НИКИЦА КОРУБИН
„Сите сме исти“ е синтагмата на тие што сакаат еднаквоста да ја стават на своето ниво на разбирање и практикување политика, која не доведе до ситуација на антисистем, односно целосно разградување на институционалноста како верба и професионалност во и кон системот, кој е всушност самата држава која треба да го продуцира и оддржува цивилизацискиот поредок
Јавниот линч што се одвива деновиве кон поранешното СЈО, говори за нашата/нашето кратка(о) памет(ење). Заборавот стана дневна пракса за клучни промени кои се одвиваа и одвиваат пред наши очи, со или без наше учество и присуство, но со редовна сеприсутна критика. Многу брзо заборавивме на феноменот на „заробена држава“ и причините за формирањето на СЈО, комплетно разградениот систем и целосно узурпираните институции. Никој никогаш не рекол дека патот е лесен, туку напротив тој е толку тежок, колку што тежи севкупниот интелектуален и професинален капацитет, но и рационален приод што е можност, а што желба. Но, се чини дека желбата или уште поточно страста и тоа онаа примордијалната за „резултати веднаш“,, како исполнување на сите можни празнини и пропусти, соучесништва и премолчувања; е таа радикална дволичност, од целосно подаништво до невидено чувство за слобода и правда, како тоа да дошло, само по себе. Од краен дефетизам до нереална супериорност. И притоа секоја индивидуална грешка и вина се генерализира, а се суди и осудува веднаш. Тривијалноста и згрозеноста за се и сешто, најчесто за беневолентни и тривијални пропусти, далеку од монструозната злоупотреба на цел систем, сите ги прави на прва рака „криминалци“, бидејќи изедначувањето стана синоним за „амнестија“.
„Сите сме исти“ е синтагмата на тие што сакаат еднаквоста да ја стават на своето ниво на разбирање и практикување политика, која не доведе до ситуација на антисистем, односно целосно разградување на институционалноста како верба и професионалност во и кон системот, кој е всушност самата држава која треба да го продуцира и оддржува цивилизацискиот поредок, кој не раздвојува од бруталната примитивност која ја гледаме деновиве во различни форми и појавности. ,,Сите сме исти,, е всушност очајната потреба за изедначуање, за во тој хаос на претопување, разликата да стане непотребна, а вината фактички амнестирана. Но, оваа амнестија е бесцелна за општеството, а неопходна за виновниците. За тие да добијат, сите други мора да загубат. Смисла за реалност, чувство за контекст и можност за иднина. И разбирање за компромис со цел и компромис без цел, компромис за иднина и компромис за минато, па сеедно дали е тоа историја или обид за извлекување од реалната ситуација и позиција, кои сме и што можеме.
И нема гневот да го потиснеме ако сите ги прогласиме за виновни, само затоа што биле дел од системот кој се обидувале и обидуваат да го променат, ниту пак личната фрустрација ќе биде полесна, ако „другиот“ го обвиниме за недостижноста на правдата. Вината има име и презиме, но и таа има право на одбрана. Но, што правиме со невините кои брзоплето, брутално и површно ги ставаме во кошот на нашата кратка памет и кратко паметење? Затоа што ние сакаме се „веднаш и сега“? Затоа што сме навикнати другите да ги извршуваат нашите замисли и идеали? Затоа што монструозниот систем се менува на повик? Затоа што интересите и клановите се посилни од фактичката моќ? Затоа што моќта и влијанието не се привилегија, туку обврска? Затоа што сите не сме исти, ама полесно е да бидеме, за личниот бес, комплекс и анимозитет да ја добие својата храна? Затоа што некој смее, а некој не смее да носи клучни одлуки? Или едноставно затоа што провинцискиот менталитет има многу лица, дури и со елитистичко руво. И кога и како луѓето ја добиваат и губат шансата? Кој тоа одлучува во форумот на гладијаторски битки? И од која позиција, од позиција на гледач кој сака спектакл или на граѓанин кој сака расплет и решение? И кога тоа контекстот стана небитна работа? Бидејќи тој беше почетната точка, каков беше контекстот на правото, правдата, слободата на говорот, иднината на државата пред неколку години, а каков е сега?
Луѓето ги создаваат своите херои, но луѓето си ја уништуваат и својата перспектива. А, овие луѓе сакаат жртви. Или можеби тие самите сакаат да се чувствуваат како жртви. Бидејќи жртвата нема никаква одговорност, туку има само права. Права да се жали, права да се самосожалува, права ништо да не реши, права вината секогаш да ја бара кај другиот. Право на завист, право на виша вредност, право на потсмев, право на очај. Право на се, освен на разбирање на сегашноста. Кому тоа треба, сигурно не на оној, кој совршенството го бара само кај себе.
На крајот се е до капациетот, капацитетот да се просудува рационално, капацитетот да се информира правично, капацитетот да се работи, капацитетот да се употреби, а не злоупотреби влијанието … капацитетот да се памети долгорочно, за сјо, за политичките одлуки, за борбата и за намерата …