Книгата „За македонцките работи“ од Мисирков е политичка анализа на положбата на македонскиот народ. Таа претставува предлог-програма за македонското народноослободително движење
Учебникарската дејност во Македонија започнала да се развива кон средината на 19 век. По појавата на просветителството и првите книги на народен македонски јазик на почетокот од 19 век, кон средината на векот почнало да се поставува прашањето за формирање единствен јазик, литературен јазик, кој ќе се употребува во училиштата, како и за пишување текстови, учебници и друга литература.
Предлози за идниот литературен јазик
Во средината на 19 век Галичник бил голем економски центар (мал град, поголем од Гостивар), па токму од таму потекнуваат двајцата застапувачи за создавање литературен јазик.
Тие имале две различни гледишта:
да се формира заеднички, бугарско – македонски јазик, кој ќе содржи подеднакво црти од двата јазика, застапувано од Партенија Зографски;
да се формира посебен македонски литературен јазик, одделен од бугарскиот, гледиште кое било застапувано од Ѓорѓија Пулевски.
Ѓорѓија Пулевски, самоукиот галички ѕидар и печалбар, еден од првите комити и револуционери, војвода и поет, учебникар, фолклорист и етнограф, лексикограф, граматичар, историчар и културно-национален идеолог е најизразитиот и најголемиот македонист во ова време.
Творечката дејност на Ѓорѓија Пулевски:
– „Речник од четири јазика“ (1873),
– „Речникот од три јазика“(1875) (Извадок од „Тријазичникот“: Што се велит народ? – Народ се велит људи који се од еден род и који зборувајет еднаков збор и који живувајет и се другарат еден со други и који имејет једнакви обичаји и песни и весеља. Тие људите ји викајет народ, а место во које живуват народ се велит отчество од тој народ. Така и Македонците се народ и местово нивно је Македонија.), каде јасно ја изразува идејата за посебноста на македонскиот народ;
– стихозбирката „Македонска песнарка“(1879), која содржи три лични и повеќе народни песни;
– првата граматика на македонскиот народ „Слогница речовска“ (1880) и
– обемната и значајна историја „Славјано-македонска општа историја“(1892) завршена непосредно пред неговата смрт.
Освен овие, напишал и прирачник за учење на македонскиот јазик „Јазичница“.
Од овој период (втората половина на 19 век) Ѓорѓија Пулевски е најсилниот поборник за посебноста на македонскиот народ.
Освен Партенија Зографски и Ѓорѓија Пулевски, во средината на 19 век, учебникарската дејност ја продолжиле и: Јордан Хаџи Константинов-Џинот и Кузман Шапкарев.
Јордан Хаџи Константинов-Џинот учителствувал во Велес и Скопје, пишувал песни и драмски текстови за потребите на училиштето и сето тоа го правел на народен јазик.
Ја напишал „Таблица перваја“, првиот буквар (кој всушност бил нешто налик на ѕиден весник).
И Шапкарев пишувал учебници, но на бугарски јазик. Освен, осмата книга „Мајчин јазик- буквар“, напишан на охридски говор.
„Неколку зборови за македонскиот литературен јазик“ е петтата статија од книгата на Крсте Петков Мисирков, „За македонцките работи“.
(Во оригинал статијата е: „Неколку зборој за македонцкиот литературен јазик“.)
Книгата „За македонцките работи“ од Мисирков е политичка анализа на положбата на македонскиот народ. Таа претставува предлог-програма за македонското народноослободително движење.
Во неа се разоткрива асимилаторската политика на соседните земји насочена против македонскиот народ и против македонскиот јазичен, културен и етнички идентитет.
Својата книга „За македонцките работи“, Мисирков ја подготвил во Петроград, по Илинденското востание. Потоа отишол во Софија да ја отпечати. Додека чекал книгата да биде отпечатена го придружувал Војдан Чернодрински со неговата театарска група во Србија.
Кога се вратил во Софија да си ја подигне отпечатената книга, на 25 декември 1903 година, таа веќе била откупена од тамошните власти и изгорена. Од изданието се спасиле и зачувале само мал број примероци.
Петтата статија „ Неколку зборој за македонцкиот литературен јазик “ е всушност продолжување (и остварување) на идејата за одделен македонски литературен јазик, иницирана од Ѓорѓија Пулевски.
Таа претставува прво нормирање на јазикот и основа за созадавање на македонскиот литературен јазик.
Во статијата, Мисирков тргнува од карактеристиките на македонскиот јазик. Односно, од неговиот развој како јазик во семејството на словенските јазици и неговата функција во националното осознавање на македонскиот народ. Понатаму, тој укажува на неопходноста од забрзан развој на македонскиот литературен јазик и на неговото издвојување како посебен јазик меѓу јужнословенските јазици.
Мисирков се определил за брз, антитрадиционален модел за решавање на македонското јазично прашање. Тој ги оформил своите ставови за македонскиот литературен јазик.
На крајот од статијата тој резимира:
„Но iас ке си дозвол’ам да повторам. Она iет: прво, Македониiа да се неутралисат за Бугариiа и Србиiа и да се оддалечит iеднакво од двете држаи и друго, она требит да се обiединит на iазична осноа. Тиiе принципи ке ракоодат изработуаiн’ето на литературниiот наш iазик; они ке ракоодат и праописот. На тиiе два принципа одгоарат: 1, Прилепцко-Битол’цкото наречиiе за литературен iазик, као iеднакво далеко и от србцкиiот и бугарцкиiот iазици, и централно во Македониiа. 2, фонетичниiот праопис со употребените во таiа книга писмени знакои и со мали отстапки на етимологиiата и 3, речничниiот материiал да iет собраiн’е от сите македонцки наречиiа.“
Односно, во петтата статија, „Неколку зборој за македонцкиот литературен јазик“, Мисирков ги предлага и во книгата практично ги применува следниве три норми:
1. за основа на литературниот јазик да се земат централните македонски говори;
2. користење фонетски правопис (со мали отстапки);
3. речникот да се збогатува со зборови од сите македонски наречја
Некако во тоа време започнува и битката против наметнувањето на бугарскиот односно грчкиот јазик на населението.
