Македонскиот филм „Снежана на крајот умира“ ќе има премиера на фестивалот „Сламденс“ во САД
Mакедонскиот игран филм „Снежана на крајот умира“ по сценарио и во режија на Кристијан Ристески ќе има премиера на фестивалот „Сламденс“, кој ќе се одржи на два начина, со физичко присуство и онлајн, од 20 до 30 јануари во Парк Сити, САД.
„Снежана на крајот умира“ е социјална драма во амбалажа на комедија на апсурд, која се занимава со тоа колку е ужасно тешко да се остане чесен и верен на своите вредности во морално корумпирана средина. Филмот е составен од 3 испреплетени приказни за 3 групи луѓе, една мува, едно прасе, една клозетска шолја и еден град, чии патишта се допираат и влијаат еден на друг.
Главните улоги во филмот ги толкуваат Верица Недеска, Наташа Петровиќ, Сашко Коцев, Дениз Абдула, Ивица Димитријевиќ, Давид Јанакиев и Тино Костадиновски.
Филмот е македонско-кипарска ко-продукција меѓу продукциските куќи Вертиго Висуал (МКД) и Карета Филмс (КИП), а финансиски е поддржан од Агенцијата за филм на РСМ и кипарскиот филмски фонд. Продуцент на филмот е Дарко Попов, кинематографери се Димо Попов и Севдије Кастрати, монтажер е Горан Вуќиќ, композитори се Александар Пејовски и Ставрос Макрис, сценограф е Сашо Блажевски, костимограф е Емилија Ивановска Атанасовска, дизајнер на звук е Грег Малканџи, маскер е Мојца Горогранц Петрушевска, кастинг директор е Мони Дамевски.
„Сламденс“ е фестивал на дебитантски филмови со буџет до милион долари, чие мото е „од филмаџиите за филмаџиите“. Оваа година селекцијата на филмовите е извршена од преку 8.100 пријавени филмови. На овој фестивал своите светски премиери ги имале режисерските дебија на Кристофер Нолан (познат по „Tenet”, „Dunkirk“, „Inception“), Бонг Џун Хо (познат по „Parasite“, „Okja“, „Memoirs of a Murder“), Шон Бејкер (познат по „Red Rocket“, „The Florida Project“, „Tangerine“)…
Фестивалскиот лајнап беше објавен вчера на фестивалскиот вебсајт и во престижните филмски списанија Варајети, Скрин Дејли и Холивуд Рипортер.
За волја на вистината овој филм („Снежана на крајот умира“), веќе беше на еден фестивал годинава од А- категорија. Уште кога беше во пост-продукција, се најде на еден од осумте селектирани филмови во „Work in progress“ програмата во рамките на индустриската селекција на престижниот Меѓународен филмски фестивал во Карлови Вари, која ќе се одржи во почетокот на 10 јули.
„Голема е честа, но и одговорноста проектот да биде претставен пред „кремот“ на европската филмска индустрија, на фестивал од „А“ категорија“, рекоа тогаш од продукцијата
Приказната по сценарио на Кристијан Ристовски раскажува за седум луѓе кои живеат во време кога се во конфликт со нивните вредности. Откако ќе ѝ вети на својата најдобра другарка, која е на смртна постела, дека ќе се грижи за нејзиниот син, Снежана станува „мајка“ на Боби, 20-годишен „џанки“. Маја е „волк самотник“, не комуницира очи-во-очи со луѓе, а Игор е „риба надвор од вода“, има Аспергер синдром. Иако не би требало да имаат прилика да се сретнат, тие се сретнуваат и се вљубуваат. Никола, Горазд и Дејан се другари од детството, „маалска екипа“ која се мачи да се прилагоди на овој нов свет, дехуманизиран од виртуелната комуникација, релативизација на моралот и агресивната инвазија на политиката врз нивните животи