ДЕНКО МАЛЕСКИ
Неумереноста на зборот произлегува и од фактот дека не постои доволно сознание кај македонски политичари дека, иако навиките останаа, времињата се сменија. Во овие нови времиња на обединета Европа, афирмацијата на македонската држава и нација нема да се одвива, како некогаш, во конфронтација туку во соработка со бугарската држава и нација
Блаже Конески ќе напише песна за „зборот“:
Чувај го зборот добро врзан
Како необучен коњ
Што знае да каса, да клоца, да мава.
Чувај го!
Зашто,
Ако го пуштиш така
Разоглавен по чаирите,
Кој знае која луда глава
Ќе посака
Да го јава.
Ги пишувам овие редови зашто некни прочитав во медиумите објавен фесјбук статус на професорот Огњен Минчев, истакнат бугарски интелектуалец, кого го познавам и кој бил гостин во мојот дом во Скопје пред дваесетина години. Минчев пишува дека официјални лица од Скопје „отворено и бескрупулознно користат хулигански јазик во однос на бугарската држава и бугарските официјални лица“ и ја повикува бугарската држава да одговори со дипломатски чекори. Пишува дека не се согласува со бугарската политика кон Македонија од 2019 наваму. Не знам во што е несогласувањето но тоа не е темата на овој запис. Она што го знам е дека се работи за еден пристоен и толерантен човек чија реакција не е насочена кон македонската нација туку кон еден непримерен речник на нашите политичари кој се употребува периодично. За да биде уште полошо, моите надежи за подобрување на односите со Бугарија не биле толку во дијалогот помеѓу националистите колку меѓу либералните умови од двете страни на границата. Огњен Минчев е еден од нив. И со нив ли ќе не скараат нашите националисти?
„Дали можете да замислите ако Бугарија во времето кога влегуваше во ЕУ, користеше таков јазик кон Грција“, се прашува Минчев. Моето дипломатско искуство од грчко-македонскиот спор, вели дека тоа е незамисливо. Таквото поведение би било спротивно на интересите на сопствената држава. Не сум сретнал макар еден политичар или дипломат на земја аспирант за членство во тогашната ЕЗ а подоцна ЕУ кој не внимавал да не ја испровоцира Грција. Најчесто не ја криева ниту причината: Знаете, наш државен интерес е членство во европскиот сојуз, па оттаму внимателноста кон земјата членка. И ќе додадеа: жалиме, но во овој момнт не можеме да ве признаеме. Бидејќи основната задача на политичарите и на дипломатите е одбрана на интересите на својата држава, а пристојниот јазик „железна врата отвора“, сите се внимателни со зборот. Тоа е особено важно во дипломатијата која се дефинира и како уметност на коминуцирање на еден сензитивен и тактичен начин. Затоа, да се употребува непристоен јазик од страна на аспирант за членство кон држава членка на ЕУ која има право на вето, значи да се работи против интересот на сопствената држава.
Зошто тогаш непристојните зборови, кои инаку не ги користиме кон други, така лесно се упатуваат кон бугарската држава и нејзините политичари? Корените се длабоки. Ако ја оставиме настрана самопромоцијата на политичарот која е иста за сите држави, причините се различни: од прогласувањето на македонската нација во страшни воени времиња и преку жестока конфронтација со бугарската држава и нација, до некакво глупаво чувство на супериорност останато од времињата на Југославија, регионалната балканска сила отворена кон Западот и со самото тоа „супериорна“ кон Истокот. Веројатно, влијание има и тенденцијата кај Србите, прифатена кај нас, понекогаш да се исмеваат со Бугарите, како во ликовите од хумористични телевизијски серии за некаков „Тута Бугарин“. Неумереноста на зборот произлегува и од фактот дека не постои доволно сознание кај македонски политичари дека, иако навиките останаа, времињата се сменија. Во овие нови времиња на обединета Европа, афирмацијата на македонската држава и нација нема да се одвива, како некогаш, во конфронтација туку во соработка со бугарската држава и нација. Ние сме сега сојузници во НАТО и идни сојузници во ЕУ. Така и треба да се однесуваат нашите две политики. А несогласувањата? Ќе ги решаваме баш како што доликува на сојузници – со зборови на разбирање.