Охридскиот театар и оваа екипа успеале во идејата/целта. И да докажат дека нивниот крик за љубов е потрага по живо
ЛИЛЈАНА МАЗОВА
Најголемата македонска летна музичко сценска манифестација Охридското лето што традиционално се одржува во терминот од 12 јули до 20 август во Охрид, по отворањето на 12 јули со музичка програма, на 14 јули (2О21 година) ја имаше и првата театарска претстава. На сцената на Домот на културата „Григор Прличев“ беше прикажана претставата „Крик за љубов“ во продукција на Охридскиот театар при Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид.
Со учеството овој Театарот се впиша во меморијата на Летото и докажа дека неправилно бил до сега изоставен од учество на Охридското лето.
Претставата „Крик за љубов“ е работена по текстот на Жозиен Баласко. Режија е на Љупчо Ѓоргиевски, сценографијата на Валентин Светозарев, костимите на Андреј Ѓоргиевски, а музиката на Марјан Неќак (екипа која често работи заедно).
Четирите лика ги играат (според редоследот во програмското ливче) Андријана Тодороска (Жижи Ортега), Никола Тодороски (Иго Мартиел), Ивица Црнев (Леон) и Горан Стојаноски (Силвестер).
„Крик за љубов“ е комедија на карактери со љубовна приказна и романтичен крај, при што доминантни се две теми – театарот и љубовта.
Приказната се плете околу двајца актери, поранешни сопружници кои се ангажирани да играат во претстава во која исто имаат задача да играат ликови на поранешни сопружници.
Во претставата се третира процесот на создавање на една претстава: од распределбата на ликовите, до создавањето на претставата и сето она што се случува до премиерата. Со сите учесници/чинители во неа.
Во тој процес/претстава четворицата актери на Охридскиот театар, под сигурната рака на режисерот Ѓоргиевски кој умее и секогаш умеел на актерите да им го насочи поединечниот и колективниот пат на/во создавањето на претставата, е создаден театар/претстава која умешно го држи вниманието на гледачот.
Во изведбава на „Крик за љубов“ доминира играта на Горан Стојаноски како Силвестер. Тој во текот на целото дејствие максимално е посветен на ликот и на ситуациите, со што и ја поставува/остварува и динамиката на претставата.
Така се доаѓа и до она кон што стремат и текстот и режисерот и сите други учесници во изведбата на „Крик за љубов“ – да се навлезе во суштината/создавањето/постоењето на театарот. Заедно го поставуваат и разработуваат основното прашање: колку театарот е живот и колку животот е театар. Се разбира не е целта да се дојде до одговор (што и го нема), меѓутоа сосем е јасно дека и едното и другото се дел/делови од животот.
Во секој случај, Охридскиот театар и оваа екипа успеале во идејата/целта. И да докажат дека нивниот крик за љубов е потрага по живот. Во целта највнимателно се вклучени сите учесници/реализатори на „Крик за љубов“ што значи во потрагата по живот.