ВЕСНА ПОПОСКА
Преспанскиот договор во средиштето на претседателската трка
Капмањата пред првиот круг на претседателските избори докажа дека во хистеричната битка за освојување што повеќе гласови, не секој од канидатите лесно се прилагодува на амбиентот зад говорницата. Фактот дека претседателската битка од почетокот се водеше исклучиво помеѓу членови на академската заедница, требаше да придонесе макар формално за повисоко ниво на стручна дебата. Не смее да се заборави дека и зад говорницата на бината и зад говорницата во универзитетскиот амфитеатар, постои општествена одговорност за јавно искажаните ставови и исфрлените тези. Бидејќи битката ќе стане уште пожестока, препорачливо за опозициската кандидатка е да го зголеми степенот на јога вежби во насока на подобрена самоконтрола.
Тезите за ревизија на Преспанскиот договор се неосновани
Исфрлањето на тезите за ревизија на Преспанскиот договор, нов референдум, покренување постапка пред Меѓународниот суд на правдата и слично, можат да звучат елоквентно и моќно, но не се ништо друго освен демагогија, или народски кажано – ветер во магла.
Меѓународно-правната позиција на договорот е кристално чиста: договорот својата правна основа ја наоѓа во резолуциите на Советот за безбедност на ООН и ја покажува јасно изразената волја на меѓународната заедница за разрешување на несогласувањата помеѓу двете земји. Тоа навлегува во она што пи-ар службите забораваат да го спомнат: дека не е името, туку времената референца она за што се преговарало. Дали можеше да се добие повеќе или помалку, знаат малкумина, а непишано правило е дека „после битка сите се генерали“. Неспорно, договорот е успешна приказна и елегантно решение за заштита на идентитетските прашања во една прагматична рамка. Многумина забораваат дека идентитетот е именката, а не придавката, особено во географска смисла. Впрочем, најлутите противници на договорот се оние кои до скоро најгласно пееја дека „има уште два три дела за да биде цела“ со што би требало да бидат задоволени и нивните апетити во оваа приказна. Најлесно ќе беше ако постигнувањето на еден ваков договор не беше нужност – и во меѓународно-правна и во дневно-политичка смисла.
Процедурата за измена на уставот беше запазена во согласност со националниот правен систем и консултативниот карактер на референдумот согласно закон. Со тоа, тезите за ревизија и поништување паѓаат во вода а договорот е постигнат и имплементиран согласно Виенската конвенција за договорно право.
Фактот што пресудата на Меѓународниот суд на правдата не смее да се игнорира, не значи дека таа е употреблива во било кој контекст во актуелниот политички момент: материјалната расправа на судот во тој случај се однесуваше на кршење на Времената спогодба, кое беше утврдено. Имено, судот пресуди дека „противејќи се на пристапувањето на Република Македонија во НАТО во периодот пред Самитот на НАТО во Букурешт од 2008 година, Грција ја прекршила Времената спогодба од 1995 година; Од Грција се очекува дека нема повторно да го повреди меѓународното право”. Согласно пресудата, Грција не беше обврзана на ништо освен на „добра верба“. Секако дека донесувањето на пресудата влијаеше позитивно на севкупната клима околу конечната разврска на спорот. Но, ниту процедуралните аспекти ниту материјалната расправа во тој случај не се применливи во актуелниот контекст и политичкиот момент.
Накратко, во постоечкото меѓународно право нема никаков солиден основ заради што би можело да дојде до ревизија на Преспанскиот договор.
Клаузулите за вечност се демагошка, а не правна категорија
Кандидатката на ВМРО ДПМНЕ, барем во првиот дел од кампањата, се држеше до тезата дека сака промена на Уставот заради враќање на старото уставно име, за што предлага во Преамбулата да се стави „клаузула за вечност“ со цел уставното име никогаш повеќе да не може да биде променето.
За жал, таканаречената „клаузула за вечност“ може да биде применлива единствено во контекст на теоријата за бесконечност на Алберт Ајншатајн, според кого само две работи се бесконечни: вселената и човечката глупост (со тоа што за вселената не бил сигурен).
Уставно-правната материја е жива материја. Процедурата за промена на Уставот е јасно дефинирана. Но, уставно-правната материја (за среќа!) не е независна и изолирана во своето постоење. Таа мора да биде уредена во согласност со меѓународното право. Формално-правно гледано, секогаш може да се собере потребниот број пратеници и да се направи нова ревизија на Уставот. Но, ниту една владеачка гарнитура нема (и не треба) да биде спремна да се соочи со последиците од такво постапување, бидејќи повторна промена на името би ја довела државата во состојба на нивелирање на позициите под појдовната точка во 1991 година.
Поместувањето на тезите од клаузули за вечност кон почитување на договорот без лично применување, е во најмала рака правен дилентатизам. Овие избори, не се избори за претседател на куќен совет, туку за Претседател на Република Северна Македонија (колку и да е фактички девалвирана таа позиција). Ако не сте спремни да ја прифатите таквата позиција, не се кандидирајте на избори. Несериозно е да ретерирате во ставовите и аргументацијата на дневна база Очите на целата меѓународна јавност се вперени кон изборите и тие треба да бидат тест за зрелост на демократијата. Вакви и слични изјави, се во најмала рака несериозни и штетни за едвај воспоставениот меѓународен кредибилитет на земјата. Иако овие изјави се „кратковечни“ нивните последици можат да бидат долговечни, а данокот за нив да го плаќаат не политичарите, туку граѓаните, и тоа секогаш во идно време. Цената да се биде јавна личност е да се биде постојано „под лупа“заради што е неопходна конзистентност и аргументација ако сакате да бидете сфатени сериозно.
Либералните општества бараат поинаков наратив
Националниот романтизам е карактеристика на еден друг историски период. Неговото место не е во 21 век, барем не вака спакуван. На оваа земја и е неопходен нов наратив за да го надомести, малку од малку, изгубеното време. Нов наратив им е неопходен на политичките елити кои мораат да превемат одговорност за состојбите; на академската заедница и експертската јавност кои мора да излезат од зоната на конфорот и да охрабрат критички аргументирана продуктивна дебата; на граѓанското општество како активен чинител и чувар на доброто владеење. Нашето „утре“ е новото „денес“ и започнува сега, а секој од посочените чинители има своја улога во неговото создавање. Затоа, овие избори се повеќе од „уште едни избори“ и секој граѓанин има одговорност за сопствениот глас.