Соседите и роднините ги одржуваат за надомест или бесплатно. Во земјава има над 280 илјјади кои днаш годишно навраќаат во родните места
Многу македонски граѓани живеат во странство и само еден месец во годината престојуваат тука, така што нивните куќи ги надгледуваат, одржуваат, чистат роднините или соседите за одреден паричен надомест или бесплатно.
Вакви случаеви има во сите делови на Македонија. Куќите на печалбарите се доверени на блиските роднини или на соседите. Овие луѓе велат дека редовно ги проверуваат куќитe, за да реагираат во случај на кражба. Зурап Куртовски од селото Скудриње во Општина Маврово – Ростуше вели дека нему му се доверени куќите на неговите најблиски.
„Треба да се отвори, да се проветри, да се види да не има некоја штета. За куќите на иселените се грижат старите луѓе кои се останати или соседите. Некои тоа го прават во знак на солидарност, не наплаќаат. Скоро во цела Река е така. Во Судриње има од 250 до 300 празни куќи, а вкупно во селото околу 750 куќи“, вели Куртовски.
Жителите на струшкото село Боровец објаснуваат дека и кај нив е слично. Многу куќи се празни, а нив ги одржуваат блиските на оние кои се иселиле.
„Од нашето село можеби 1.000 луѓе се во странство, најголем дел во Италија. Нивните роднини на доброволна основа ги одржуваат куќите. Некои можеби си плаќаат жени за чистење, но тие се помалку“, вели жител на Боровец.
Истата судбина ја делат многу села затоа што децениската миграција направи пустош.
„Селото Вишни е иселено, но има околу 140 викендици, куќи, така што во селото има 50-60 луѓе сосе пензионерите кои доаѓаат од другите места. Се договараат за одржување на куќите на оние кои не се тука, oдносно ако знаат дека некој ќе дојде, роднините да исчистат, да нема прашина во домот. Имаме иселени во Србија и претежно се во Белград, во Ниш. Има мал дел и во Бугарија, ама тие се отселени многу одамна. Другите се заминати во Охрид, Струга и Скопје“, рече Цветомир Ристески со потекло од селото Вишни.
Градот Делчево како што велат тамошните жители е раздвижен во лето, посебно во јули и август, кога си доаѓаат гастарбајтерите, а потоа нема толкава фреквенција на луѓе.
„Не ги изнајмуваат празните куќи, туку роднините ги одржуваат. Сестра ми е во странство и мајка ми оди, а јас се грижам за куќата. Куќите или се затворени или роднините ги одржуваат. Кај некои се случува пред да си дојдат од странство да платат жена да им исчисти. Тие што имаат поубави, поголеми куќи, си плаќаат да им исчистат. Оние што имаат вредни предмети, убав мебел, кои се поимотни, си плаќаат и обезбедување. На улицата каде што живее мајка ми од 30 куќи, 10 се затворени и луѓето се во странство. Заминати се во Италија, Швајцарија, Англија и Германија“, додава жителка на Делчево.
Таа објаснува дека гастарбајтерите по 20 дена во годината престојуваат во родниот град. Последниот попис покажа дека македонските државјани живеат во голем број европски земји, но и во други делови од светот.
Според пописот од 2021 година, вкупното нерезидентно население во кое спаѓаат државјаните на Република Македонија отсутни во странство повеќе од 12 месеци и странците времено присутни во Република Македонија помалку од 12 месеци, изнесува 260.606 лица.
(factor.mk – опремата е на Глобус)