ВИКТОР ГАБЕР
Самата изговорена референца на претседателката дека очекува „да се најде некое соломонско решение“, за надминување на блокадите на нашиот евроинтеграциски пат, буди чувство на несигурност на актуелното државно раководство во остварување на јавно прокламираните стратешки определби на најзначајните политички чинители во државата
Гостувањето на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во емисијата 360 Степени на МРТ буди потреба од промптна реакција, не само заради искуствата од триипол децениското макотрпно етаблирање на земјата како самостоен, суверен меѓународен фактор, туку и како потреба од исчекор во и од нашата инертна политичка практика.
Самата изговорена референца на претседателката дека очекува „да се најде некое соломонско решение“, за надминување на блокадите на нашиот евроинтеграциски пат, буди чувство на несигурност на актуелното државно раководство во остварување на јавно прокламираните стратешки определби на најзначајните политички чинители во државата. Реченицата изговорена на прашање за евентуалните безбедносни ризици доколку Македонија заостане во однос на брзиот прием на Црна Гора и Албанија во Европската унија, ја отсликува таа состојба на духот кога се нема јасна проекција за сопствената позиција при најавениот развој на настани кои директно се во корелација со можните последици по безбедноста на земјата.
Нејзината уставна надлежност како претседател на Советот за безбедност за третман на прашања поврзани со безбедноста и одбраната на земјата, и да дава предлози до Собранието и до Владата, не може да се сведе на „очекување“ да се најде некое соломонско решение за стагнацијата/неуспехот во остварување на стратешките определби на земјата. Такви очекувања за остварување на тие определби гледаме повеќе од три децении! Народот ги избира своите претставници да му ги подобрат условите во кои актуелно опстојува, да му го подигнат стандардот, во мир и во безбедност да му проектираат и реализираат развој…
Па и таквото соломонско решение не треба да се „очекува“, туку треба да се изработи, да се „загризе“ во неговата суштина, имајќи ги во превид токму тие стратешки определби, кои произлегуваат од наталожените историски искуства на овој народ, пред се на Македонците и на другите граѓани на нашата држава. Да, токму тие искуства од минатото ја трасираа определбата на сите најзначајни општествени и политички фактори за утврдување на евроатланските стратешки цели на државата…, во нивните програмски документи или јавни настапи, по било кој повод.
Меѓутоа, користењето на библиската аура на Соломон, заради неговата авторитарна и полигамиска практика во четиридецениското управување со Израел, го засенува неговото владеење и економскиот развој базиран на трговскиот процвет, како и политикантскиот успех во балансирањето на односите со околните племиња. Крахот на неговото владеење заради расипничките практики, како да не е соодветно за изнаоѓање на наше „некакво решение“, како што ни предочува претседателката. На крајот на краиштата дали ни треба „некакво решение“ без суштина и трајност?
Секако дека може да се охрабри било која најава за евентуален исчекор кон евентуално „соломонско решение“, ако под тој термин се подразбере решение кое е компромисно, мирољубиво и просперитетно, но не и „очекување“ некои друг да ни го наметнува, а ние само да го „очекуваме“ тоа „некакво соломонско решение“.
Меѓутоа, заради развојот на најактуелните геополитички разврски, саатот немилосрдно отчукува за преземање на чекори со храбри и аргументирани одлуки во остварување на развојни и безбедносни политики. Историјата меморира визионери кои откриваат и создаваат перспективи, независно од актуелните предизвици!




