Една новинарка, со бистро око, забележа како говорникот во приквечерието на 30 март 2017 година „нестрпливо потцупнувал“ со нозете, чекајќи да земе збор на „еден хаотичен народен собир“, организиран од десната конзервативна партија, обвинета за злоупотреби во 11-годишното владеење, уназадување на демократијата, корупција и организиран криминал: „Го зеде микрофонот и рече дека народот може да се упати и кон зградата на парламентот, алудирајќи на насилно влегување во претставничкиот дом“
Со партиска логистика, преку ноќ, почнаа да течат реки од демонстранти по улиците на Скопје, на потегот од Владата до Собранието. Владата требаше да остане „Бастиља“ – недостапна за новата власт, а Собранието – место за сурова пресметка со противникот и негово исцрпување до крај. Затоа во непосредна близина на Собранието се држеа запаливи говори од страна на поголем број личности од културниот, научниот и политичкиот живот во земјата. Гласот на говорникот требаше да има тежина, да се чуе и во пленарната сала, но и во целото општеството, да се претвори во „општествена власт“, посилна од државната власт.
ЗБОРОТ ВОЈНА Меѓу говорниците, не случајно се најдоа и двајца поранешни претседатели на Собранието, едниот со рејтинг во културата, а вториот во науката – доктор на правни науки од Љубљана и „шеф на катедра и професор по уставно право“ на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Нивните портрети висат во кабинетот на претседателот на Собранието, меѓу личности кои се сметаат за чесни. Но тие двајцата не би дозволиле покрај нивните портрети да виси и портретот на пратеник кој би бил избран за претседател на Собранието врз основа на туѓа (Тиранска) платформа.
Постариот говорник одржа пократок и поумерен говор. Но, го употреби зборот „војна“, алудирајќи на присуството на демонстрантите – „нашето присуство е војна“. А со тоа веројатно сакал да испрати порака дека во времето на војна законите молчат, дека клопчето на стравот се одмотува без крај и дека може да настапи терор, односно да владее и страв. И така демонстрантите добија поттик да тргнат напред со чекор, од едно до друго насилство, да се потсетат на „Црниот понеделник“ и да стасаат до „Крвавиот четврток“.
РАСТОЈАНИЕ ОД 20 МЕТРИ Вториот, помлад говорник, покажа прекумерност, го распали уште повеќе гневот кај присутните, прогласувајќи го народниот собир за „сенароден парламент“ и за „собир што Европа го нема видено“. Без дистанца се стопи со демонстрантите во едно, стана дел од нивната енергија, покажа ист гнев, упатувајќи им закана на пратениците од парламентарното мнозинство дека растојанието меѓу нив и собирот е кратко, само 20 метри: „Ја осеќам енергијата на народот. Гневот на народот расте и тој си го бара суверенитетот назад на избори. Ние мора да расчистиме со тие велепредавници. Нека го вратат мандатот и нека се распишат нови избори. Сакам да ги потсетам дека нивниот мандат е добиен на измамнички начин. Ќе биде големо скрнавење ако таму стават слика на претседател избран на туѓа платформа. Растојанието до Собранието е само 20 метри“.
На говорот реагираше остро јавноста, веднаш по неговото одржување. Една новинарка, со бистро око, забележа како говорникот во приквечерието на 30 март 2017 година „нестрпливо потцупнувал“ со нозете, чекајќи да земе збор на „еден хаотичен народен собир“, организиран од десната конзервативна партија, обвинета за злоупотреби во 11-годишното владеење, уназадување на демократијата, корупција и организиран криминал: „Го зеде микрофонот и рече дека народот може да се упати и кон зградата на парламентот, алудирајќи на насилно влегување во претставничкиот дом“. Новинарката, иако е инженер, го забележа тоа што Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција се` уште го нема забележано – битието на кривичното дело поттикнување. Говорникот иако е „интелектуален колос“ и „елитен професор“ ја бранеше политиката на неказнивост на политичките елити, а не демократијата или уставното право како професор (Соња Крамарска, Разочаравте, професоре!, Утрински весник, 31.03.2017).
ФРАЛРАНТНО ОНЕВОЗМОЖУВАЊЕ Поттикнувачи на упадот се и пратениците од парламентарното малцинство кои со умисла флагрантно го оневозможуваа конституирањето на Собранието во рок од 21 ден по завршените парламентарни избори од 11 декември 2016 година. Поттикнувач на упадот е и претседателот на Републиката поради кршење на одредбите од Уставот со кои се регулира мандатот за формирање влада. Поттикнувачи се и лицата што преку социјалните мрежи ширеле омраза кон политичкиот противник и нетрпеливост кон припадниците на втората по бројност етничка заедница во Македонија.
Масакр во Собранието
Oд гледиште на подготовката на упадот, начинот на влегување во Собранието и суровоста на преземените дејствија против политичките противници, настанот од 27 април е неспоредлив со друг настан на загрозување на парламентот било каде во светот. Но, во значителна мера споредлив е со масакрот на хугенотите, извршен од страна на католиците во Париз од 22 до 24 август 1572 година, познат како „Вартоломејската ноќ“. И таму и овде пресметката е подготвувана подолго време, со прикривање на вистинскиот режисер. Таму се случи убиство на водачот на хугенотите, адмиралот Гаспар де Колињи, а овде се планираше ликвидацијата на лидерите на две политички партии од редот на парламентарното мнозинство. Едниот беше згазен и фрлен на под, а вториот требаше да биде фатен со јамка околу вратот. Таму шефот на државата беше задскриен зад мајка му Катерина Медичи, а овде шефот на македонската држава зад партијата која го доведе на власт.
ЖРТВИ Судирот помеѓу католиците и хугенотите однесе голем број жртви. И овде можеше тоа да се случи, ако беше убиен еден од лидерите. Лесно можеше да се случи интеретничка и меѓуетничка војна од пошироки размери, со катастрофални последици за земјата. Уставниот поредок беше загрозен преку ширење страв (teror), со можност да се претвори во прав, во безредие и хаос, да се урне и да исчезне de facto и de jure.
Основното јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во Скопје, прво, во мај 2017 година, реагираше млако, подигајќи обвинение само против девет лица, за најлесно кривично дело од главата кривични дела против јавниот ред – спречување службено лице во вршење службено дејствие (чл. 382). Станува збор за кривично дело против јавниот ред, како делото да се случило на улица, а не во законодавниот дом. Делото се однесува на спречување на полицијата и на внатрешното собраниско обезбедување во вршењето на нивните службени дејствија, а тие не дејствувале во заштита на нападнатите, туку им се придружиле на напаѓачите или стоеле на страна, гледале сеир. Лидерот на СДСМ, како сведок, забележал дека полицијата била вмешана во нападот, постапувала така како што било смислено сценариото за негово убиство.
(Продолжува во следниот број. Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica)