ДИЈАНА ТАХИРИ
Вчера низ нашата уличка поминуваа дечиња коледари, во групи, и влегуваа во дворот на нашите први соседи да си ги соберат коледарските подароци. Радости. Ниедно од дечињата не влезе во нашиот двор, а татко ми и јас им спремивме по пет и десет денарки, мандарини и други ситнурии
Празниците се љубов и давање, посебно верските. Љубов кон блискиот, далечниот, инаквиот, сиромашниот, богатиот, љубов кон сите, и највеќе кон себе. Еден, два или три дена, толку траат празниците. Честитки, адети, гости, славење и најубавото – семејно собирање околу трпезата. Денес е Божиќ, денот на Христовото раѓање, најголемиот Христијански празник. Честит празник, здравје и бериќет во вашите домови, вие што го славите!
Израснав во маало населено со православни христијани, еден ред куќи Македонци, и другиот ред куќи Власи. Ние бевме единствените Албанци во маалото, муслимани по традиција. Зад нашите куќи имаше една пољанка што се подигаше нежно во мал рид, на којшто растеа дрвја. Секој од нас (децата) си имаше по едно дрво. Ги викавме коњи. Се качувавме на „коњите“ и се довикувавме секој на својот јазик, и паѓавме на земја кога некој ќе прозбореше на јазикот на другиот, несмасно, но слатко. Паѓавме од смеа, детска, неоптоварена, невина, слатка. Со некои од соседите заедно одевме и по одмори. Македонскиот јазик го научив на улица, научив и влашки, не доволно за да зборувам течно, но се сеќавам на долгите влашки песни на чичко Јанко, и сѐ уште знам да кажам понекој збор. Одевме со родителите на семејни слави кај соседите, седнувавме на долгите дрвени клупи и кога ќе ни здодееше да седиме на едно место, се сместувавме под масите полни со празнични јадења. Се сеќавам на уште многу други работи, но денес сакам да се осврнам на нешто што ме загрижува со години.
Вчера низ нашата уличка поминуваа дечиња коледари, во групи, и влегуваа во дворот на нашите први соседи да си ги соберат коледарските подароци. Радости. Ниедно од дечињата не влезе во нашиот двор, а татко ми и јас им спремивме по пет и десет денарки, мандарини и други ситнурии. Денот беше сончев, го поминавме во дворот и децата можеа слободно да влезат. Останавме со дребулиите во раце, се до последните дечиња што поминуваа низ нашата уличка. Ги застанавме са да им ги дадеме. Беа две момчиња, едното застана на капијата од дворот, другото стоеше зад него, малку скептично. Сепак, се пошегувавме, им честитавме и им ги дадовме дребулиите и си заминаа насмеани и расположени. Ова се случува неколку години по ред, децата да не ни влегуваат во двор, а нивните родители навидум имаат голема почит кон моето семејство, односно, кон мајка ми и татко ми, коишто секогаш им се наоѓаат, за арно или лошо, во радост или тага… Затоа, кога дечињата го одминуваат нашиот двор и се упатуваат до следната куќа, по нив останува горчина.
Се сеќавам кога бев девојче, во истото маало. Другарчињата секогаш ме земаа со нив по коледе. Секој од нив си имаше посебна торбичка за собирање подароци, така што јас си ја земав мојата црвена волнена “Thessaloniki” торбичка што ја чував закачена на ѕидот од мојата соба, во ред со другите „сувенири од море“ и постерите.
Костени, варени и неварени, бонбони и малечки јаболка, на тие се сеќавам највеќе. И на нашите од студ црвени носиња…