Насилниот упад во Собранието на РМ во приквечерието на 27 април 2017 година и натаму ја тресе македонската јавност како да се случил земјотрес од голема силина. Не помалку ја потресува и европската јавност, што се гледа и од Извештајот на Европската комисија за напредокот на РМ во ЕУ од 17 април 2018 година
СВЕТОМИР ШКАРИЌ
Препораките на ад хок Комисијата за испитување на уставноста на настаните од 24 декември 2012 година – „Црниот понеделник“ се` уште не се вградени во Деловникот на Собранието. Да беа вградени, веројатно, не би се случил „Крвавиот четврток“, ниту би се појавила пораката на Твитер во 2015 година од еден учесник во работата на комисијата, висок како кошаркар: „Ми се тепа комуњарка со стап за селфи“. Желбата му се исполни по две години, на 27 април 2017 година. Еден од неговите следбеници ја удри „комуњарката“ по глава со стап – потежок од оној за селфи, ја фати за косата и ја кутна на земја.
Насилниот упад во Собранието на РМ во приквечерието на 27 април 2017 година и натаму ја тресе македонската јавност како да се случил земјотрес од голема силина. Не помалку ја потресува и европската јавност, што се гледа и од Извештајот на Европската комисија за напредокот на РМ во ЕУ од 17 април 2018 година. Потресот ќе трае и понатаму, затоа што таков настан не се случил никогаш во историјата на парламентарната демократија од нејзиното воведување во 1689 година во Англија па до денес. А не треба да се случи ни во иднина, ни овде ни било каде на друго место во светот.
СУРОВ И ДЕСТРУКТИВЕН НАСТАН По својата острина упадот се покажа исклучително суров и деструктивен, а по бројот на насилниците масовен, како да станува збор за „бунт на масите“ за кој пишува шпанскиот филозоф Хозе Ортега и Гасет, голем поборник на Обединета Европа. Станува збор за бунт на „човекот – маса“ што не се потпира врз знаењето, што не го цени логосот, ниту преферира живот со норми, туку сака да „лета во воздух“, да биде „орхидеја без корен“, да владее варварски, без контрола: „Варварството е отсуство на норми и контрола од повисоките инстанци“.
Албер Ками е полуциден од шпанскиот филозоф кога го опишува „побунетиот човек“. Таков човек е личност што целиот свој живот прима заповеди, смета дека неговиот противник претерува и дека го надминува своето право, поради што треба да се елиминира или со страст или со умисла. Бунтот го храни од омразата кон противникот, стреми кон „бес до осквернување“ се движи од „лутина во лутина“, сеејќи страв насекаде, како Гневните во Француската револуција.
Стравот, пак, најдобро го опишува Зигмунд Бауман, полски социолог, оној страв што денес доминира во „флуидно општество“, во „флуидно време“ и во „флуиден живот“. Станува збор за „политиката на стравот“, што свесно се шири и размножува, што се потхранува од сопствените ресурси, што сака да биде perpetum mobile и инвестиција од највисок „комерцијален или политички профит“, да функционира во општество без закон, ред и поредок, како алтернатива на правната држава.
Во таков амбиент и со таква свест е извршен упадот во Собранието, од страна на учесници од различен профил – од обични луѓе и загрижени граѓани до актери, уметници, музичари, универзитетски професори, поранешни началници, полицајци, затвореници и маскирани лица со качулки. Сите под еден чадор – движење „За заедничка Македонија“. Притоа, упадот е извршен во координиција со пратениците од опозицијата и собраниското обезбедување. Напад и од надвор и од внатре, рамен на државен удар.
За време на упадот пред собраниската зграда имаше мал број полицајци, иако се знаеше дека конститутивната седница на Собранието се одвива во напната атмосфера и отежнати околности, со блокада и попречување на мирниот трансфер на власта од малцинство на мнозинство. Во исто време, од улицата пристигнуваа заканувачки пораки до парламентарното мнозинство, напишани на транспаренти: „Пратениците можеби ќе влезат во Собранието, но оттаму нема да излезат“. Или: „Да не сте помислиле претседател на Собрание да изберете во пауза. Ако го скршите Деловникот, народот ќе ве скрши вас!“ Силите на редот се правеа слепи и глуви, како да не гледаат и не слушаат ништо од она што се случува пред нив и во нивната околина.
Поттикнувачи на насилството
Народот се појави на улиците промтно, веднаш по повикот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ од 26 февруари 2017 година да се спречи формирањето на новата влада, откако во истиот ден лидерот на СДСМ обзнани дека се собрани потписи од 67 пратеници и дека може да формира влада. Тоа беше смртна вест за лидерот на партијата која освои најголем број пратеници во Собранието и која се сметаше за победничка со 51 пратеник: „Сите оние кои планираат да седат дома во влечки и да гледат телевизија верувајќи дека друг ќе им ја заврши работата за заштита на нивната држава, се во заблуда. Државата може во ваква ситуација да ја одбрани само народот. И само народот е тој што може тоа да го спречи и никој друг.“
Утредента, на 27 февруари на скопските улици се појави движењето „За заедничка Македонија“ со цел да го попречи парламентарнотоп мнозинство да ја преземе власта. Тоа беше критичен момент за уште поцврста блокада на трансферот на власта, потпомогната од поранешниот претседател на Собранието кој претседаваше со конститутивната седница и од претседателот на Републиката кој не сакаше да го довери мандатот на лидерот на противничката партија да формира влада. Трите највисоки личности настапуваа како „свето тројство“, единствени и со цврста волја да не ја предадат власта на противникот. Покажаа страст за власт, не помалку од ќерките на Кралот Лир – Гонерила и Регана.
(продолжува во следниот број – Опремата е на Глобус. Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica)