Упадот веќе се процесуира, се разложува на конкретни дејства, се утврдуваат битијата на кривични дела и следува одмерување на казните за поттикнувачите, помагачите и извршителите. Станува збор за комплексно кривично дело, со поголем број посебни кривични дела и за голем број соизвршители и извршители. Дела што се направени со страст или умисла, заради остварување на егоистични и партиски цели
СВЕТОМИР ШКАРИЌ
Подоцна, кога е сменет поранешниот Јавен обвинител на РМ, познат како заштитник на поранешната власт, Јавното обвинителство во март 2018 година подига обвинение против 30 лица од кои 28 за кривично дело – терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста (чл. 313) и две лица за помагање при вршење на наведеното дело (чл. 24). Делата се обични, а не политички кривични дела. Уставот на РМ изречно забранува дејствијата на тероризам да се сметаат за политички кривични дела (чл. 29).
Напаѓачите се вознемирени од квалификацијата на упадот, несфаќајќи дека зборовите „терор“ и „страв“ се еднозначни зборови, дека имаат ист етимолошки корен. Вознемирени се и од односот на обинителството и судот кон нив. Бараат кон нив да имаат понежен однос бидејќи се чувствуваат како патриоти – за луѓе кои ни по цена на живот нема да дозволат да се пее албанската химна во законодавниот дом или новиот собранискиот спикер да се избире со кршење на Деловникот. Не прифаќаат уметници, актери, поранешни министри, партиски функционери и пратеници од нивните редови да се третираат како терористи, за луѓе што промовираат страв.
ПОУКИ Крвавиот четврток остави длабока лузна, не само на жртвите. Предизвика чемер и кошмар и кај напаѓачите. Создаде големи тешкотии и за Јавното обвинителството и судовите. Правото е пред портите, се исправува достоинствено пред казнивоста и ја покажува својата надмоќ во однос на политичарите.
Упадот веќе се процесуира, се разложува на конкретни дејства, се утврдуваат битијата на кривични дела и следува одмерување на казните за поттикнувачите, помагачите и извршителите. Се прави тоа што студентите во шеесетите години од минатиот век го правеа на вежби и на испитот по предметот Кривично право на Правниот факултет во Скопје. Станува збор за комплексно кривично дело, со поголем број посебни кривични дела и за голем број соизвршители и извршители. Дела што се направени со страст или умисла, заради остварување на егоистични и партиски цели.
Оценките и поуките од крвавиот настан на 27 април веќе ги утврди ЕК во Извештајот за напредокот на Македонија од 2018 година. На повеќе места се зборува за тој настан, а оценката и поуките се одбележени во посебна рамка, за да власта во Македонија посвети поголемо внимание. Насилството се оценува како „напад на демократијата“, се бара одговорност за напаѓачите и се подвлекува потребата од итно зголемување на безбедноста во законодавниот дом.
Пред новата власт поставени се две крупни задачи – одново воспоставување на балансот помеѓу трите власти и претварање на Собранието во „форум за конструктивен политички дијалог“, со вклучување на опозицијата во законодавниот процес. Се бара и зголемување на законодавниот капацитет на Собранието и намалување на бројот на законите што се носат во скратена постапка.
Авторот на Извештајот одново го потсетува Собранието на потребата од имплементација на препораките на ад хок Комисијата за испитување на уставноста на настаните од 24 декември 2012 година. Препораките се` уште не се вградени во Деловникот на Собранието. Да беа вградени на време од претходната власт, веројатно, не би се случил „Крвавиот четврток“, ниту би се држеле запаливи говори во непосредна близина на законодавниот дом.
„МИ СЕ ТЕПА КОМУЊАРКА“ Не би се појавила ни пораката на Твитер во 2015 година од еден учесник во работата на наведената комисија, висок како кошаркар: „Ми се тепа комуњарка со стап за селфи“. Желбата му се исполни по две години, на 27 април 2017 година. Еден од неговите следбеници ја удри „комуњарката“ по глава со стап – потежок од оној за селфи, ја фати за косата и ја кутна на земја, со желба да не стане на нозе никогаш.
Џорџо Вазари, ја овековечи „Вартоломејската ноќ“ со огромна слика од која се гледа убиството на Колињи. А настаните во Собранието од 27 април се` уште чекааат на ред во ателје на некој македонски или странски уметник.
(Крај. Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica)