Еволуцијата на еден јазик и појавата на национална посебност е секако долг историски процес. Кај сите народи. Издвојуваме некои сегменти од фазите на развој на јазикот чија кодификација се одбележа деновиве
Лозарите се сметаат за претходници на Мисирков и се незаобиколиви кога се говори за историски развој на македонскиот јазик. Лозарите се припадниците на Младата македонска книжевна дружина што го издавала списанието „Лоза“.
Неа ја сочинуваат Петар Поп Арсов, Гоце Делчев, Даме Груев, Ѓорче Петров, Крсте Петков Мисирков, Војдан Чернодрински, Христо Матов, Иван Хаџи Николов, Ѓорѓи Баласчев, Димитар Мирчев и многу други.
Лозарите ги продолжиле македонистичките заложби на Ѓорѓија Пулевски, за посебен македонски литеартурен јазик. Во списанието примениле поупростен правопис, исфрлајќи ги непотребните знаци.
Со своите ставови, заложби и конкретни примери во списанието, лозарите се вистински претходници на Мисирков.
Општествено-политичките прилики во Македонија при крајот на 19 и почетокот на 20 век се карактеристични со силните пропаганди на соседните држави за асимилирање на населението (грцизирање, бугаризирање и србизирање). Македонската интелигенција на сите начини била попречувана да го изрази своето национално чувство и да го употребува македонскиот јазик.
Еден од првите кои ја промовираат идејата за самостојна Македонија и формирање посебен македонски литературен јазик е Ѓорѓија Пулевски. Тој, 1888 г. ја оформил Словеномакедонската книжевна дружина. Со истата идеја, две години подоцна во Софија се формира нова дружина.
Всушност, во тоа време околу 40 ученика биле избркани од (бугарските) егзархиски училишта во Македонија. Тие примамени од бесплатното школување кое го нудела Србија, заминале во Белград, но не можејќи да ја прифатат ни големосрпската политика, отишле во Софија каде ја создаваат Младата македонска книжевна дружина..
Програмските принципи на Дружината напишани 1892 г. се:
.„ „…човекот има потреба од татковината и од народот, но и татковината има потреба од човекот; денес татковината има потреба од нас.“
„Благодарение на последните политички настани на нашиот Полуостров и географската положба на Македонија, денеска таму се собрале севозможни надворешни елементи кои, воодушевени од своите за нашата иднина разурнувачки планови и интереси, слободно и со трескава енергија го засолуваат антагонизмот, кој и без тоа постои во земјата. Само еден силен отпор од наша страна може да не зачува од грабливите посегнувања.“
„Но, во денешнава состојба ние не можеме да извршиме слично дело; за тоа нам ни се потребни сили, а нашите се разнишани, раздробени. Значи, треба да се обединиме, да ги собереме во една општа, моќна сила – народна сила, ако сакаме да ја зачуваме иднината на нашата татковина.“
Дружината го издавала списанието „Лоза“ (1892 – 1894) и затоа се познати како лозари (Лозарско движење).
Основната идеја на лозарите јасно е искажана од Темко Попов:
„И сам Исус Христос ако слезит од небоно не можит да го уверит Македонеца оти е Блгарин иљи Србин.“
Списанието излегувало едвај две години, односно, отпечатени се 6 броја (од кои едниот е двоброј).
Во првиот број на почетокот стои мотото од Софокле:
„Ништожник е оној кој има подобар пријател од својата татковина“.
Лозарите придонесуваат за значително упростување на македонскиот правопис и за отфрлање на одделни старословенски букви што не покривале реален глас (на пример, еровите и носовките, кои во тоа време се употребувале во бугарската азбука). Тие ги продолжиле македонистичките заложби на Ѓорѓија Пулевски, а биле претходници на Крсте Петков Мисирков.
Бугарската влада набрзо ја растурила Дружината и го забранила списанието. Нејзините членови продолжиле да работат на оваа идеја, секој придонесувајќи на свој начин.
По растурањето на Дружината и забраната на списанието „Лоза“
Петар Поп Арсов ја напишал брошурата „Стамболвштината во Македонија и нејзините претставници“ (1894, Виена). Во неа тој ја критикувал политиката на тогашниот премиер на Бугарија, Стамболов и насилното бугаризирање на македонското население.
Всушност, една година пред тоа, на 23 октомври 1893 година е формирано ВМОРО, а Петар Поп Арсов бил задолжен да ја напише брошурата во која ќе ги искаже ставовите на организацијата. Претходно, во 1892 г. бил направен уште еден извонредно значаен подвиг. Црковно-училишната општина во Костур го прифатила предлогот на група учители за воведување на македонскиот јазик во училиштата, во општинската администрација и во црквата. Поради тоа, била формирана и специјална комисија којашто подготвила македонска граматика, македонски речник од 10.000 збора и направила превод на некои основни црковни книги на современ македонски јазик, според веќе изработените граматички правила.
Со интервенција на турските власти и овој потфат на Македонците бил задушен.
Следната, 1893 г. во Белград К. П. Мисирков го формирал друштвото „Вардар“ со свое списание, кое подоцна прераснало во значајното „Руско другарство“.
На почетокот од 20 век, 1902 г. Крсте Петков Мисирков, Димитрија Чуповски и други Македонци, го формираат Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург (Русија) каде го издаваат весникот „Македонски глас“.
Овие двајца најсилно ќе го кренат својот глас за слобода и самостојност на Македонија.
Седум месеци пред фамозниот Букурешки договор во кој Македонија е распарчена и подарена на нашите соседи, делегација од ова друштво, во министерството за надворешни работи на Велика Британија и на сите амбасадори во Лондон, носи Меморандум за независност на Македонија.
Димитрија Чуповски ја изработил етничката карта на Македонија во боја со сите специфичности што аргументирано ги докажувале посебноста и причините за самостојност на Македонија.
Формирањето литературни другарства и издавањето весници и списанија бил единствениот легален начин за здружување на македонската интелигенција. На тој начин ги искажувале своите ставови и се бореле за слобода и самостојност на татковината.
Крсте Петков Мисирков, искален во ваквите македонски здруженија и нивни водач, ја напишал книгата „За македонцките работи“, отпечатена во Софија 1903 г., каде во петтата статија ја дал основата за идниот македонски литературен јазик (а во другите ги анализира состојбите во Македонија и причините за неуспехот на Илинденското востание).
(продолжува)