Мигрантите мора да бидат постојано спасувани од животна опасност во шумите во пограничниот регион помеѓу Полска и Белорусија. Многумина, по неколкукратен пушбек, веќе немаат сила. А, ноќите се студени.
БАРБАРА ВЕЗЕЛ
За Сириецот Валид, на почетокот на неделата, бегството во Европа заврши зад паднато стебло од бор во шумата Бјаловијежа. Не можел да продолжи. Мигрантите од неговата група биле помлади и посилни. Тој има 44 години. Го оставиле во шумата. Испратија координати до полските хуманитарци.
Пред да го најдат целосно исцрпен, тој и другите поминале три ноќи пробивајќи се низ една од последните дождовни шуми во Европа. Во текот на денот се криеле од полицијата – стотина полицајци и војници ја чешлаат областа во потрага по „луѓе кои ја повредуваат границата“. Успеал да ја помине опасната забранета воена зона. На дваесет и петтиот километар од полската територија веќе не можел да оди понатаму.
Полски волонтери добиле порака и се собрале на работ од шумата. Но, потрагата е напорна. Не смеат да користат батериски ламби, за да не го привлечат вниманието на полицијата. И координатите во таа дивина не се целосно сигурни.
Волонтерите напредувале метар по метар низ густата шума за да го најдат засолништето на Валид. Часовите минувале. Тој станувал сѐ поочаен. Неговата последна шанса е Лајла (името е сменето), бидејќи зборува арапски. Таа го контактира преку мобилен телефон.
„Помогни ми, те молам, те молам“, моли тој. Лајла му вели да биде трпелив уште само десетина минути, му кажува дека луѓето кои ќе му помогнат се веќе на пат. „Помогни ми, жити господ“, вели Валид. Без вода е, едвај зборува. „Помош доаѓа веднаш, уште малку“, го теши Лајла и кажува молитва. Со часови му вели дека ќе издржи, дека ќе стигне помош, храна и вода.
Организацијата на Лајла преку своите адвокати во име на Валид веднаш упатува барање за привремена заштита во екстремна хуманитарна ситуација. Тоа е единствениот начин полицијата да не го врати веднаш преку граница.
Околу 22 часот на паркингот кај шумата доаѓа веста дека го нашле Валид. Лајла, двајца локални фотографи и тимот на Дојче веле одат низ шумата кон него. Валид успева да дојде на 50 метри оддалеченост од еден пат. Го наоѓаме завиткан зад паднато стебло. Трепери од студ, веќе не може да оди.
Хуманитарните активисти решаваат да повикаат брза помош. Валид има болки во пределот на срцето, дехидриран е, потребна му е помош од лекар. Добива вода, топло ќебе и утешни зборови од Лајла. Тој, како и повеќето од оние со кои ја дели својата судбина, сакал да замине во Германија. Но, неговото бегство е завршено. Кога ќе пристигне брзата помош, полицијата автоматски ќе биде известена. Неговата судбина тогаш е во рацете на полицијата.
Чекаме уште некое време на влезот за итни случаи во локалната болница во Хајновка. По некое време, љубезната сестра ни вели да не се плашиме, бидејќи таа ќе го задржи бегалецот барем до утре напладне. Тоа значи дека Валид барем една ноќ е сигурен дека нема да биде вратен преку граница.
Павел (вистинското име ѝ е познато на редакцијата), кој работи за таа полска хуманитарна организација, вели дека во септември добивале по триесет повици во текот на една ноќ. Сега добиваат еден до два повици. Драконските блокади и 15.000 граничари покажуваат ефект.
Павел има поголемо искуство од своите колеги, помагал во Грција и другите балкански земји за време на големата бегалска криза во 2015/16 година. Тој вели дека веќе подолго време има информации за принудно враќање на бегалци преку граница – во Грција, Бугарија, Хрватска. Но, такво систематско кршење на меѓународното право како во Полска, вели Павел, е исклучок. Тој не верува дека оваа криза на полско-белоруската граница наскоро ќе помине.
По интервенција на германската канцеларка, Минск смести дел од бегалците во еден магацин и во неколку околни хотели. Во четвртокот (18.11) од Багдад полета првиот авион со цел да ги евакуира прво ирачките Курди кои сакаат да се откажат и да ја напуштат Белорусија. Меѓу нив има и многу жени со мали деца. Тие и онака веќе немаат никакви шанси да влезат во Полска на официјалните гранични премини. Но, Павел верува дека групи мажи сè уште се обидуваат да стигнат до Полска преку 400 километри долгата граница.
Шумските области се идеални за такви обиди. Полската влада има намера од декември да изгради високотехнолошка жичена ограда на границата долга 180 километри, со камери и дронови. Но, тогаш ќе останат уште 200 километри непрооден, мочурлив терен, на кој не може да се подигне ограда. Тука полската гранична полиција не е најголемиот непријател на бегалците, туку тоа се зимата и дивината.
Павел има научено да ги контролира емоциите кои се неизбежни кога човек секојдневно се соочува со бегалски судбини. Но, некои спасувачки акции сè уште се врежани во неговото сеќавање. На почетокот на септември, кога границата сè уште беше прилично отворена и кога пристигнаа првите бегалци, Павел и колегите добиле повик од шумата. Таму нашле девет жени од Конго, без чевли и јакни, само во апостолки и летна облека. „Воопшто не знаеја каде се, а шверцерите им ветиле лесен пат до Европа.“
Павел се сеќава дека морале да им објаснат на жените дека немаат шанса да поминат незабележано низ некое полско село. „Сите плачеа. Сфатија дека нивниот обид да стигнат до целта пропаднал и дека изгубиле илјадници евра.“
Во меѓувреме, шверцерите од регионот смислиле план како да земат пари од бегалците кога ќе влезат во Полска. Тие организираат превоз до германската граница. Тоа чини пари.
Шверцерите возат по споредни и шумски патишта и на тој начин ги заобиколуваат приодите кон поголемите градови кои ги контролира полицијата. Како и многу други хуманитарни кризи, и оваа е можност за некои луѓе да заработат пари.