Во историјата на втората Југославија беше судено македонски политичари да бидат на чело на квалитативните скокови на развојот на земјата. Глигоров, Црвенковски, Милосавлевски … Црвенковски во дел од тогашната федерална заедница беше третиран како националист а беше лустриран како либерал
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Една од дилемите на моите зрели години, како последица на настаните кои се случиле во тинејџерските години а потоа и во раната младост е како преплетувањата што се случија во Југославија во средината на 60-тите и се продолжија во раните 70-ти се врзани токму за македонски политичари. Во нив лежела една креатива која ослободувала нова енергија, иако како најмлада држава на Балканот Македонија си бараше посебна грижа и посветеност. И стана правило поголем дел од нив, од директните актери во настаните потоа да се опишувааѕ и како националисти а да страдаат опотоа под мечот на „борбата против либерализмот“. Една таква фигура е Крсте Црвенковски од чиј датум на раѓање не делат 101 година (16 јули 1921 г. во Прилеп), исто толку како и од раѓањето на други големи личности од тој град – Благоја Корубин, Блаже Конески…
Да се вратиме назад кон она на што сакав да укажам – на туку што купените телевизори после земјотресот летата после фаталната 1963 не носеа вообичаена летаргија, ниту програма. Да речеме во 1965 година го гледавме, по неколку пати на ден, но не без оној трепет како да се работи за премиерно дознаени значајни настани за општеството, цртањето со креда на обична школска табла на основите на големата општествена реформа. Клучен актер во неа, со точен опис на креатор, беше еден Македонец – Киро Глигоров, кој ги пишуваше контурите на големата промена на една реформа која во основа беше наречена економска, но имаше социјални и психолошки ефекти, претставуваше еден вид на идеолошки земјотрес. Земјата го напушташе советскиот систем на уредување во сите области и земаше4 елементи од пазарната економија. Нема сомнение дека реформата практично одеше во правец на создавање на пазарно општество во Југославија, со исфрлување на прекубројно вработените, за почеток. Веќе, иако неофицијално, не важеше правилото дека секој има право на работа, што се реши и преку масовното давање на црвениот пасош и можноста нашиот работник да замине во Европа, главно во Германија, за да заработува за живот. Официјално тие работници се нарекуваа – привремено вработени во странство. Нешто како одење во преполни возови на Запад на своевидно доквалификување.
Отпорот кон реформата, јасно, главно поаѓаше од кафеаните и тие содржеа и многу вербални квалификативи, пред се кон Глигоров а не толку кон другите авторитети, небаре сета неволја од промената на општествениот амбиент доаѓа од тој штипјанец кој се најде во врвот на сојузните органи.
Следното лето, во 1966 година, дојде Брионскиот пленум со кој се означи еден антибирократски пресврт во една земја која силата на својата почетна револуција ја базираше на идеологијата, ама и на војската и на полицијата, особено на тајната. По концепциската промена на начинот на водење на економијата во земјата на ред дојдоа другите механизми, па и личности кои го симболизираа тој, може да се нарече – режим. И тука дојде во прв план еден друг Македонец – Крсте Црвенковски.
Имено, Црвенковски дошол на врвот на југословенската компартиска структура на Осмиот конгрес на СКЈ во декември 1964 година а на Брионскиот пленум (јули 1966 година) бил именуван за претседател на Комисијата за испитување на работата на државната безбедност, со која раководел Александар Ранковиќ. Комисијата беше формално резултат на сознанијата за прислушкувања на неприкосновениот политичар и идеолог Тито, но покрена некои значајни процеси кои некако и беа дел од линијата на реформи, како што споменав, што ги започна претходно споменатиот Глигоров.
Црвенковски ја предводеше комисијата (партиска) која заклучи по испитување на сознанијата за прислушкување дека такви активности постоеја а на пленумот Ранковиќ, најсилниот српски кадар во врвот на земјата, гледан и како наследник на Тито, доби како санкција – исфрлување од функциите и од јавниот живот. Започна растресување на полицијата, јавната и тајната и се одеше длабоко, доотлку што дојде до масовно пензионирање на луѓето вработени во сите сегменти на безбедноста. Ако се прислушкува неприкосновениот лидер во земјата што останува за другите граѓани?
Црвенковски без сомнение од страна на српските навионалисти, кои несомнено ги имаше и тогаш а особено подоцна, не беше отсликуван како либерал, туку како македонски националист (!). Зошто?
Да почнеме од тоа дека од негова страна беше подржана цркованата иницијатива за автокефалност на МПЦ (1967 г.), деновиве одново актуелна како настан; потоа се формираше МАНУ, по углед на другите републики во она време; да кажеме дека тој инсистирал во ЈНА да постои рамноправен третман на офицерскиот кадар по национална основа а многу културни активности беа поттикнати во афирмација на етникумите, посебно од областа на националната историја. Па дури и обидот за ресетирање на бугарско-југослвоенските односи, како обид за остварувања на националните права на Македонците во Пирин е дел на неговите активности.
Она што претставуваше акт на либералзиација во тие – не се за потценување – кругови во општеството и пред се кај најдоминантната нација во чија колективна потсвест Југославија и беше замислување само како континуитет на предвоеното кралство. Постоеше отпор кон промените во службите за безбедност, Армијата, црквата а давањето на правата на етницитетите до тоа тие да имаат свои знамиња, за што се обвинуваше Црвенковски, доведоа до креирање на некакво невдливо, но постоечко обвинение кон неговата личност пред се’ заради немирите кај албанското население на Косово, но и во Македонија (1968 г.).
Тука мора да се спомене дека како потенцијален реализатор на политичките промени после стопанската реформа кај нас беше подготвуван уште еден Македонец – Славко Милосавлевски, во чија торба постојано беа материјалите за постемено минување кон полиберално општество! Впрочем, во рамките на т.н. пролетната револуција во Чехословачка (1968 г.) Милосавлевски стана идеолошки „гуру“ вио оваа земја со амин на Тито и држеше настава за тоа како да се преобрази земјата која настојуваше да гради поинаков социјализам. Но неговата мисија заврши со масовните протести на студентите во Белград таа година кога беа прекинати сите реформски во земјава.
Во панорама на историските настани во Југославија нашите кадри имаат значајна улога токму во конфликтните ситуации, белким како издвоени од секогаш актуелните српско-хрватски сеизмички процеси. Еден вид на расчистувачи на сцената од затруените актери, посебно со опасниот национален експлозивен материјал. Тука треба да се спомене и Драгољуб Ставрев кој одигра значајна ролја, навидум дел од од организационен потфат на погребот на Тито, но всушност поставен како еден отпорник кон евентуалните амбиции на Јованка Броз за преземање на власта. Ниту малку случајно што Ставрев или неодамна починатиот Глигорие Гоговски беа битни во мирното предавање на власта во 1991 година, за што тогашните учесници на транзицијата им оддадоа признание.
За ликот на Црвенковски, да се вратиме на него, доста дознавав низ разговорите со мојот некогашен директор и уредник Илија Зафировски, кој беше посебно близок со некогашниот политички шеф на Македонија. Во тогашната НИП Нова Македонија се случувал интересен процес на раздвојување на она што значи либерализација на општеството (она што во основа била заслуга на Црвенковски) и она што требало да стане нагласена национална еднодимензионалност (претставувана преку директорот на НИП-от Анте Поповски), која како демаркациона линија опстојува во нашето општество и до денес, малку хипертрофирана секако, па е претставена како прозападна од една и происточна струја, од друга страна или како слика за либерална и европска земја или како опструирана, затворена и ретроградна, хиперемоционална држава како квази алтернатива.
Крсте Црвенковски замина од сцената како политички лустрирана фигура на либерал (1973), иако, како и многупати во историјата, зад таквите личности се криеја токму оние кои дадоа придонес најпрвин да настане една држава а потоа да бидат мета на сите оние кои се криеја зад придобивките како зад безбеден параван за нивната национална „хортикултура“.
Неодамнешната конференција во МАНУ по повод еден век од раѓањето на Црвенковски претставува доказ како се однесувае кон оние претставници од нашата политичка историја кои не смеат да се забоправат. Имено, немаше никаква најава за настанот, тој започна многу рано (во девет часот наутро), одгласот во медиумите беше очаен или поточно – никаков а трудот на учесниците на конференцијата на тој начин просто девалвиран.
Ќе имаме ли исправка за тој однос кон Црвенковски после нови 100 години?