Министерот за културата Алаѓозовски беше првиот во тимот на премиерот Заев кој беше сменет. Колку во тоа влијаеше фактот дека за државни институции за кои секогаш се издвојуваат сериозни средства оставија блед впечаток, не е познато
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Една од најозборуваните распределби на буџетски средства во земјава годинава беше онаа на Министерството за култура, за кое се велеше дека оди според принципот „за секого по малку“. Ова беше предмет на реакции речиси кај сите, бидејќи, постоеја оценки дека градација на вредности треба да постои. Министерот за културата Алаѓозовски беше првиот во тимот на премиерот Заев кој беше сменет. Колку во тоа влијаеше фактот дека за државни институции за кои секогаш се издвојуваат сериозни средства оставија блед впечаток, не е познато. Таканаречената официјална култура едноставно има зад себе година која бргу треба да се заборави. Ги споменуваме оние настани кои беа нови по содржината и формата и кои се потпираа во голема мерка на креативноста и ентузијазмот на носителите на проектите, нешта кои кај професионалните културни работници, како што ги викаме, едноставно ни недостасуваат.
Еве кои се тие настани кои ги издвојуваме:
1.Работата на Фондацијaта „Славко Јаневски“
Фондацијата Славко Јаневски во годината што изминува успеа да ја спаси традиционалната награда за роман на годината, наоѓајќи со многу упорност спонзори за истата да опстои. Да потсетиме дека од 1999 година таа награда ја доделуваше „Утрински весник“ а по негово згаснување како медиум оваа Фондација успеаа да го сочува тој бренд во рамките на своите активности. Во конкуренција на 27 романи, кои беа пријавени во конкуренција (издадени минатата година), првата награда ја освои Фросина Пармаковска за делото „Одбројување“.
Фондацијата успеа во намерата да го реобјави романот на Славко Јаневски „Село зад седуме јасени“ (1952) и тоа во иста книга заедно со друго издание на овој писател – „Стебла“ . За оние кои не знаат првоспоменатото дело е воедно и прв роман објавен на македонски јазик ама Јаневски, подоцна, неофицијално се откажа од неговото авторство и потоа го преобјави како „Стебла“ (1965 г.). Сега и обата наслови можат да послужат за своевидна компарација кај читателите, со што се подигнува велот од една од најголемите мистерии во домашната литература.
И како трет фактор за споменување на Фондацијата секако е и фактот дека за нашата публика за прв пат го откри Јаневски како сликар, со неговиот необичен пристап кон платното, низ дузина дела што ги доби од неговите најблиски. За сликите во претходните децении се говореше, но ретко кој имаше прилика да ги види, ако не е негов интимен пријател, додека летово не се најдоа на ѕидовите на Музејот на град Скопје.
Славко Јаневски е еден од оние кои беа лустрирани од познатото тело кон кое прогресивната јавност има негативни емоции, но се уште нема сериозен напор за анализа на таквите постапки а ова се секако единствените чекори тие заслужни творци да се сочуваат од заборавот.
- Филмот „Исцелител“ не претстави на многу светски фестивали
Делото на Ѓорче Ставрески, кој е истовремено и сценарист и продуцент на филмот, како и монтажер на звукот, гоинава ја имаше својата презентација на многу светски фестивали а беше и номиниран за наш претставник за наградата Оскар за дела од неанглиско подрачје. За „Исцелител“ (англиски назив: Secret Ingredient). многу е важно да се знае дека е македонско-грчка копродукција, што најчесто се пропушта да се каже. Копродуцент е Константина Ставрианоу од фирмата GRAAL S.A. од Атина. Премиерата беше лани на Солунскиот фестивал ама кино-продукцијата е годинешна. Филмот освен награда на публиката во Солун, добитник е и на специјалната награда од жири за сценарио на 17-тото издание на Медитеранскиот филмски фестивал во Брисел. Бил номиниран на повеќе престижни меѓународни филмски фестивали: филмскиот фестивал Црни Ноќи во Талин (во категориите дебитантски филмови и специјална награда од жирито), меѓународниот филмски фестивал во Тромсе ( категорија – најдобар филм според публиката), меѓународниот филмски фестивал Санта Барбара (категорија – најдобар меѓународен филм) и меѓународниот филмски фестивал во Обањ (категорија најдобар филм), потоа две сребрени плам и главна награда за режија на фестивалот во Валенсија … Ставрески немаше поддршка од ниту една наша институција додека го создаваше делото со кое сега се гордееме. Но имаше од продуцент од „омразената“ Грција – доказ дека работите се менуваат меѓу „лутите непријатели“.
3.Јубилејна изложба на Светската галерија „Остен“
Првиот и единствен македонски магазин за хумор и сатира, кој повеќе не излегува, успева да го одржи годинешниот натпревар на светски карикатуристи и годинава. Овој пат тоа беше и презентација на таа галерија по 50-ти пат. Јубилејот се одбележа со три одделни манифестации, без целосен континуитет и поврзување, место да се заокружи сето тоа во евентуален повеќедневен спектакл. Како и да е ова е еден од ретките светски бендови кој се одржува во живот, доста ентузијастички. За разлика од претходните години годинава поддршката од буџетот беше поголема
- Едиција за стрип на „Темплум“
Во мај годинава во Штип беа презентирани пет книги посветени на стрипот на издавачката куќа „Темплум“ во која влегоа делата „Are you schizoid“ на Кирчо Арсовски, „Сини пилули“ на Фредерик Петерс (жанр – графички дневник), „Fun home“ на Алисон Бехтел (кој се третира како графички роман), „Животот е добар ако не се откажуваш“ и „Госпоѓицата Недопирка“ на Ибер и Кераскует. Промотори на едицијата се Никола Гелевски и Владимир Јанчевски. И оваа едиција е еден од доказите дека кај нас може да успее само оној напор што се согласува на аскетски манири, особено ако се работи за средина со некомерцијални манири кога се работи за културата.
- Промоцијата на „Мајчин јазик“ на Влатко Стефановски
Во објектот на Македонска филхармонија годинава се одржаа три концерти како дел од промоцијата на последниот албум на Влатко Стефановски, 35 музичко издание со негов авторски потпис. Сите три концерти беа одлично посетени а гости беа Весна Ѓинова Илковска, групата „Љубојна“ и етно пејачката Биља Крстиќ. „Мајчин јазик“ се совпадна со многу дискусии за идентитетот во македонското општество, кога случајно или не го добивме одговорот што е папочната врска меѓу поединецот и неговото чувство на припадност, преку сеќавањето на авторот на музиката со ликот на неговата мајка, актерката Нада Стефановска. „Мајчин јазик“ имаше одлични рецензии во балканските медиуми, како за малку кој наш домашен културен производ.
Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.