Борбата за отстранување на грчкиот јазик и за воведување на македонскиот во училиштата во Македонија, малубројната македонска интелигенција ја започнала во истото време кога започнала и борбата за грчкото свештенство. Таа борба била врзана со црковната и со просветната активност. Во областа на просветата, а подоцна и на црквата, борбата против грчкиот јазик и против грчките учебници во училиштата се проширила и против обидите за наметнување на бугарскиот јазик во училиштата во Македонија. Токму во отпорот што го развила Македонската учителска интелигенција против наметнувањето на бугарскиот јазик во Македонија и во настојувањето да се изгради македонски литературен јазик се изразил стремежот за самостоен национален развиток. Уште во почетокот на поизразитото пројавување на македонската индивидуалност судрувањето со бугарските аспирации врз Македонија добило остар израз. Бугарската интелигенција и особено бугарската колонија во Цариград, која била фактички раководител на борбата против грчката Патриаршија, на идејата за создавање на македонски литературен јазик, одделен од бугарскиот, реагирала со најголема жестина. Таа ги обвинила носителите на идеите за самостоен македонски развој, за сепаратизам и македонизам, со намера да ги дискредитира пред очите на македонската јавност како рушители на заедничката борба против грцизмот и на тој начин да ги ликвидира нивните напори.
Најраната реакција против наметнувањето на бугарскиот јазик во Македонија ја изразил учителот Никола Филипов од Банско. Тој, во писмото пратено во 1848 година до бугарскиот филолог Најден Геров протестира против се поупорното наметнување на бугарскиот јазик во училиштата во Македонија.
„Мнозина од нашите соотечественици Македонци, исфрлувајќи го елинскиот јазик од црквите во богослужбата го заменија со црковнословенскиот, од којшто малку се ползуваа; зашто толку го разбираат и него, колку елинскиот“, му пишува Никола Поп Филипов на Петко Рачев Славејков на 21 март 1868 година. И натаму вели: „Учебните книги што се преведуваат на балканскиот јазик наречен бугарски, досега малку нешто ни беа поразбирливи нам, на Македонците од оние на црковнословенск и јазик; затоа и полза сосема мала имаме добиено од нив“. Учителот од Банско, Никола Поп Филипов уште во 1848 година му се обраќа на својот учител Бугаринот Најден Геров и изнесува свои ставови за азбуката и пишаниот јазик. Имено, тој вели дека правописот треба да се упрости.
Обраќањево го привлекува вниманието од јасната национална определба на авторот и по констатацијата дека за Македонците се неразбирливи како елинскиот и црковнословенскиот, така и бугарскиот јазик. Овие ставови, секако изнесени и во обраќање на други Македонци, го присилиле Славејкова да се јави во својот весник, во број од 18 јануари 1871 година, со статијата „Македонското прашање“ и да се констатира: „Најпосле македонското прашање излезе на јаве…Тоа прашање не е нова работа; сме го заслушале уште од пред десетина години…“, пишува Трајко Стаматоски во своето дело „Македонски јазик: идентитет и континуитет – доискажување“. Никола Поп Филипов (1832 – 1896) е просветен и црковен деец и оштественик, со македонско етничко потекло, родум од Банско. Учителствувал во Банско, Кресна и неврокопското село Долен. Бил учител и во градовите Калофер (централна Бугарија), Чирпан, Пирдоп, Свиштов (северна Бугарија), Перуштица (близу Пловдив), селото Бобошево (близу Ќустендил). По Руско-турската војна станал свештеник и се населува во Софија.
Појавата на учебниците пишувани на македонски јазик била дочекана со остро негодување од бугарските кругови во Цариград. Тие биле подложени на најостра критика во бугарскиот печат. На самиот терен пак, во Македонија, против учебниците на македонските учебникари била организирана остра и непоштедна конкуренција. Бугарските представници учебниците пишувани на бугарски јазик ги раздавале бесплатно и на тој начин ја задушувале иницијативата на македонските учебникари, кои не располагале со достатни материјални средства за да можат да постапуваат на ист начин.
Со создавањето на егзархијата, оваа го концентрирала раководството на училишните работи во свои раце. Со тоа и борбата против македонските учебници и учебникари станала поорганизирана.
Меѓутоа, без оглед на фактот што иницијативата за пишување на учебници на мекедоски јазик била оневозможена и она што го сториле македонските учебникари со своите ученици претставува многу значаен фактор во процесот на развитокот на македонската национална култура, односно на македонската национална посебност.
Покрај развојот на просветното дело, кое со почетокот на втората половина на 19. век бележи брз развој присвојувајќи ги се повеќе современите достигнувања во таа област, паралелно се развиваат и други просветни и образовни институции, во прв ред читалиштата. Читалиштата станале важен фактор во образовниот процес и во подигање на културното ниво на населението. Тие најчесто биле основани во училиштата, особено неделните. Со нив раководеле и за нивната издршка се грижеле црковно-училишните општини.
(продолжува)