Спецификите на македонскиот говор и во пишани текстови започнуваат уште во 19.век!
Македонските говори рано почнале да развиваат извесни црти што ги изделуваат како целост во однос на говорите на соседните јужнословенски јазици.
Една таква црта е замената на силните ерови, како: Ъ > о, Ь > е (сон, темно). Оваа промена настанала во 10 век и е доста застапена во старословенските текстови од македонско потекло. За разлика од македонскиот, во српско-хрватскиот јазик овие ерови се слеале во еден глас- а (сан, дан), а додека во бугарскиот се слеале во Ъ со таа разлика што пред Ь се чувал мекиот изговор на согласката (сън, дън).
Македонскиот јазик покажал и посебен развиток и во однос на назалните согласки. Тука се појавила вокализација на еровите и промената на назалните согласки се хронолошки и по резултат одделни појави. Притоа, единствено во македонскиот јазик дошло до изедначување на Ѧ со Ѣ, по губењето на назалниот призвук, така што во текстовите од 12 век и 13 век се наоѓале пример како: пѦтель за пѢтель, сѢмѢ за сѢмѦ и сл. Со други зборови овој развиток одел вака: Ѧ > Ѣ (ä)> е. Во некои западномакедонски говори, особено во Поградец и Горица во Албанија, сѐ уште е зачуван изговорот со ä, па така имаме: рʲäка за река[4].
За разлика од македонскиот, во бугарскиот јазик промената одела на следниот начин: Ъ, ѫ > Ъ;Ь, Ѧ > ‘Ъ[4].
Во развојот на македонски писмен јазик се издвојуваат следниве периоди:
– канонски период: IX-XI век.
– македонски редакција на црсл. јазик: XII и XIII век.
– црковнословенски писмен јазик од македонски редакција и од српска редакција и од мешан тип: XIV и XVIII век.
– почеток на македонски книжевен јазик (појавата на т.н. дамаскини): XVI век.
– навлегување на рускоцрсл. редакција и нејзино мешање со дотогашната домашна писмена традиција во јазикот и стилот: XVIII век.
употреба на два стила, два писмени јазика, низок (народен јазик) и висок (црковнословенски јазик): првата половина на XIX век.
– дискусија за изгледот и основата на современиот писмени јазик за Македонците: втора половина на XIX век.
– прва стандардизација на современ македонски јазик: книгата „За македонцките работи“ од Крсте Мисирков од 1903 г.
– конечна стандардизација на СМСЈ од 1944 и 1945 г.
На почетокот на XX век (1903 г.) е направена првата стандардизација на македонскиот писмен јазик од страна на К. Мисирков, така што може да се каже дека периодот од XVI до XX век. претставува претстандарден период на македонскиот писмен јазик, додека периодот од почетокот на XX век до денес, претставува стандарден период.
Стандардизацијата на македонскиот писмен јазик е претставена во книгата на Крсте Мисирков, под наслов ,,За македонските работи” издадена во Софија во 1903 г. Ова е времето непосредно по Илинденското востание (2 август 1903 г.) што избувнува речиси низ цела Македонија. Тогаш во градот Крушево се формира Крушевската Република со што се означува почетокот на современата македонска државност. Книгата на Мисирков е составена од пет поглавја и во неа е предадена македонската национална програма. Тоа значи дека во овие пет поглавја се зборува за политичките, економските, културните и јазичните пресуслови за формирање на современата македонска нација. Едно поглавје му е посветено на создавањето на современиот македонски стандарден јазик. Мисирков се определува за следниве принципи во однос на јазикот:
Дијалектната основа на СМСЈ се наоѓа во централните говори на западното наречје, а тоа се говорите на линијата Битола, Прилеп, Велес.
Правописот на СМСЈ се темели врз фонетско-фонолошки принципи.
Лексиката на СМСЈ треба да ги опфати сите македонски говори.
Мисирков смета дека постои подолг прекин помеѓу црсл. писмена традиција во Македонија и современата јазична состојба, та затоа Македонците не се обврзани во СМСЈ да прават поголеми отстапки во полза на традиционалната словенска писменот. Мисирков исто така се повикува на фактот дека фонетскиот принцип на пишување почнува во Македонија да се применува уште во втората половина на XIX век. Исто така, Мисирков не е задоволен од писмената активност во XIX век. Тој мисли дека тогаш, дури и кога се пишувало на современ јазик, тоа не било осмислено, туку повеќе спонтано. Мисирков со право се повикува на фактот дека современиот писмен јазик е најјасно изразен во текстовите на народната поезија и проза во XIX век. Меѓутоа, сосема правилно, Мисирков ја искажува и потребата од забрзан развој на македонските културни институции во секој поглед, како и потребата македонскиот јазик да го издигне својот статус на рамниште на службен јазик.
Една од најважните и најкарактеристичните промени што го зафатиле македонскиот јазик се граматичките промени. Граматиката на македонскиот јазик и граматиката на старословенскиот јазик почнале сосема да се разликуваат со свои граматички црти. Една од поважните грамтички промени е замената на синтетичката деклинација со аналитичен начин на изразување на падежните односи. Сведоци за паралелните промени на јазикот се на пример старите црковни охридски записи од 11 век и 12 век[. Другата позначајна промена што го зафатило македонскиот јазик е појавата на постпозитивниот троен член. Позначајно е да се забележи и образувањето на идно време каде во старословенскиот јазик се формуирало со помошниот глагол хътѣти, а во македонскиот јазик се развил цел систем на идни времиња. Покрај овие две огромни промени се појавил и удвоениот предмет како на пример: го видов човекот.
Новата граматичка структура што ја добил македонскиот јазик од самите промени што настанале во него, а и од контактите со околните јазици, веќе станала видлива во XV век. Во тоа време веќе се оформила основата на современиот македонски јазик. Од влијанијата што настанале од околните јазици, може да се забележат остатоци од дативната форма на деклинација на именки, најверојатно останати од влијанието на албанскиот и српскиот јазик. Овие дативни форми можеле да се сретнат во северозападна Македонија.
(продолжува)