Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

КOJ МУ ЈА УКРАДЕ ПОБЕДАТА НА ВМРО-ДПМНЕ?

July 21, 2020 Filed Under: Колумни

БОРИС ГЕОРГИЕВСКИ

Додека Јанушев во долгата изборна ноќ прогласуваше сигурна победа, а Мицкоски одбра да не му ја честита, Ѓорчев во една куса реченица во настапот на Телма им го понуди наративот кој сега можат да го верглаат до бескрај, во надеж дека тоа ќе им ги зацврсти партиските позиции и паралелно ќе ги зацементира во политичка изолација.

Заглавени во етничкото трло на „нашите против нивните“, ВМРО-ДПМНЕ пропушти уште една шанса да се приближи кон политичкиот центар. Постизборниот наратив укажува дека ќе останат на маргините. Неверојатно е колку Влатко Ѓорчев недостасуваше на македонската политичка сцена последниве години. Разијдувањето или оддалечувањето од новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ, сеедно, ја остави јавноста без неговите прецизни оценки и коментари кои навидум ја сецираат политичката реалност во земјата, но всушност, даваат многу јасна и разголена слика за вистинската состојба на умот во неговата матична партија.

Можеби на Христијан Мицкоски, Јанушев и другите партиски функционери ќе им требаа денови да најдат рационално објаснување за изборниот пораз на 15 јули и тоа да го формулираат во некоја јасна и недвосмислена форма или фраза, која ќе помине „певливо“ кај членството. Но додека Јанушев во долгата изборна ноќ прогласуваше сигурна победа, а Мицкоски одбра да не му ја честита, Ѓорчев во една куса реченица во настапот на Телма им го понуди наративот кој сега можат да го верглаат до бескрај, во надеж дека тоа ќе им ги зацврсти партиските позиции и паралелно ќе ги зацементира во политичка изолација.
„Доколку се одземат гласовите на Беса од контото на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ е победник на изборите во македонскиот политички блок“, забележа Ѓорчев.

Овој став ја сублимира суштината на погрешната логика на ВМРО-ДПМНЕ, на политичката матрица која не дозволува раздвојување на граѓанското од етничкото, или обратно, и конечно ја прави партијата заложник на истите заблуди и погрешни проценки кои ја враќаат назад и неа, но уште поважно и државата, во една одамна загубена битка и застарен „мајндсет“.
За очекување беше Мицкоски да ја повтори мантрата на Ѓорчев и тој тоа, се разбира, и го стори денеска со дополнителен, парадоксален „твист“, кој од збор до збор звучи вака:
„ВМРО-ДПМНЕ е победник на изборите затоа што коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ има повеќе гласови од коалицијата на СДСМ без Беса“.

Никој, се разбира, не може да им забрани на ВМРО-ДПМНЕ и неговиот лидершип да се фокусираат ексклузивно на етничките Македонци и од нив да ја бараат довербата за владеење, дури и покрај тоа што „некои Албанци” се сликаат и се гушкаат со лидерот Мицкоски на митинзите и му кажуваат колку е добар. Проблемот е што етничкиот ексклузивитет „до и отаде Групчин“ (од 1998) се нуди како единствениот исправен политички концепт. Што „нашите и нивните“ се наметнуваат како мејнстрим, стандард на кој сега се залепи и ДУИ. Затворањето во тие етнички трла неминовно ќе го донесе на дневен ред и прашањето за оградата која ќе ги штити „овците“ да не залутаат во туѓиот атар. Едно е кога тоа го прават некои салонски црнокошулаши кои собираат гласови на незадоволници, а друго кога таквите пораки доаѓаат од партија која сака да се позиционира како про-европска конзервативна опција. До каде е стигната во таа профилација најдобро говори фактот што единствената јавна видео-порака на охрабрување пред изборите ја добија од унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Врв на тоа неразбирање на политичката реалност во ВМРО-ДПМНЕ се објаснувањата дека гласовите им се одлеале кај другите националистички и десничарски партии кои го критикувале Преспанскиот договор. Демек, да гласаа сите за нас, убедливо ќе победевме… Кај Македонците. Доколку целта на ВМРО-ДПМНЕ е да продолжи да победува „кај Македонците“ и да седи во опозиција- очигледно го имаат рецептот за успех. Во спротивно, ќе треба сериозно да размислат за своите долгорочни цели и начинот на кои ќе ги постигнуваат.

 

Filed Under: Колумни

КOГА ЈАГНИНАТА ЌЕ СТИВНАТ, ВОЛЦИТЕ ПОБЕДИЛЕ
ФРЧКОСКИ: ВТОРИОТ ФРАНЦУСКИ ПРЕДЛОГ Е ПОДОБАР ОД ДОГОВОРОТ СО БУГАРИЈА ВО 2019 ГОДИНА
БЕЗ НИВ СЕ’ ЌЕ СЕ СРУШИ: БРИТАНИЈА И МИГРАНТИТЕ
MАЛА ФОРМА, ГОЛЕМА ПРЕТСТАВА: БЛАГОЈ МИЦЕВСКИ ЗА МОЌТА НА МОНОДРАМАТА И СИЛАТА НА ЕДЕН АКТЕР
ЗОШТО СИТЕ ПУКААТ ПО ПП-ДБ?

Најново

  • КOГА ЈАГНИНАТА ЌЕ СТИВНАТ, ВОЛЦИТЕ ПОБЕДИЛЕ
  • ФРЧКОСКИ: ВТОРИОТ ФРАНЦУСКИ ПРЕДЛОГ Е ПОДОБАР ОД ДОГОВОРОТ СО БУГАРИЈА ВО 2019 ГОДИНА
  • БЕЗ НИВ СЕ’ ЌЕ СЕ СРУШИ: БРИТАНИЈА И МИГРАНТИТЕ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet