Овие влегувања-излегувања на партии во власт, на партии во коалиции или на поединци во партии не се само показател за недостигот на општествен капитал, туку и за една поголема морална криза во политиката

ЏЕЛАЛ НЕЗИРИ
Кога одиме на зелен пазар, три измами го вклучуваат алармот за претпазливост. Првата е измамата на вагата, бидејќи има продавачи кои се обидуваат да заработат повеќе пари отколку што е тежината на производот што го продаваат; втората е поврзана со измамата во квалитетот – меѓу здравите овошја и зеленчуци ќе ви стави и неколку скапани; и третата – измама при пресметката, кога „грешно“ ќе додадат една нула во сметката. Недовербата меѓу продавачите и купувачите го оштетува пазарот во целина, насочувајќи ги купувачите кон супермаркетите, каде овошјето и зеленчукот се продаваат поскапо, но таму купувачот е ослободен од стравот од измама.
Она што се случува во последниве години на албанската политичка сцена во Северна Македонија многу личи на овој пазар, каде што борбата за што повеќе „купувачи“ произвела толку многу измами што враќањето на довербата е речиси невозможно. Инстант-коалициите, недостатокот на идеологија, нормализацијата на клиентелизмот, бизнис-партиите и фетишизацијата на власта како крајна цел (а не како средство за постигнување цел) ја урнале довербата на граѓаните во политичкото организирање и ги демонизирале политичките партии во целина.
Оваа недоверба меѓу луѓето, и на пазарот и во политиката, ја намалува способноста на едно општество да направи позитивни промени или да постигне колективни цели во една општина, град или за подобар живот. Американскиот истражувач Роберт Патнам оваа доверба ја нарекува „општествен капитал“. Уште во 1960 година тој алармира дека во САД значително опаѓа општествениот капитал, што значи дека луѓето постепено ја губат желбата, задоволството или дури и условите за да се движат кон заедничка цел. Според него, во околности на недостиг на општествен капитал, луѓето немаат веќе сила да се соберат и соработуваат, дури и за решавање на основен заеднички проблем во една населба. Недостигот на општествен капитал, според Патнам, значи дека значително се намалила довербата на луѓето едни кон други. Губењето на довербата го исцрпува и социјалниот емоционален капитал, што создава дополнителни фрустрации во општеството. Патнам тврди дека социјалниот капитал игра витална улога во функционирањето на општествата и има значајно влијание врз економскиот развој, политичкото учество и општата социјална благосостојба.
Пјер Бурдје, француски социолог и интелектуалец, вели дека постојат четири видови капитал: економски, културен, општествен и симболички. За разлика од Патнам кој го гледа социјалниот капитал како јавно добро, Бурдје го дефинира како индивидуален атрибут на поединецот, кој потекнува главно од неговата социјална положба и статус.
Џејмс Колмен, американски социолог, исто така го гледаше социјалниот капитал базиран на структурата на односите меѓу луѓето. Меѓутоа, додека Бурдје се фокусира на моќта, статусот и нееднаквата распределба на социјалниот капитал меѓу индивидуите, Колмен го смета социјалниот капитал како јавно добро, од кое профитираат сите преку заеднички активности. Според него, социјалниот капитал е истовремено и приватно и јавно добро, каде што сите имаат корист, а не само оние што инвестираат во организирањето на здруженија или мрежи. Тој го наведува примерот со користа што ја имаат сите жители на една населба кога се создава група за будност за намалување на нивото на криминал – профитираат и тие што директно не учествуваат.
Недостигот на овој социјален капитал на зелениот пазар ги оштетува џебовите на продавачите и купувачите, а во политиката – иднината на сите граѓани, без разлика дали учествуваат во политички организации. Овие влегувања – излегувања на партии од власт, на партии во коалиции или на поединци во партии не се само показател за недостаток на социјален капитал, туку и за поголема морална криза во политиката. Заслепени од личните придобивки од власта, што се на штета на граѓаните, партиите и учесниците во политичките организации се во немилосрдна трка кој прв ќе стигне до најголемиот плен по една изборна победа.
Сите ние се сеќаваме дека постарите генерации даваа за општествени организирања, а не очекуваа награда од својата активност. Социјалниот капитал, односно довербата меѓу членовите на заедницата, беше толку висок што економскиот капитал беше само средство за реализирање на заедничка идеја. Од нивната активност немаа користеа само тие, туку целото општество. Можеби не беше доволна таа корист, но важно беше високото ниво на доверба во другите, вербата во целта и заедничката волја на групата за позитивна промена. За да се врати таа доверба, тој голем социјален капитал, потребно е двојно повеќе време, интелектуален и политички ангажман, од дватаесетгодишниот период на немилосрдно разнебитување на тој капитал.
(inbox7.mk)