ЕMИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА
Ако се плашиме сега од нерамноправност, тогаш, кога ќе ги едуцираме сите луѓе до еден – дека толеранцијата е запознавање и човечка љубов? Дека инклузијата е солидарност и човечка љубов? Дека прогресивноста е корист за сите од човечка љубов? Дека демократијата е социјална машина што им служи на сите за да ја поткрепува меѓусебната љубов, поддршка, солидарност, за секој да ја искуси благосостојбата од вмреженоста?
Секој од нас е трагач на својот идентитет и секој што цврсто тврди дека го пронашол, дека го има или дека го наследил од фамилијата, традицијата… – е мрзлив. Свесно или не – лаже. Меѓутоа со тој збор сме, реално, измалтретирани. Со начинот на кој многу медиуми ги покриваат вршителите на разни витални должности (од ВМРО-ДПМНЕ), а тука „на помош“ се и социјалните мрежи, в лице сме заплиснати со нивната лага, мрза, неотчетност, меѓу другото (како потеклото на имотот, на пример) – и по прашањето на идентитетот. Згора на таа повреда, уште и непорекливо се пропагира дека, штом стигнале до вршење на такви должности, тогаш тие се урнек по сите основи, па и за „идентитетот“. Не е Преспанскиот договор тој кој суштински ги зезна да мораат да ја изговараат „придавката која никогаш не би ја изговориле“, туку немањето човечки социјален, интелектуален, емотивен, мрежен и храбросен капацитет во добра волја да разберат дека некаква придавка не го прави идентитетот. Истата декапацитираност важи и доколку го разбираат тоа, но намерно го третираа(т) народот како стока придавајќи креаторско значење на зборот „Северна“. Таа измамничка насока на креирање значења во обратна насока (зборот да ја креира суштината) го шират и на други поими во основите на Човечкото што е и базичната формула во режимските пропаганди во 20-тите години од 21-виот век.
И покрај сите лушпи од банана кои самите си ги сервираа и си се лизнаа на нив, нашите сеприсутни се токму истите кои пак тврдат „самосвест”, „цврст идентитет“, воспалено ги дразнат другите кои не се така „цврсти“ или се исти такви цврсти другости, ја банализираат историјата и традицијата, го „избиваат ѓаволот“ од мултидимензионалноста на идеологиите, религиите и сите можни различности, до најбанално физиолошките карактеристики, за да ги еднодимензионираат на својата умислена „цврстина“ на идентитет и неразбрана „самосвест“. И, како црешка на тортата наречена Малтретирање на Населението, се разбира, устата им изговара обединување, но без животно обединувачка идеја, туку „ајт’ в трло“. Тлее некаква казна во здрвената атмосфера ако не си во хомофилното стадо, во ехо комората. Не им текнува дека можеби тие се мали, не го збира секого таму. Или знаат, па како во автобус настискуваат со грандиозните ветувања сѐ што има матичен број, веќе покриени со приказни за голема Наша Земја, со визии од големи божества, со големи, предимензионирани споменици и големи грешки при пресметките во односите кон поголемите држави.
А кој е тој идентитет кој го тврдат? Тој е украдената, пребиена и измелена основа на социјалноста на колективот која, за никакво чудо, е најблиска до највисокиот кохезионен потенцијал. Слично како паразитот – не го интересира симбиотски однос со домаќинот, туку само сопствената исхрана. Заради нагонот за заштитно затварање најчесто идентитетот е варијанта во парче конзервативен наратив, но, за жал, насочен во групно, животинско заграбување моќ и маскиран во нешто кохезивно – популарно (на пример минатовековната почитувана референца ВМРО, избрани имиња на херои итн.). На тој начин, јазикот ни е изгубен во преводот, па суштински ни е погрешен кога, на пример, за патријархалноста и/или стравопочит кон мачо однесувањето (читај – понижување на женскиот квалитет) ќе кажеме „конзервативност“. Или за мразачи на странци на своја територија, или за противници на абортусот, или за нерегулирана економија од страна на ентитетот држава (кој токму тие крадачи и мелачи најмногу би го пополниле со себе сами и би го нарекле – нација)! Некако напамет. Исто така, нашето негледање на вметнатите контрадикции заради раширеното инсистирање различноста да биде дисјунктна на други така што воедно да се потврдува таа „идентитетска“ заокруженост преку заемни саморепликации на таканаречениот „идентитет“, го повредува токму поврзувачкиот потенцијал на реалниот квалитет – потрагата по идентитет. Погледнете го примерот што ни е пред нос: Конзервативна партија, се нарекува „револуционерна“! Згора, како таа маска да не е доволна, па со цртичка додале дека се и својата спротивност – „демократска“! Дали новите „конзервативци“ ја нашле магичната формула за ширење на својата идеологија? Тврдам дека не, туку останатите се сопнуваме и прпелкаме со подмолниве јазични вметки.
Не мора сега премногу да се враќаме на 18-тиот век кога конзервативизмот се јавува како реакција на Просветителството и Француската револуција преку идеи од вид „доста револуции“, „доста промени“ и „доста новитети“. Барањето ќоше на затворена безбедност и галење на континуираната истост („традиција“ -еуфемистичката пофалба на противењето на промени) е основен мотив на конзервативноста, игнорирајќи дека промената може да е постепена и насочувана така, да е во служба на секого. Од друга страна, факт е дека технологијата е низа промени самата по себе, потоа, индустрискиот напредок со сигурност нема врска со концептот на „традиција“, применетите науки експоненцијално го пронаоѓаат и креираат новото – всушност претставувајќи Просветителство на прогресирачки степен. Неизбежно и конзервативноста се променила не признавајќи го тоа, но во сите времиња влечејќи назад, товарејќи се себеси како вреќа олово на само некои делови на прогресивноста и просветителството, додека други делови им ги користела без признание. Социјална мрежа е оригинално Просветителски производ, на пример, но на сегашните „конзервативци“ не им пречи да ја користат. Не би се откажале тие во име на „конзервативната идеја“ од новото, доколку таа промена служи за фрагментација на она ново што му пречи на законот на посилниот, основата на денешната „конзервативност“. Не толку оти биле дрва во воспитно-образовната нега, туку затоа што се водат од не-идеја. Конзервативност како Човечка идеја не постои, дури и оригинално има проблематична дефиниција, како обична реакција на својата спротивност – Просветителството.
Добро, да прифатиме дека „конзервативниот идентитет“ денес се тврди на секој чекор, иако, како што гледаме, самото тврдење е залутано нестремење кон идентитет, како брод што нема ни поим како изгледа копно, а камоли да се стреми кон него како цел за своите патници. Оттаму, не може ни да се очекува интегритет од новите „конзервативни“, бидејќи интегритетот не е некоја заѕидана лушпа околу идентитетот, или во колективен манир – не ни смее да биде оградата на трлото во кое го втеруваат граѓанството, туку е концептуализирањето во бесконечноста на идентитетот во супремум, на начин на којшто само Човечкиот ум е капацитиран да го сфати. Напротив, новото „конзервативно“ е носено од струјата на големиот капитал, морето на моќта, мирисот на високата нога, интерпретиран како оброк, како водилка кон сопственото преживување и „што-ми-е-гајле-за-туѓото”. Затоа да не се чудиме што режимите се сурови, а диктаторите стануваат нетокму.
Заради грешката во припишувањето, дека општествата имаат работа со конзервативна идеологија, ненамерно се инкарнираа животинските социјални „решенија“. Од таквите се составени и други поврзани поими: Мачоизмот, сексизмот, патријархализмот (да, и ова е -изам, бидејќи намерно се шири), национализмот и уште дузина анти- и не- изми под капа на „законот на посилниот“. Тоа нешто (ваквото „животно решение“), отсекогаш се доведувало самото себе до нехуманост, себичност, трупање моќи, страв за своето, грабање од заедничкото, сѐ до наредната револуција. И потоа јово-наново. Просветителскиот дел од општеството, преокупиран со креирање на научни изуми, уметност и технологија ги третира овие аномалии како мушички што летаат наоколу, дамка на чаршафот, малку прашина, ‘рѓа што не пречи, пократка четврта ногалка која може да се игнорира – едноставно, „зошто-то“ на неуредноста на собите на научниците и уметниците.
Но, технолошките иновации веќе се во претерано голем расчекор со разумот, одговорноста на корисниците. А таа може да произлезе само од етичен интегритет, кој, пак, е невозможен без навлезеност во потрага по вистинскиот идентитет. За жал, на тврдачите на идентитет не им се работи толку. Исто така, за жал, прогресивните и просветителите, и покрај сфаќањето дека активната делба на Човечкото и пропагирањето на законот на посилниот реално се одвива и шири, уште не можат да одговорат, заглавени се во маските на јазикот и дозволуваат да бидат употребени како негативна дефиниција од страна на оние кои негативно се дефинирале преку нив. Имено, за да се излезе од заѕиданата ингрупност, ќе речат „толеранција“, ќе речат „инклузија“ и кон активните напаѓачи на Човечкото. Но, не само што тоа не е истата смисла за толеранција (на другост) и инклузија (вклучување како хомогено помешување!) на оние со непогодни можности во дадена средина, туку веќе од премногу повторување, тие зборови „се здобија“ со залудност во сите можни значења! Тие поими се прилично комплексни, содржајни поими, односно тие се теориички наменети да корнат погрешни, животински навики. Тие се учат воспитно од мали нозе и се практицират, како исхрана пропишана од доктор. Но, бидејќи не се пропишани, животинското ја наоѓа смисловната дупка во нив. А која е таа во новото време? Истата што масовно новата теорија за пропаганда ја користи: Слабеење на поимите користејќи ја можноста за самореферентно кружење, односно прикачување додатна смисла на поимите за да станат контрадикторни со самите себе. Така се маскира линијата на помал отпор „во служба на народот“ (читај „за мрзливата стока“ како што режимските матрични елементи тоа го земаат здраво за готово), или, поопшто кажано, маскирање на животинското во божем хумано. Ова е степен повеќе отколку маскирањето на новиот „конзервативизам“ со конзервативизмот како идеолошка определба. Како да се реши овој проблем?
Прво (нулто всушност), да забележиме дека веќе проблемот е идентификуван: Решавачи на прашањето за толеранција (на „други идентитети“) се појавиле во минатиов век. Карл Попер е најпознат со парадоксот на толеранцијата (нетолерантност кон нетолерантните), Џон Роулс е помек кога бара контролирачки да се толерираат нетолерантните освен ако дојде, што се вели, нож под грло, но во дефинирањето користи изрази за чесност и вистина, во самореферентен круг. Мислам дека коренот на парадоксот е што „толерантност“ из’ртил ново-конзервативни претпоставки со прилично непријателска конотација и таа радијација се шири кон низа други зборови кои се употребуваат во позитивен контекст – демократија, инклузија, па и самиот збор за прогресивност, итн. Забележете ја врската на скриената непријателска содржина на „толеранција“ со непогаѓањето (лутањето) на содржината на поимот „идентитет“ кај новоконзервативните мрзи: Акцентот на поимот е всушност на сѐ што не е интенција на поимот, негативната дефиниција.
Во еднодимензионирањето – што е различно „толеранција“ од „трпење“? Нели забележуваме тука, освен наметливоста, и двостраност – секоја страна (од перспектива на конзервативна, меѓусебно тврдо хомофилна група) може да се наметне и да се пофали: „Јас те трпам (толерирам)“ и да добие одговор „Не, јас тебе те трпам (толерирам)“. Инклузијата во еднодимензионалност е „примање“, сосе надменоста на тоа – „може и да не те примам“. Односно, дојдени сме во стадиум кога вакви поими стануваат погодни за преземање од страна на рандом „идентитетарите“, „конзерватарите“ и слични праматари кои воедно пропагираат дека се тврдо заокружени како такви како што се нарекуваат. Некои прогресивни, кои го ставаат реперот на сегашноста и минатото за да се дефинираат себеси како „Е – не поранешното и сегашното, туку останатото“ ја содржат истата контрадикција во самопоимањето и од тие причини изгледаат неискрено кога ги одбиваат „конзервативните“, при што воедно им одат на рака во додефинирањето на одвојувачкиот ѕид!
Толеранцијата неизбежно веќе во своето значење содржи непријателство, но се маскира, стрпливо и саможртвено. Демократијата, слично – во своето значење неизбежно содржи диктатура, па погледнете ги само графиконите во споредбите „назадување на демократијата“ – се споредуваат со диктатурите (смешно е, да, како од К-15 скеч, но мора да се каже – порано било обратно, диктатурите се споредувале со демократиите)! Инклузијата во самиот збор содржи поделба – надмножество од „нормални“ кои стрпливо ги инклудираат „ненормалните“, за жал. Ова се доста нови зборови, но не го содржат духот на новото време (од цивилизациски развиениот дел од човештвото), а тоа е она кое Човекот бара да е Човечко. Туку, тие зборови баш се полнат со конзервативен страв, со отстапница, всушност облекувајќи пак одозгора маска на одрекувања од стравот од страдања, од непријателства, од апсолутна диктатура, од миноризација, од местото во хиерархијата, дури имаат и елементи за алоцирање елита. Страв има, знаејќи дека може да се „претолерира“, на пример, па го маскира со одрекување од стравот. Дефинитивноста врз која се положувало надеж во јазичните решенија како „толеранција“, „инклузија“, „демократија“, „идентитет“, итн., денес е оневозможена од корен, затоа што е оставена можноста за преоблекување на секое чудовиште во нив. Стравот содржан во поимите ги направил само палта со можност да го остават Човекот.
Собирањето на пердувите пак останува на просветителите, како единствени педантни и волонтерски дарители на човештвото. Штом проблемот е злоупотреба заради двостраноста и наметливоста на основните поими за засновање на вистински хумани општества, се гледа дека карванот не може баш само да си врви, оти кучињата не лаат само, туку и касаат. Не може прогресивата која е способна за општествен придонес да биде отфрлана и исмевана за хуманата вистинита елитност, а да се дефинира елитност сосем спротивно – со скапи саати, џет сет врамување и лажни дипломи. Па колку можат да бидат отчетни, солидарни и корисни за општеството неколку накинџурени мајмуни? А ние, ќе ја жртвуваме цела општествена структура – oбразование, здравство, односи со други држави, воздух, транспорт, итн. за да си гледаме циркуски точки на недоквакана „елита“? Некако се навикнавме сѐ скапо да плаќаме, па ќе платиме со живот за да си гледаме сеир на сами себе?
Елитистички теории не недостигаат, а негативно поучени од фашизмот, како лош пример, може да се проучи веќе теориски која насока може чекор по чекор да се коригира за да биде и ефикасна, хумана и да носи кон социјална благосостојба. Мора да се земе барем еквивалентно ниво, бидејќи диктатурите се примордијални и погрешни елитизми. Односно, ниедна работа од режимите не е за копирање, но за да се ослободиме од таа погрешност се зема сржта на појавата и се очовечува. Не мора да е Платоновиот „крал филозоф“ заради опасноста да е нетокму, но пробана ли е идејата на Џон Стјуарт Мил за квалификуван електорат, со тежински гласови? Ако се плашиме сега од нерамноправност, тогаш, кога ќе ги едуцираме сите луѓе до еден – дека толеранцијата е запознавање и човечка љубов? Дека инклузијата е солидарност и човечка љубов? Дека прогресивноста е корист за сите од човечка љубов? Дека демократијата е социјална машина што им служи на сите за да ја поткрепува меѓусебната љубов, поддршка, солидарност, за секој да ја искуси благосостојбата од вмреженоста?
Нема време, не може веќе да се вртиме во самореферентен круг, мора да се означи почеток за спирално нагоре во димензионалноста одредена со чесните значења на поимите. Навистина не мора да се стискаме во ѕидини пропишани од материјална „елита“ која нема врска со хумани вредности. Ајде отчетноста да е законски пропис и пракса, ајде фокусот да не е кон олигархискиот интерес туку кон солидарното добро за општеството, па и човештвото. Идентитетот да се евалуира преку придонесот за општеството и човештвото, а не преку фиксни географии и истории правени од други индивидуи. И најпосле, ајде освестување на нападите кон образованието како институција, бидејќи тоа е јадрото на Просветителството и прогресот.
(racin.mk)