БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Моето станче на Аеродром, мојот музички систем, моите книги, моите аеродромски релации за шетање и места за кафе и проповеди на Фејсбук, се аристократски позиции во однос на кругот со пречник од неколку километри околу Триумфекалната капија
По сто денови самоќа, се спуштив во градот.
Ми се виде по грозен отколку што очекував.
Временската дистанца ми ги откри сите детали и нијанси покрај кои поминував без да ги забележам додека таму се шлаев секој ден.
Но, не се важни нијансите сами по себе, туку како целина која откриваат дека Скопје нема ништо градско.
А не е ниту паланка.
Не е ништо.
Можеби, бегалски камп од отворен тип.
Но, не бев тажен.
Дури си реков: Тричко, ти си за Скопје привилегија.
Моето станче на Аеродром, мојот музички систем, моите книги, моите аеродромски релации за шетање и места за кафе и проповеди на Фејсбук, се аристократски позиции во однос на кругот со пречник од неколку километри околу Триумфекалната капија.
Не е само до одвратната архитектурата на Скопје 2014, со се идиотските споменици на идиоти во природна и натприродна димензија, хохштаплери, пијандури, убијци, шпиони, безначајности од најдолен ранг, калливите цуцулки по белите плоштадските плочки, грозоморната структура од коцкарници, бурекџилници, аптеки, фурни, искомбинирани со златари и дуќани за бижутерија, да, и кафулиња однесени од виорот на современото уредување, глупави палати за ништо, туку мирисот, општата атмосфера, луѓето од кои ако тројца турите на полните трибини на Австралија Опен во Мелбурн, за три секунди ќе погодам дека се Македонци и ќе ја освојам наградата од милион долари. Се разбира, нема да кажам како ќе ми успее да ги извлечам затоа што племенската тајна по која се познаваме, е само наша!
Го видов, сакам да речам, од блиску и од еден друг агол, пропаѓањето како единствен феномен, неповторлив, како нација, култура, држава, менталитет, личности.
Се е слепено во една маса, проста маса која не е добра за ништо: скапани патлиџани, прор’тени компири, мувлосани лебови, расипани јајца, кучиња скитници, се во двоножни формати, по чекорот им се познава дека љубопитството, надежта, страста и енергијата им се утепани и дека немаат никакви планови за ништо.
Не се тажни или разочарани.
Немаат критериуми за тоа.
Човечките синапси им се испокинати во битката за националните интереси.
Ми беше јасно: Така е кога ќе ги пуштиш комитите во селото.
(firstline.mk)