БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Ние во нормални времиња бевме ненормални, зашто да беше поинаку, немаше да ја има парадата од ДПМ со Веле како претседател и екипата која си делеше награди и промиции, се маркеси и хемингвеи, без подруми, без огради, без тревници, се луѓе во фини апартмани и салони, не со 200 туку со по малку повеќе пари, но уметност не сакам да кажам нула, оти ќе се огрешам од некои творци на кои им симнувам капа, но многу блиску до таа округла бројка
Се случува формите испразнети од секаква смисла и значење, како воздухот од вреќите за вакумирање на „Дормео”, да ме здрмаат посилно отколку нервозата во приказната „Короната и јас, ко гаќи влезени во газ!” Празнината и ништоста посилно од великденските тралалајки на терористите со лажица.
Како Веле Смилевски кој поверувал во својот писателски статус, па се ставил во позата на Зола и му напишал писмо на Шилегов.
Сакал да го наслови „Обвинувам”, но сватил дека му фали Драјфус.
Се задоволил со тоа што ќе обвинува, сугерира, трапатонизира, но, шуплуво, инфантилно, како во слаба писмена по македонски, оцена еден минус.
Мал фестивал од фрази на темата култура направил на начин кој не ја открива слабоста на посочената програма на градот за “култура во времето на короната”, туку се открива себе како човек кој лажно се претставува како писател. Можеби заедно со целиот еснаф на писатели кои нацијата со децении ги регрутираше како што регрутира војници, или како што пазарот регрутира бербери и месари, значи, според потребите, не според критериумот на уметноста. Последиците на таквите селекции со кои нацијата си угодуваше себе си како некој пубертетски дркаџија со алатот в раце, денеска ги чувствуваме како недостиг на кислород. При што не е проблемот само во лажните величини туку во културната поткапацитираност и хендикепираност на нацијата.
Демек, на Велета му се сторило цинично, саркастично, потценувачки тоа што градот решил да финансира некои културни пројави по кровови, тераси или други јавни површини.
„Размислете, вели Веле, дали е добро да ги качувате уметниците по покриви, да ги пикате во подруми и гаражи, да ги седнувате на огради и да ги легнувате на тревници, меѓу зградите и да им ставате в рака по 14.500 денари. Овој чин е непримерен за едно хумано општество кое се грижи за културата и уметноста. Ова не е време за парадирање. Ова е време кога треба да покажеме дека и во ненормални услови можеме да останеме нормални!”
А кај треба да ги качуваме и легнуваме уметниците?
Господине Смилевски!
Во Друштвото на писателите?
Можеби забелешката за парите држи вода, ова другото е всушност цвркутче по старата национална, салонска, моделска, промотивна по формата и празна по содржината култура. Во таа смисла ние во нормални времиња бевме ненормални, зашто да беше поинаку, немаше да ја има парадата од ДПМ со Веле како претседател и екипата која си делеше награди и промиции, се маркеси и хемингвеи, без подруми, без огради, без тревници, се луѓе во фини апартмани и салони, не со 200 туку со по малку повеќе пари, но уметност не сакам да кажам нула, оти ќе се огрешам од некои творци на кои им симнувам капа, но многу блиску до таа округла бројка. Како може да биде писател некој кој е во состојба да напише и потпише ваков текст каков што е отвореното писмо на Смислевски?!
Да не им дозволевме на шупелките да се мислат дека се концеретни клавири во метрополитени, немаше да имаме вакво културно мртвило, немаше да имаме вакви академици, целата држава ќе беше поинаква, ние ќе бевме поинакви. Да ги оставеа талентите со себе, макар и во поткровја и гаражи, да не ги расипуваа и корумпираа низ таканаречениот сериозен однос на државата, со ордени, статуси и пари. Јас сум на станивиште дека вистинската уметност се создава како многу мачен процес, а не како комоција што ја обезбедува државата. По кафеани, подруми у гаражи повеќе отколку по салони. Сигурно.