иванов во Париз?