ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА
Прогласувајќи го за „сина трева“ условот за допишување на бугарското малцинство во Уставот, сегашната влада ни ја мести ЕУ во архетипот на магарето, себеси се мести во праведната улога на тигарот, а улогата на лавот им ја доделува на медиумските креатори на јавното мислење. Таквата постапка е саботажа…
Басните, приказните, некои елементи од религиозните текстови и поговорките се архетипски алгоритми на динамиката што некоја човечка карактерна особина ја создава, при што, фокусирајќи се на централниот елемент за наравоучение, запоставува некои други етички норми заради краткост и ефективност на поентата. Но, дали сте забележале дека точно оние особини кои приказната ги критикува, формираат таква динамика во стварноста, што како калап одговара токму на запоставените етички компоненти од приказната? Некои души во заедничката стварност живеат на тој фон, заменувајќи го со основната морална реалност (таа во која всушност „живеат“ поентите на гореспоменатите приказни), нарекувајќи го овој фон – реалност. Очекувањата за како треба да се одвиваат работите им се како во етичките празнини на соодветните приказни, па со своите дејствија ја пополнуваат заедничката стварност како по рецепт според нив, водејќи се по „негативот“. Фронтот на стварноста со такви очекувања ослабнува, а позадината зајакнува, со што, две или повеќе „стварности“ се во борба да бидат основната заедничка стварност, а навидум изгледа како никој да нема одлучувачка алатка да докаже дека таа-и-таа стварност е основната. Моралниот релативизам е кротката теориска варијанта на оваа горлива ситуација во светот.
Можеби, како теориска обука, текстовите со наравоученија треба да почнеме да ги читаме и на друг начин, со извесен дефицит на внимание кон централната морална поука, а со обраќање внимание на нејзиниот „негатив“ и на етичките пропусти направени заради краткост и ефективност на позитивната порака. Не дека „безобразните“ намерно нешто ги читаат басните и поговорките, па ги гаѓаат баш етичките запоставувања во нив, туку тој порив е некој примален, грабачки, за опстанок – генерална ориентација за провирање низ дупки, на пример во закони, туѓи пропусти, „снаоѓања“, како што утешително си еуфемизираат, или пополнување на содржината на стварноста со своето (претерано активно) присуство на штета на други.
Да се сетиме, на пример, кои сѐ услови се потребни за правилно да се разбере „вртењето на другиот образ“ како предизвик и опомена (со разбирање дека и другата страна има етички исправна интелигенција), а не како алатка на садистот да убеди некого да посака уште ќотек, или мазохистот да си се самоубеди. Или, за изреката „сакај го ближниот свој како самиот себе”: Гаслајтерот сакањето на ближниот го условува со егоизам („си се сака сам себе“, нели), просто затоа што не ги исполнува неискажаните барања од изреката, кои се всушност социјални и морални норми. И така натаму. Затоа, многу е интересно што овие „негативи“ на приказните, барем теоретски – оти во нив е однапред шематизирано која е моралната страна – генерираат патека по која ќе препознаеме при соодветната ситуација кој живее по нормите на „негативната реалност“. Едно етички неинтелигентно суштество, на вртењето образ со задоволство ќе мавне уште еден бокс, на пример.
„Сината трева“ е елемент од познатата басна за магарето, тигарот и лавот, во која магарето тврди дека тревата е сина, а тигарот – дека е зелена. По расправијата, одделно одат да се жалат кај највисокиот авторитет – лавот. А лавот му дава ветување на магарето дека тигарот ќе биде казнет, оставајќи го весело и сигурно во себе да си мисли (и пропагира можеби) дека тревата е сина. Етичката празнина може да е во давањето ветување кон магарето, кое, според самото убедување на истиот тој лав, е тотално недостојно за еден тигровски авторитет, а камоли за лавји: Лавот го учи тигарот за нивото, а самиот си го растурива своето ниво, ем со концесија кон едно магаре, ем со игнорирање на невистина. Односно, условите кои се надеваат на интелигенција се изоставени затоа што се подразбираат (на пример, дека лавот е токму на тоа место оти треба да жртвува дел од авторитетот на компромитација, со цел да просветли некого што може, или одлучувањето дека бојата на тревата во тој момент не носи последици за шумата, итн.), па така моралната поука за нерасправање со магариња ни е пренесена, благодарение на непишаниот договор што е етички интелигентно. Но, жител на светот од етичките празнини, очекува и настојува во заедничката стварност ликовите како тигарот да бидат казнети за придржувањето кон некоја норма, затоа што а) „праведните се казнуваат“, (инаку чуму „снаоѓањето“), б) „авторитетот шурува само со тапи но упорни“, в) „авторитетот е неоспорлив, па може да се троши на дволичност“, и слични г), д), ѓ), итн., без водење сметка дали тоа е заокружен логичен систем. И по некое чудо да е заокружен до таму, автоматски веќе нема да биде, затоа што во него, магарето му е секогаш оној другиот, а првото лице еднина или множина од тој свет задолжително си смета дека е во право, што и да тврди. Во тој универзум ништо не може да се докаже со доведување до контрадикција, бидејќи таму контрадикциите се венчани на големи сини ливади. Таму казната е веќе доказ дека тревата е сина, за тоа да биде за навек норма и вистина (argumentum ad consequentiam). Историјата, дури и историјата на науката е на суров начин преполна со такви примери. Но, може да се обидуваме, бидејќи редовно во проблемите се скриени и решенијата.
Преку етичките – негатив и празнини на приказните од тип „еден се глупира, а сите други патат”, се чита и улогата на авторитетот за (не)прифаќање на нормите/ вистината, бидејќи формалната одговорност на авторитетот кон колективот, се преплетува со (не)доследностите кои ги прави. Така, ликот на лавот не е фиксен во стварноста, зависно од контекстот кај кого е мандатот за одлука. На пример, во актуелната македонска проблематика може да е една или друга влада, може да е народот на избори, може да е ЕУ, а во некои случаи фалшливо се доделува на јавното мислење (познатиот Гебелсов изум). Нефиксноста никако не подразбира рандом миксање на улогите, кому како му чини. Таквата постапка би била опасна, таа е следна итерација на тврдење дека тревата е сина. На пример, прогласувајќи го за „сина трева“ условот за допишување на бугарското малцинство во Уставот, сегашната влада ни ја мести ЕУ во архетипот на магарето, себеси се мести во праведната улога на тигарот, а улогата на лавот им ја доделува на медиумските креатори на јавното мислење. Таквата постапка е саботажа, субверзија на стварноста, сама по себе фалшлива втора итерација на тврдење дека тревата е сина, како во задачките со самореференцијални парадокси. Доказот е во наредниов пасус, но овде мора да се спомене дека критично важно е секој да согледува кој од која итерација на стварноста доаѓа. На пример, некој можеби и вака би рекол – ЕУ е лавот, Бугарија е магарето, а Македонија е тигарот што го казнува, а од бугарската страна, можеби би рекол дека ние сме магарето, а тие се казнетиот тигар од лавот – ЕУ. Тоа што ваквите размени на архетипски ролји во различните очи не изгледаат бесмислено, алармира дека се случува процес на субверзија на стварноста, за кој секоја од страните би го тврдела токму истото тоа за другите („ти правиш субверзија дека наводно јас правам субверзија“ , „ти правиш пропаганда дека јас правам пропаганда“, што е можеби и трета итерација на „тревата е сина“).
Во моралната стварност сепак може да се согледа дека условот за продолжување на преговорите со ЕУ спаѓа во општата етичка норма дека на малцинствата им се признаваат правата, а нашата посебна е – дека ние поединечно ги споменуваме во Уставот. Меѓународните документи за малцинствата се само практична или симболична форма на таа општопризната етичка норма и тоа точно е еквивалентно со „зеленоста“ на тревата од приказната, а не обратно, со „синост“. Имено, исто како што си набројал во Уставот и други делчиња од народи, дел од истата морална норма е да наброиш и уште едно три илјадно делче коешто сака да биде наброено. Нема морална норма која е во контрадикција со тоа, а ако има нешто што е во контрадикција, тогаш тоа не е во истиот систем морални норми. Со приоритет на контрадикторна „норма“, автоматски докажуваш дека не си (за) во системот од нормални (европски) морални норми. Толку. Со тоа, дополнувањето на Уставот е етички во ред, теориски еквивалентно со пропишаното етички позитивно -„тревата е зелена” во архетипската приказна. Уште повеќе, може да се докаже дека барањето консензус за НЕнабројување на бугарското мало малцинство во Уставот е суштински дефектно и морално компромитирано, уште потежок пандан на магарешкото тврдење од басната дека тревата е сина. Самото одбивање на консензус за набројување на бугарското мало малцинство во Уставот е веќе дефектно, но сега му е даден Гебелсов мандат на „јавното мислење“ да ја пополни етичката празнина на ликот на лавот, т.е. да „одлучи“ дека минатата влада „немала право“ што не направила консензус со тогашната опозиција за НЕнабројување на истото малцинство.
Па, сега, ако сакаме етика без празнини (т.е. пристоен мост меѓу световите), тогаш приказната која би се однесувала на основната стварност, (значи – не како нејзината испополнета „сина“ итерација од погоре), би требало да оди така што бувот, мравката, пчелата и други мудри и работливи животинки од шумата прават барем една спектроскопија на тревата на барање на лавот, му го вадат опсегот на фреквенции за зелено споредбено со сино на магарето пред нос, го праќаат на офталмолог да провери да не има некој тип на далтонизам, а доколку тоа не е случај, го праќаат на обука за која боја велиме дека е сина, а за која – зелена.
За жал во реалноста, научните институции се одамна ограничени во овие корисни дејства, а научната фела е неселективно плукана и омаловажувана на просторот на разни медиуми. Лавот може да си го одржи нивото (што го бара од тигарот) единствено кога со помош на доказите за нормата каква е тревата по боја (по претходно оценување дека може да е битна бојата, индицирано со тоа што еден тигар се зазел за тоа), баш ќе се обиде да му укаже на магарето, а не тукутака да го пушти по шумата да шири невистина. Па, ако магарето и покрај укажувањето одбива да ја разбере нормата, (реалноста/вистината), приказната завршува со некакво изумирање на шумата или отселување на нејзините жители во други шуми, заради гладот што се јавил откако магарето шири „факт“ дека тревата е сина.
Улогата на авторитетот е да внимава дали вистината се бара за „сенката на магарето“ или таа е толку суштинска, што целиот систем зависи од неа. Ако е нешто измеѓу, тогаш колку е тоа. И колку е тешко да се однесува колективот според вистината, колку е користа наспроти штетата, колку од вистината, а колку од невистината. Од овој аспект, апсурдот што сегашната влада го прави против допишувањето на бугарското малцинство покрај другите малцинства во Уставот, е што има пред себе, од една страна, ем морално чиста задача, ем вистина, ем лесна за комплетирање, ем истото е корисно за државата, ем е шанса, и за државата, и за власта да покаже дека е европски – вредносна, додека, пак, од друга страна резистирањето да допише малцинство, патем и со лажни тврдења за реперкусии врз идентитетот, морално ја валка нацијата, потоа во конфликт е со вистината, исто така се сопнува од стварноста – што граѓаните сепак сакаат во ЕУ. Сѐ уште пропагира дека трпи притисок од (непријателскиот) сега – „европски диктат“, што како термин претставува ненадоместлива срамота на плагирање на Хитлеровиот „Версајски диктат“. Како да заборава дека не е веќе опозиција кога правеше циркузи со „Европа, светот прави стратегија како да го скрши ВМРО ДПМНЕ“. И на крајот, ваквиот неразумен отпор е на голема штета на сите нас од сите главни аспекти на живеењето. Ако оваа влада си се мести за архетип на лав, тогаш рикот ѝ звучи многу магарешки.
Тенденцијата на десните влади е повеќе неформални недоследности вгнездени една во друга да ги пропагираат небаре се вистина. Незабележливо, некохерентноста навлегува во некритичкиот ум и го претвора во вирус при заедничкото живеење, дел од поларизирано подмножество на заедницата (не, поларизацијата не подразбира рамноправно неисправни страни). Таква вирусна топка што е пуштена да се тркала е фалшот дека „кутрите ние праведници”, ЕУ ни ги помести „голчињата“. Прво, не се поместени, затоа што „условот“ воопшто не е услов ниту е посебен, туку, како што е погоре аргументот, тој е само дел од општата меѓународна прифатена норма дека на малцинствата им се признаваат правата, а нашиот начин е со споменување во Уставот. И второ, да не го мешаме сегашниот „услов“ со првобитниот (без учество на ЕУ), бугарски „објаснувачки меморандум“, во кој од нас бараше сешто, уште што не побара да лебдиме во воздух и да ѝ ја донесеме Месечината. Сепак ЕУ, во соработка со минатата влада одлучи да ни даде можност (или пропагандно наречена „нов услов“), лесно, во чекор да ја избегнеме сопката од ненормалниот меморандум – можност, еквивалентна по тежина со пишување честитка за прочка, а ефективно – банално да потврдиме општа норма. Но, сегашната влада и како опозиција немаше доволен капацитет да го согледа тоа (или можеби ја штити Бугарија да не биде толку за срамота дека сега бара ситнурии во споредба со 2020-та, па мува прикажува како слон – не знаеме) и со тоа го увери цел свет дека постои и уште попештерско однесување од бугарскиот гаф. Како вишна на шлагот, има нерв да нафрла на сметка на граѓаните компензаторно tu quoque („а ти?“) кон ЕУ и претходната влада, употребувајќи го лажниот термин „нов услов” како поместување на „голчиња“, токму со цел да полага право на поместување „голчиња“. Ова е дел од еден покомплексен пропаганден изум во светот, а вмровизмот, трампизмот и сличните режимски матрикси „се снаоѓаат“ колку што им држи капацитетот, често копирајќи се меѓусебно во најпростиот облик: Моралниот уценувач гаслајтира така што обвинува за морална уцена.
Такво е и движењето MAGA, кое по многу критериуми е блиско на некакво фашистичко движење: гранично ултрадесничарско е, секако подесно од историското републиканство, се противи на плурализам, егалитаризам, социјална држава, демократија во оригиналното благородно значење, ја напаѓа другоста, на пример, емигрантите, малцинствата, полово нетипичните, развојно нетипичните, па и сиромашните и други групи кои им ја реметат идејата за „расна чистота“ и уште е и агресивно националистичко. Промовира култ на личност, која, пак, се изрази дека сака да биде диктатор. Таа личност ги напаѓа политичките противници со зборови извадени како од Хитлеровите говори. Истиот нема против да „му помагаат“ паравоени формации како оние кои го поддржаа на критичниот 6 јануари 2021 г.за да спречат мирно примопредавање на власта. И пак, токму од поддржувачите на трампизмот (вмровизмот и сите од овој вид – ултрадесни) ќе чуете набедување дека оној кој им се спротивставува – им бил фашист. Фашистот обвинува за фашизам. Моралниот уценувач обвинува за морална уцена. Поместувачот на голчиња обвинува за поместување голчиња. Има бугарски пасош/фирма, но не дава бугарското малцинство да се допише покрај другите малцинства во Уставот. Методски Орвеловата „1984“ обвинува за методи на Орвелова „1984“. Дестабилизаторот обвинува за дестабилизација. Крадецот вика „држ’те го крадецот“. Храна за деморализаторската армија да го увежбува стадото унисоно да блее „сите се исти“, за ако случајно некој сеуште не станал магарето на кое тревата му е сина, барем да биде кукавицата што ќе рече дека бојата на тревата не ја интересира или зајак што ќе избега од прашањето.
ВМРО-ДПМНЕ се занимава со итерирани морални уцени, префрлање на товар на одговорност, досадување со постојани ad hominem-и, заведување греотички (по морал) пречесто со терористички идеи/дејанија (докажана врска од 27 април 2017) и други јадни деца – кој од нив за плукачки ботови, кој на сцена задишано и без образование да „рецензира“ доктори на науки… Фашистичкиот елемент на антиинтелектуализам ни се презентира медиумски преку грд ad hominem и со најизлитената ad hominem варијанта – фалш резонирањето според потеклото на кажаното (argumentum ad originem): Професор, доктор на политички науки не смеел, замислете, да има образложенија идентични со образложенија на други политички страни што не се ВМРО-ДПМНЕ. Водител на произволна (изгласана ли е, стручно, научно избрана ли е нејзината креација?) политичка дебатна емисија или шоу, ни потпикнува игнорирање и неанализирање дали конкретно образложение, внимавајте, не став, може да е мериторно точен. Па ајде да видиме – кој тоа ги избрал (демократски, или стручно-научно) водителите на телевизиите, со каков мандат се за таква „лавовска“ моќ да нѐ „пеат“ нас гледачите со нивни тврдења, или кое научно тело ги рецензирало, па наместо да прашуваат – тие јавно лепат тврдења со argumentum ad originem врз професор, и тоа, на политички науки по научно звање? Што тоа поттикнуваат медиумите кон стручњаците кои имаат меѓународно признание за својата работа со секој објавен научен труд, а искажуваат нешто што не им се допаѓа на некои практиканти на политички работи? Односно, од каде им е тој мандат на водителите на јавни дебати или интервјуа воопшто да тврдат нешто, или со користење провидни, излитени финти на фалш резон да минираат одредена насока на преиспитување на тематскиот проблем? А, да, па се знае – доделениот лавовски авторитет за креирање на „јавно мислење“, Гебелсовиот изум. Наместо баш да прашуваат за секоја вредна насока за размислување, оти нивната цел по дефиниција мора да биде едукација на публиката, водителите отфрлаат образложение од научен работник од област политички науки? Образложението може да е точно, нека поттикне водителот анализа, но нема многу чекори да се види дека е точно, па ако сака и Луцифер лично нека го кажал тоа, пак е точно – дека дистинкцијата (зборот што ВМРО-ДПМНЕ сака да го испади како ѓаволот) меѓу двата народи е очигледна ако во ист висок документ двата стојат со различно име, со различна позиција. Зборот „дистинкција“ има дејство, всушност, како лукот за вампирите, а не спротивно. Тој збор е како очитување на спектроскопскиот апарат дека тревата е зелена (за внесување на бугарското малцинство меѓу другите во Уставот), а не сина, како што би сакала оваа влада да веруваме!
Исто така ВМРО-ДПМНЕ намерно ја шири фаличната „логика“ дека последиците од неконсензус со неа дека „тревата е сина“ се поважни отколку јавното евалуирање каква е тревата воопшто, т.е. која точно е мериторната оценка дали допишувањето на бугарското малцинство покрај останатите во Уставот е навистина неприфатливо. Па измислува ни-риба-ни девојка „одложени дејства” и самопонижувачко „чекање нова бугарска влада”. Зошто не е храбра да има став при хипотетична нова ситуација на повторен нефер објаснувачки меморандум дека би направила реверзија (или барем симулакрум за неа) за допишувањето да се „отпише“, односно, сега да презентира сигурносна мрежа (можно отпишување), за храбро да го допише малцинството? Изгледа има други планови, па потребно ѝ е оправдувањето за поместување „голчиња“. И тоа за наназад. А и можеби длабоко се сомнева во својата мнозинска бројка за да вети било што во врска со ЕУ – процесот (но и анти-ЕУ дејствувањето). ВМРО-ДПМНЕ всушност се фали со присилувањето врз другите да се сложат со неа дека „тревата е сина“, а неприфаќањето на тоа (НЕдопишување на малцинството) го прикажува како нелојалност и несоработливост.
Оваа влада, како избран авторитет, ги нема квалитетите на архетипскиот лав, бидејќи ја нема храброста за одлука. Го нема сенсот за праведност од моралната стварност (како архетипскиот тигар), бидејќи го нема ни знаењето на нејзините норми – продолжува да живее во опозициониот матрикс, само сега со буџетската каса на располагање. И неа ја расфрла на „втори заменици“, на вишок министерства, билборди со правдања дека „морето е криво“ и сомнителен кинеско-унгарски кредит (да, празнење е, не е полнење каса тоа, долгот порасна). Наместо да ја направи лесната работа, како што се врцкаше пред изборите, па токму во (погрешно нареченото) „условување“ да види шанса да ги надмине сите очекувања и да се издигне себеси и државата над сите сомнежи – таа, едно допишување малцинство го дави небаре дошла од улица да полага квантна физика на Харвард. Односно, активно си докажува дека е магарето од басните, за жал, мешајќи ја официјално и државата во тоа.