ДЕНКО МАЛЕСКИ
Привилегираната позиција во која се најде Америка како победник во Студената војна против Советскиот Сојуз е оспорена од автократските држави како Русија и Кина и тие се сојузуваат. Во тој отпор кон Западот, Русија не ја исклучува и безумната идеја: употреба на нуклеарно оружје
Не помина многу време од падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година и победата на Америка во Студената војна, кога американските либерални мислители го прогласија „крајот на американската ера“. И додека неоконзервативците веќе правеа планови како да ја овековечат таа моќ, либералите предупредуваа на опасноста од апсолутната доминација на Америка во светската политика.
Да нема недоразбирање: и либералите и неоконзервативците се радуваа на фактот дека Америка и вредностите на слободата и демократијата што стојат зад нејзината моќ триумфираа во Студената војна со СССР. Несогласувањата беа околу начинот на кој ќе се употреби таа колосална моќ во меѓународните односи.
ЛИБЕРАЛИТЕ БИЛЕ ВО ПРАВО Либералите сметаа дека во ваквиот униполарен момент е потребна самоконтрола од страна на Америка и планови за изградба на една мултиполарна светска структура.
Неоконзервативците од администрацијата на Џорџ Буш, пак, излегоа со документ во 1991 година, во кој се бараше спротивното: Америка активно да работи на спречување голема сила, која би можела да ја загрози нејзината позиција на примат.
Значи, наспроти желбата на неоконзервативците да се овековечи неприкосновената моќ на Америка, либералната научна мисла се изјасни во прилог на свет со повеќе центри на моќ, во кој Америка би ја играла важната улога на балансер.
Така сметаа(т) тие би се избегнало директно мешање на големата сила во сѐ што се случува во светот, политика која е исклучително скапа и ризична зашто бара американска „крв и богатство“ и ја зголемува опасноста од конфронтација со другите нуклеарни сили во светот.
Денес станува појасно дека либералите биле во право и дека завршува ерата на униполарниот свет од 1990-тите, со мали шанси да се врати.
Привилегираната позиција во која се најде Америка како победник во Студената војна против Советскиот Сојуз е оспорена од автократските држави како Русија и Кина и тие се сојузуваат. Во тој отпор кон Западот, Русија не ја исклучува и безумната идеја: употреба на нуклеарно оружје.
Но, пред руската агресија врз Украина, која произведе досега невидено единство на демократските држави, слична позиција имаа и некои од главните сојузници на Америка, како Франција и Германија, на пример. Такво гледиште застапуваа и либералните американски научни и политички кругови.
Тие, да повторам, го поздравија приматот на Америка во светската политика, се согласија дека таквата позиција на Америка е гаранција за иднината на слободата и демократијата во светот, но спореа со начинот на кој почна да се одржува тој примат, несогласувајќи се со инвазијата врз Ирак.
Од каде овие нивни идеи? Оттаму што истражувачите на меѓународната политика знаат дека секоја епоха е обележана со доминација на една држава на врвот на пирамидата на моќта на светската политика: во шеснаесеттиот век тоа била Шпанија, во осумнаесеттиот Англија, во дваесеттиот Америка.
РАМНОТЕЖА НА СИЛИТЕ Ривалот на Америка за местото на врвот денес е Кина, потенцијално идниот светски хегемон. Згора на тоа, знаат и дека секогаш и во сите времиња пропаднале обидите една држава да ја наметне својата волја врз сите други и дека таквите обиди завршувале со пораз на освојувачот.
Знаат и дека рамнотежата на силите е алатката што може да го сочува мирот, иако не секогаш. Имено, феноменот наречен „рамнотежа на силите“ е составен дел од вечната битка за моќ во меѓународното општество на држави.
Некаде од седумнаесеттиот, па сѐ до средината на дваесеттиот век таа рамнотежа се одржувала меѓу повеќе центри на моќ (Англија, Русија, Австро-унгарија, Франција, Германија), големи сили што создавале променливи коалиции, со цел да ја неутрализираат моќта на доминантната земја или група земји.
По Втората светска војна се појави биполарната рамнотежа на силите, во која доминантни држави беа САД и СССР. Таа рамнотежа се одржа и при распаѓањето на Советскиот Сојуз во 1991, кога, без воен судир, едната сила демисионира од дотогашната позиција на моќ. Дури, може да се каже дека демисионирањето е изведено во еден процес на заемна соработка.
Меѓутоа, распадот на Источниот блок сериозно ја наруши конфигурацијата на моќта во светот. Повлекувањето на моќта на Русија во своите граници остави зад себе вакуум, кој набргу беше пополнет со моќта и вредностите на Америка и на Западот.
Бидејќи рамнотежата на сили е генерирана од анархичната структура на меѓународното општество (се работи за релативна анархија зашто нема светска влада), таа е автоматска тенденција, еден вид закон на политичката физика.
Имено, системот се одржува преку самонеутрализирачка тенденција на моќта, па така, притисокот од една страна произведува контрапритисок од другата, воспоставувајќи процес во кој една сила поништува друга сила.
Некои, на рамнотежата на силите, гледаат како на процес во чие остварување важна улога има човечкиот фактор. Според Винстон Черчил, четиристотини години, надворешната политика на Англија била да ѝ се спротистави на најсилната, најагресивната, најдоминантната сила на Континентот, придружувајќи им се на послабите држави за да се обнови еквилибриумот.
ЗАКОНОТ НА ПОЛИТИЧКАТА ФИЗИКА Авторите кои на рамнотежата на силите гледаат како активност на државниците, како на свесно групирање на државните интереси, сметаат дека еквилибриумот, балансот на силите, а не директната доминација, е нешто што активно се посакува и се одржува.
Хенри Кисинџер е застапник на овој концепт, а во времето кога беше министер за надворешни работи на САД го примени во стварноста.
Имено, раководен од сознанието дека биполарниот свет не остава многу простор за балансирање и може да резултира во директен судир меѓу двете нуклеарни сили, ја воведе Кина во меѓународната политика со право на вето во ОН.
Денес е одново на дело „законот на политичката физика“: Русија се спротивставува на ширењето на НАТО, Америка и ЕУ се спротивставуваат на руската агресија врз Украина, додека Кина се сојузува со Русија во отпор кон американската моќ.
Американскиот претседател Џо Бајден исправно го формулира одговорот на неговата земја и на западниот сојуз на руската војна врз Украина.
Едноставно не може да помине без одговор агресијата на една голема сила врз помал сосед со цел освојување територии, нешто што Хитлер го направи предизвикувајќи ја Втората светска војна. Оттаму и обединетиот западен фронт против агресорот.
Од друга страна, администрацијата на Бајден внимава Америка да не влезе во директна војна со Русија, предизвикувајќи нова светска катастрофа. Реалностите од теренот на светската политика денес навестуваат дека, ако сака да избегне светска војна, Западот на чело со Америка ќе мора да ја преземе улогата на балансер.
Тоа не треба да значи изолационизам, повлекување на американската моќ во границите на САД и отсуство на грижа за светскиот поредок. Зошто?
Затоа што вакуумот нема долго да остане празен и ќе биде пополнет со моќта и влијанието на други големи сила. Во случајот, Кина и Русија, автократии што не ги споделуваат нашите вредности на слобода и демократија.
Така, деновиве, без збор осуда на руската агресија врз Украина, Кси Џинпинг изјави дека Кина е „спремна со Русија да држи стража врз светскиот поредок, кој почива врз меѓународното право“(!?).