Антикорупциска со сомнеж кон тоа како трошел пари функционерот Хусни Исмаили од Алтернатива. Министерот после парламентарните избори дополнително потпишал 100 решенија, договори и анекс-договори на 24 јули 2020 година со штосе преземени обврски во износ од 33 милиони денари. Чудна коинциденција – Антикорупциска излегува сега во јавност со овој случај кога се водат преговори за влез на оваа партија во владиното мнозинство?!
Неофицијално се потна веста дека во преговорите Заев – Гаши како услов за Алтернатива е поставена позицијата на заменик премиерот (функција која инаку ја нема во ресорите) и на министертот за антикорупција Николовски, кој пак е дел од борбата со криминалот. Оваа засега непотврдена веста се поклопува со официјалнио соопштената намера на Анртикорупциска да поведе постапка за пратеник од Алтернатива за недиозволени постапки кога тој бил министер за култура. Може да се создаде и чудна каша токму во формирањето на новото мнозинство во Парламентот!
Инаку, Државната комисија за спречување на корупција на денешната седница реши да поведе иницијатива до Јавното обвинителство за поведување постапка за кривично гонење против поранешен министер за култура кој оваа функција ја извршувал од 27 јуни 2019 до 30 август 2020 година поради сомневање за сторено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување во врска со договори и анекс договори склучени на 24 јули 2020, а во врска со годишните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес.
Овој предмет до ДКСК бил доставен од Министерството за култура, а по заклучок на седница на Влада одржана а 18 мај годинава. Значи пред половина година. Од Министерството за култура било побарано да се изврши контрола на работењето во делот на законската основаност на договорите и анекс договорите склучени на 27 јуни 2020 година, имајќи предвид дека тие, како што појасни членот на ДКСК Владимир Георгиев, биле склучени во постизборен период, по одржани парламентарни избори во услови кога не е формирана новата Влада и во услови кога со ребаланс на буџетот на Министерството му биле намалени финансиски средства за финансирање проекти од национален интерес во областа на културата.
– По разгледување на целокупната документација може да се констатира дека во текот на февруари 2020 година од страна на стручните комисии формирани во Министерството за култура, биле донесени решенија со кои се одобрени средства за финансирање на овие три програми во висина од околу 196 милиони денари или над 3 милиони и 100 илјади евра за 684 проекти. Имајќи предвид дека за 2020 година за сите програми биле предвидени вкупно 159 милиони денари, но и обврските што Министерството ги имало преземено во 2019 година во износ од 23 милиони денари, произлегува дека оваа институција имала на располагање само 136 милиони денари за да ги финансира овие 3 програми – појасни Георгиев.
Тој додаде дека ова значи оти уште во февруари 2020 кога биле склучени овие 684 проекти биле преземени обврски во висина од над 60 милиони денари над буџетски обезбедените средства за 2020 година.
– Но и покрај тоа знаејќи дека Министерството за култура за намената нема доволно средства, а треба да се има предвид дека и со ребалансот од 15 мај 2020 година поради рестрикциите заради КОВИД 19 буџетот на Министерството е дополнително намален одговорното лице дополнително потпишало 100 решенија, договори и анекс-договори на 24 јули 2020 година со што презело нови обврски во износ од 33 милиони денари, рече Георгиев.
Сите овие дополнителни договори склучени непосредно по завршување на изборите, како што нагласи, се однесуваат по жалби на апликанти кои или не добиле средства или добиле помалку па со нови договори или решенија добиле други средства.
Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, истакна дека сите овие сознанија упатуваат дека раководното лице во Министерството за култура си преземало обврски надвор од расположливите средства со Буџетот, што, како што нагласи е забрането и казниво.
Во посочениот период функцијата министер за култура ја извршуваше Хусни Исмаили.
За волја на вистината лани беше стопирана исплатата на проектите од културата за 2020 година, одлучи Владата на денешната седница и го задолжи Министерството за култура да викне Финансиска инспекција.
„Владата ја разгледа и усвои Информацијата за вкупните неисплатени обврски на Министерството за култура за проектите избрани на Годишните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес во културата за 2020 година и го задолжи Министерството за култура да не ги исплаќа финансиските средства на корисниците без да ја утврди законската основаност за тие средства“, стои во одлуката на една од ланските седници на Владата.
Владата тогаш го задолжи Министерството за финансии преку Секторот за финансиска инспекција да изврши контрола во Министерството за култура кое доби обврска по извршените финансиски контроли да ја информира Владата. Станува збор за проекти од Годишната програма за проекти од јавен интерес во културата која беше донесена во мандатот на претходниот министер за култура Хусни Исмаили. Ирена Стефоска е министерка за култура од 31 август.
„Министерството за култура, во периодот од 1 септември 2020 до 31 јануари 2021, поради нереализирани проекти и неуредна финансиска документација, раскина договори во вкупен износ од 70.776.722,00 денари, односно над 1 милион евра. Министерството за култура, спроведе внатрешна ревизија. Наодите од ревизијата, Министерството по службена должност ги испрати до Секторот за финансиска инспекција во јавниот сектор при Министерството за финансии, до Финансовата полиција и до ДКСК. Во согласност со усвоените заклучоци од вчерашната седница на Владата, Министерството за култура нема да ги исплаќа средствата кон другите корисници до завршување на финансиските контроли, а со цел заштита на буџетските средства“, изјавија од кабинетот на министерката Стефоска.
Стефоска во ноември 2000 г. кажа дека исплатата на проектите во културата е забавена затоа што внатрешна ревизија во Министерството за култура испитувала зошто во јуни и јули се склучувале анекси на договори за зголемување на сумите во одредени дејности и се прифаќале проекти по жалба кои претходно биле одбиени.
„Свесни сме дека се наоѓаме пред година која нема да биде помалку лесна од претходната. Затоа работиме посветено за да креираме култура која ќе биде во релација со реалноста. А реалноста е дека Буџетот за 2020 длабоко стапнал на ‘чергата’ за 2021-ва. Околу една третина од обврските за оваа година се пренесуваат за следната, од 2 причини: првата е, во мај годинава Буџетот е скратен 30 % и втората, затоа што во јуни и јули се потпишувале анексите“, рече тогаш министерката, додавајќи дека штом дошла на функцијата, побарала отчет за секој потрошен денар и за секој долг на Министерството кој се прелевал од година во година.
„Веднаш го екипиравме Одделението за внатрешна контрола во секторот финансии, ја активиравме внатрешната ревизија чиј извештај за една од дејностите е поразителен и оди на понатамошна постапка во соодветните институции. Поради тоа исплатите се забавени. За да не ја доведеме културата во иста ‘стапица’, посветено работевме и на препораките на Државниот завод за ревизија од 2017, во врска со начинот на распределба на средствата од годишните конкурси. Наша цел е кај сите корисници, независно од исходот, да преовладее чувството дека процесот бил спроведен во фер постапка“, кажа министерката во Владата на крајот на ноември пред една година.
Во изјава за Фокус Исмаили вели дека не го оштетил буџетот.
„Сум рекол и пак ќе повторам. Прво, државниот буџет не е оштетен бидејќи средствата не се пуштени. Второ, мојот потпис на документите стои како четврти или петти последователно, после тие што го подготвиле, изработиле, контролирале, раководители на сектори итн. Трето, во време на пандемија кога не беа реализирани бројни проекти од други сектори, средствата се пренаменети од една ставка во друга што е законски дозволено и истото е направено се со цел да им се помогне на самостојните културни работници во услови на пандемија“, вели Исмаили за Фокус на прашањето дали ја толкува како притисок иницијатива на Антикорупциска.
(Р.Г.)