Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

Кучињата пуштени а камењата врзани

September 10, 2025 Filed Under: Колумни

ВОЈО МАНЕВСКИ

Како да се опише една состојба кога од нас граѓаните се бара само да слушаме, да не се туркаме напред, да не остануваме на опашката а во средина да не правиме гужва. Изгледа нѝ преостанува само да ги гасиме телевизорите кога ќе се појави блокот за изборни партиски активности. Влијанието на пораките е опасно по менталната состојба на граѓаните. Да се обидеш да разбереш нешто а однапред знаеш дека има само рекламна вредност и никогаш нема да се реализира до крај е како да се шеташ ноќе низ село а кучињата се пуштени. Наместо тие да бидат врзани, камењата со кои можеш да се одбраниш се врзани.

Затоа донесов стратешка одлука да не следам ниту еден партиски прес ниту да гледам било чиј партиски спот. Кревко ми е здравјето и не сум сигурен дека сето тоа можам да го издржам.

Но сепак и во вакви времиња има една тема која се повеќе ја разбранува јавноста. Цените на становите се толку високи што веќе тешко може да се најде објаснување врзано со пазарните законитости на понудата и побарувачката. Прашање кое се поставува последните пет години е „ од каде пари на граѓаните да купуваат станови по такви цени а голем дел од нив не живеат во нив?“ Каде ги чуваат тие средства. Во чорапи во перници или во банките.

Ако има толку слободни средства зошто владата не донесува економски мерки кои ќе ги заинтересираат граѓаните да ги вложуваат овие средства во разни финансиски инструменти што ќе им донесуваат добивки. Не е задача на владата да сече само ленти на споменици или градинки туку постојано да ја гради државата. Да ги доградува нејзините механизми за да имаат корист граѓаните. Зошто ни ѐ инаку и влада и држава ако ја пцуеме и напуштаме. Зошто тогаш има потреба од избори и гласање кога не ја гледаме перспективата овде.

Изјавите на гувернерот за мерките кои Народната банка ги предложува за намалување на цените на станбениот квадрат треба да се основа за сериозна дебата. Изјавата дека половината од становите се купуваат во готово мораше до сега да наиде на соодветен одговор од министерството за финансии и УЈП. Засега само кротки реакции и од стручната фела.

Ставот на гувернерот дека стабилноста на банкарскиот систем се засновува на евтиниот капитал кој го собираат од граѓаните и државата преку обврзниците што секој месец се на пазарот исто не наиде на поголем одек. Деветстотини милиони евра се земени од банките на домашниот пазар од страна на владата и засега нема анализа што тоа значи за јачината на влијанието на банките како доверители на државата.

Државата не успева да се справи со трговските  синџири кои патем се на нашиот пазар со амин на некоја од досегашните влади  а да влезе во „дијалог“ со банките во овој момент изгледа невозможно.

Дијагнозата е скоро иста и во двата случаи. Затвореност на пазарот не дозволува ефектуирање на користа од здрава конкуренција. Слабата понуда на средства или производи ги бутка играчите на пазарот во некаква договорна економија од која имаат добра корист и немаат голем ризик.

Се сеќава ли некој за парите од унгарскиот кредит и нивната прокламирана намена ?. Да се стават на располагање поевтини пари на домашното стопанство за да закрепне после Ковидот и финансиската криза во Европа. Има ли јавноста информации каде отидоа тие пари и кој е ефектот од тој кредит. Одговорот побарајте го во вкупниот износ на задолжување на домашниот пазар и листата на банки кои ја кредитираат државата.

Се уште нема ставови на банките околу идејата на гувернерот за различни камати за станбените  кредити.  Важно е што тие од Народната банка ќе побараат како компензација за ваквата политика и како тоа ќе се одрази на монетарната политика за која е задолжена Народната банка.

Освен опсесијата за споредување на бројки и проценти засега опипливи резултати од економските политики на владата нема . Би било добро владата да се произнесе и околу ставот на гувернерот за различно оданочување на оние што живеат во становите и сопствениците кои ги издаваат или едноставно ги чуваат становите како свој влог во иднината .

Вистински одговор би било кога владата со издржани политики  ќе почне да го раздвижува финансискиот пазар. Не се работи само за фискални мерки туку и постепено менувања на мислењето на граѓаните. Тоа е политика на градење на државата а не пароли и црвени панделки.

Нашите граѓани имаат едно врежано мислење дека станот не е само место за живеење туку дом каде емотивно е поврзано семејството. Кога имаат шанса да земат кредит за купување на стан, наместо да плаќаат кирија тие секогаш земаат кредит водејќи се од заклучокот дека кога ќе ги исплатат ратите ќе имаат сопственост над станот а со кириите му го отплаќаат кредитот на сопственикот на станот.

 

 

Filed Under: Колумни

БРИСЕЛ ЗА КАНДИДАТИТЕ ЗА ВЛЕЗ ВО УНИЈАТА
АФЕРАТА ЗА ПРИСЛУШКУВАЊЕ НА ВМРО-ДПМНЕ СЕ ЛИЗГА НА СОПСТВЕНИТЕ ПРОТИВРЕЧНОСТИ
ДАЛИ Е ОВА ПОЧЕТОК НА КРАЈОТ? ГО ПРИНЗАВА ЛИ ТОА ПУТИН
ЛИНА ЃОРЧЕСКА СЕ ВРАЌА ВО ФОРМА
СОВРШЕНИ ЖРТВИ (2)

Најново

  • БРИСЕЛ ЗА КАНДИДАТИТЕ ЗА ВЛЕЗ ВО УНИЈАТА
  • АФЕРАТА ЗА ПРИСЛУШКУВАЊЕ НА ВМРО-ДПМНЕ СЕ ЛИЗГА НА СОПСТВЕНИТЕ ПРОТИВРЕЧНОСТИ
  • ДАЛИ Е ОВА ПОЧЕТОК НА КРАЈОТ? ГО ПРИНЗАВА ЛИ ТОА ПУТИН

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet