Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

КOНГРЕС НА ДУИ: АХМЕТИ НАЈАВИ ВЕТИНГ ЗА 34 ГОДИНИ И ИЗВРШЕН БАДИНТЕР

December 23, 2025 Filed Under: Македонија

Унитарната држава може да биде функционална и стабилна само доколку се темели на довербата и лојалноста на сите заедници што живеат во неа – рече на Конгресот повторно избрниот претседател Ахмети

АХМЕТИ Се бара механизам обезбедува двоен демократски легитимитет и гарантира реална застапеност на сите заедници

Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, на партискиот Конгрес во Скопје најави нов „Национален договор за напредок“ и побара целосен ветинг со меѓународен надзор за сите носители на јавни функции во изминатите 34 години.

Ахмети предложи воведување на таканаречен „извршен Бадентер“ при изборот на Владата, примена на Бадентеровиот принцип во Уставниот суд, како и отворање нова фаза на функционална и фискална децентрализација.

Според лидерот на ДУИ, овие иницијативи имаат за цел зајакнување на унитарниот карактер на државата преку еднакво партнерство на сите заедници, враќање на довербата во институциите и создавање стабилна, функционална и праведна држава.

„Унитарната држава може да биде функционална и стабилна само доколку се темели на довербата и лојалноста на сите заедници што живеат во неа. Затоа предлагаме три клучни мерки што обезбедуваат правична застапеност, функционална еднаквост и општествена кохезија, во духот на Охридскиот рамковен договор“, истакна Ахмети.

Како прва мерка, тој предложи избор на Владата со двојно мнозинство – т.н. извршен Бадентер, со што секој нов владин состав би морал да добие поддршка не само од вкупното мнозинство пратеници, туку и од мнозинството пратеници кои ги претставуваат немнозинските заедници.

„Овој механизам обезбедува двоен демократски легитимитет и гарантира реална застапеност на сите заедници, како и зачувување на меѓуетничката кохезија на највисоките нивоа на извршната власт“, нагласи Ахмети.

Како втора мерка, лидерот на опозициската ДУИ ја посочи примената на Бадентеровиот принцип и во Уставниот суд.

„Законите донесени со двојно мнозинство во Собранието не смеат да бидат поништени без двојно мнозинство и во рамките на Уставниот суд. Предлагаме уставно-правни измени со кои одлуките што ги засегаат правата на немнозинските заедници нема да се носат без заемна согласност меѓу судиите“, рече Ахмети.

Трета мерка е продлабочување на децентрализацијата и локалната самоуправа, преку финансиска автономија на општините и правична распределба на даночните и таксените приходи во средините каде што тие се создаваат.

Во делот на владеењето на правото, Ахмети порача дека ДУИ ја поддржува идејата за темелна истрага на потеклото на имотот, процесот на приватизација и дејствијата на безбедносните служби од 1945 година до денес, потенцирајќи дека „правдата не смее да биде селективна“.

Тој најави дека „Националниот договор за напредок“ ќе ги обедини сите заедници и експерти околу заедничка визија за држава во која достоинството е загарантирано, а можностите се еднакви за сите.

На крајот, Ахмети упати повик до младите, жените, професионалците и дијаспората активно да се вклучат во процесот на изградба на европска иднина, нагласувајќи дека „иднината не се гради со поделби, туку со еднаквост и државничка одговорност“.

На Конгресот, ДУИ усвои четири резолуции: за зајакнување на унитарниот карактер на државата и функционалната еднаквост, за владеење на правото и независно судство, за национален договор за напредок и одржлив развој, како и за европската интеграција.

(civilmedia.mk)

 

Filed Under: Македонија

ТОНИНО ПИЦУЛА: МОЖНО Е РАДИКАЛИЗИРАЊЕ НА ОДНОСИТЕ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН
ЕУ САКА ДА ЈА ИЗБЕГНЕ НОВАТА УНГАРИЈА: ЦРНА ГОРА КАКО „ТЕСТ ПОЛИГОН“ ЗА НОВИОТ ДОГОВОР ЗА ЧЛЕНСТВО
ОВА НЕ Е ОГРАНИЧЕНА ВОЕНА ОПЕРАЦИЈА, ТУКУ ВОЈНА НА ДВЕ ДРЖАВИ КОН ТРЕТА
СОЛИДАРНОСТ: АСАНИ МУ ПОМОГНАЛ НА АШКОСКИ ДА ИЗЛЕЗЕ ОД ИРАН
ИРАНСКАТА НАФТА ИМА АЗИСКИ МУШТЕРИИ

Најново

  • ТОНИНО ПИЦУЛА: МОЖНО Е РАДИКАЛИЗИРАЊЕ НА ОДНОСИТЕ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН
  • ЕУ САКА ДА ЈА ИЗБЕГНЕ НОВАТА УНГАРИЈА: ЦРНА ГОРА КАКО „ТЕСТ ПОЛИГОН“ ЗА НОВИОТ ДОГОВОР ЗА ЧЛЕНСТВО
  • ОВА НЕ Е ОГРАНИЧЕНА ВОЕНА ОПЕРАЦИЈА, ТУКУ ВОЈНА НА ДВЕ ДРЖАВИ КОН ТРЕТА

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet