Покрај сите, ајде да ги наречеме, „административни и финансиски“ пречки, оваа години сепак две наши многу талентирани авторки започнуваат со снимање, Тамара Котевска и Марија Апчевска, како и талентираниот Марко Ѓоковиќ. Така што дефинитивно нема да има застој, туку само една нова генерација, нова енергија – вели оваа авторка и продуцентка

АНА АРСЕНОВСКА ЗАФИРОВА
„Ние сме тие кои ќе мораме да ги менуваме работите ако сакаме нашите деца да живеат во квалитетни општества. Тоа е револуцијата во која сакам да се дадам како влог. Да го надминеме парадоксот на дигиталните затворски ќелии во кои растат децата, постојано поврзани, а всушност отуѓени, од заедницата, од општеството, практично дехуманизирани“, вели продуцентката Лабина Митевска која, со секој свој филм „го дополнува мозаикот на човештвото “ притоа покажувајќи дека цената на независноста е фанатичната и бескомпромисна работа и верба во уметноста.
Со филмски работник интервјуто ќе го отвориме со „хорор филмот“ што неодамна ни се случи. Не си во Македонија, но како ја прими првата вест за трагедијата од Кочани?
– Шок и неверување, тага, толку многу изгубени животи, преиспитувања како и зошто ова се случува. Траума за целото општество. Мислам дека чуството е исто кај секој граѓанин на нашата земја.
Годинава не се продуцира ниту еден македонски филм (н.з. поради неправилности и незаконитости во дејствијата на Конкурсот во 2024) така одлучи Агенцијата за филм, а ние уште во јануари имаме награди од Санденс за „Диџеј Ахмет“ на Ѓорѓи Унковски. Каква филмска година имаме пред нас?
– Сметам дека годината ја започнавме фантастично со успехот на „Диџеј Ахмет“. Последните неколку години во филмските кругови на големо се зборува за македонскиот филм и впечатливите филмови кои ги создаваме. Мислам дека и нашата Агенција за филм како и Министерството за култура се свесни за овие големи успеси и афирмација на македонската култура и никако нема да се дозволи да се има стагнација. Покрај сите, ајде да ги наречеме, „административни и финансиски“ пречки, оваа години сепак две наши многу талентирани авторки започнуваат со снимање, Тамара Котевска и Марија Апчевска, како и талентираниот Марко Ѓоковиќ. Така што дефинитивно нема да има застој, туку само една нова генерација, нова енергија.
Од друга страна, јас сум во постпродукција на две исклучителни авторки: Теона Митевска чиј седми игран филм е инспириран од животот на Мајка Тереза, во една врвна меѓународна копродукција со неверојатно силни актерски остварувања, и вториот е на Дина Дума, филм кој го обработува прашањето на малолетничките бракови кај Ромите на прекрасен и чувствителен начин. Така што, со сигурност Македонија ќе биде присутна оваа година уште на многу фестивали и во кино салите низ светот.
Знаете, деновиве сите сме опседнати со трагедијата во Кочани, такво страдање, толку изгубени млади животи и повторно стигнавме на насловните страни на светските медиуми за тажна работа, и сето тоа поради сеприсутната корупција, страотното непочитување на закони, распространети и одомаќинети потплатувања, мито, врски. Но, за жал, за нас ништо од ова не е ново. Македонските граѓани со години, со децении живеат со таа вистина и никако не можеме да ги оправиме девијациите бидејќи законите не важат исто за сите. Но, исто така, факт е дека кога за Македонија се зборува убаво и позитивно, тоа е секогаш преку нашата богата култура и тоа е она што треба да го користиме и подржуваме, нешто што треба веќе еднаш да го сфатиме засекогаш.
Не станавте актерка по која се препознаваат филмовите, иако така Ви тргна кариерата, туку сте продуцентка кој создава препознатливи филмови. Што успевате вака да кажете, а не ќе можевте како актерка?
– Јас во актерството влегов случајно и секогаш сакав да се занимавам со продукција. Како актерка многу брзо сфатив дека, доаѓајќи од Балканот, секогаш нé ставаат во клишеа и постојано ни даваат исти, здодевни понуди, на дојденци, со акцент и слично. Притоа, како жена актер рано сфатив дека оваа индустрија е многу сурова и како ти изминуваат годините така опсегот на понудени ролји е се помал. Јас сум некој кој сака да кажува приказни, сакам да ги развивам, а не сакам да чекам понуди. Продукцијата ми овозможува да сум во центарот на сѐ, да создавам и креирам постојано, да ги согледувам работите од друга перспектива и постојано да сум во акција. И тоа ме прави неизмерно среќна и задоволна.
Добро тогаш, што ве фасцинираше толку во филмот што и по 30 години така силно ве врза за себе?
– Не знам како тоа да го опишам но, моето чувство, мојата возбуда е сè уште иста. Знам дека звучи невозможно но, тоа е вистината. Убавината на филмската уметност е што секое ново дело е нова авантура. После секој филм велам, ова ми беше најтешкиот, највозбудливиот, а веќе следниот ќе ми донесе повторно толкаво размрдување и разместување во процесот на создавање, што повторно и повторно се вљубувам во професијата, која толку многу ја сакам. И постојано има нешто ново да се научи, од секој проект, филмот е извонредно комплексна дејност и постојано има занаетски тајни кои полека, полека се откриваат. Не знам дали е најсоодветно, но тоа чувство можам единствено да го споредам со мајчинството, каде секој нов неодреден непознат чекор ти создава некоја внатрешна среќа бидејќи се работи за твое дете.

И веќе не сте само продуцентка на филмовите на Вашата сестра Теона, туку и други автори, режисери со Вас ги остварат своите професионални амбиции. Како бирате со кого ќе влезете во партнерство?
– Кога започнував со меѓународните малцински копродукции беше некако лесно, бирав со кои автори би сакала да соработувам, независно дали е тоа големиот Нури Билге Чејлан, или талентираниот Кристи Пују со кои стигнавме до Кан, Берлин, или во регионот соработував со автори на кои им верувам. По долга претпазливост за да не се наметнувам како продуцент во Македонија, сепак се решив да започнам да соработувам и со друга авторка покрај Теона, и започнав со Дина Дума. Полека, полека, ќе го ширам тој круг.
Престижната награда што ја добивте минатата година од Еуроимаж, им дава сила на жените во филмската индустрија, ама и на копродукциите. Зошто се тие битни? Зошто треба да се прават филмови на тој начин?
– Би излажала кога би рекла дека наградите ништо не ми значат, а посебно оваа награда која е највисока награда за еден продуцент во Европа. Јас, мојата сестра и мојот брат во оваа индустрија сѐ што сме добиле е резултат само и единствено на нашата фанатична работа, чесност и посветеност, бескомпромисност и длабока верба во она што го работиме како уметност. Тие квалитети и особини во меѓународните копродукции, кои се неизбежни и единствен можен начин да се снимаат филмови во Европа, остава трага, поточно создава репутација. Наградата е веројатно директен израз за препознавањето на таа чесност, професионалност, посветеност и создавање вистинска уметност која се почитува, надвор, повеќе од дома.
За таа привилегија да можеме да создаваме дела во една од најскапите, но и најкомплексните уметности сме се избориле сосема сами. Никогаш никој не стоел зад нас и никогаш не сме зависеле или приклонувале кон било која политичка опција. Нашата независност е нашата инспирација. Никогаш не било лесно и не е лесно да се опстои на тоа и да се издржат сите притисоци за потчинување или отстранување, само затоа што не си од „нивните“. Но, сметам дека за да си вистински уметник мора да си независен и мораш да се бориш за тоа. Единствено на тој начин можеш да создаваш врвна уметност. Тоа се докажа и докажува во нашиот случај и тоа ме прави неизмерно среќна и ми дава сила и енергија да продолжам понатаму.
Денес се произведуваат многу филмови, серии и различни видео формати. Има многу продуценти но, како да се биде уникатен и да се издвоиш од толпата? Што е она што го следите?
– Сметам дека тоа е нешто што е најтешкото во нашата професија. Во право сте дека се произведуваат многу, премногу филмски дела. Некои од нив се интересни, некои интригантни, некои автентични, некои оригинални и големи, но голем дел се и досадни, медиокритетски, неуспешни. И тука е клучен продуцентот, да оцени, да осети дали таа приказна е доволно интересна за времето во кое живееме и да верува во визијата на авторот. Сè повеќе се ценат и се бараат автори со силна, интересна визија со уникатен филмски јазик. Па само видете како оваа година на Оскарите доминираа европски филмови, филмови независни од големите студија, авторски филмови, специфични и единствени со нивното авторско изразување.
И тоа е она што е возбудливо. Не е само приказната, многу важна е концепцијата и реализацијата на таа приказна од авторот. Не е лесно да се поклопат овие две работи. Јас имам среќа да работам со Теона која е исклучителен автор, која со секој свој филм поместува граници, истражува нови полиња, ја турка кон промени одвнатре филмската форма, а тоа е вистински возбудливо, не само за мене, туку и за нашите копродукциски партнери и фондови, продажни агенти.
Колку лудост, а колку храброст треба да се има за да се истрае во улогата на жена продуцентка од Балканот?
– Пред повеќе од дваесет и пет години кога започнував беше навистина тешко. Во филмската индустрија кај нас, а и на Балканот доминираа мажи, и навистина како млада жена која сакаше промени беше многу многу тешко, особено да ги увериш дека можеш.
Се разбира дека тука главна улога одигра мојата актерска кариера во тоа време и контактите кои ги имав, и моите согледувања за европската кинематографија. Сакав да правам копродукции и со Теона сфативме дека тоа е единствениот правилен пат. Полека, но сигурно чекоревме кон нашето право да постоиме.
Првиот краток филм ни беше во Берлин и освои награда, потоа Ротердам со дебитантскиот, па вториот долгометражен во Берлин и Торонто и веќе вратите ни беа отворени и пополека почнаа и на Балканот и во Македонија да нé прифаќаат како сериозни играчи.
Ни денес ситуацијата не е едноставна, имаме уште војни да водиме. За жал, се уште во оваа индустрија на светско ниво, доминираат мажите на секое ниво иако работите се менуваат, особено во скандинавските земји, каде и наоѓаме силни копродукциски партнери. Се надевам дека ќе дојде време кога ќе нема потреба да зборуваме за родовиот аспект, но долг е патот во филмот и во другите уметности, а и во другите дејности.

Родена си на 11 октомври. Бунтовноста и востаничкиот поглед на нештата е очигледен. За што вреди денес да се бориш во овој свет во кој го живееме, кога естетиката е сериозно загрозена, сé е брзо, а вниманието многу кусо?
– Родена на 11 октомври, и правнука на Павел Шатев, така што, ДА, има многу бунтовничко во мене, а и секогаш имало и тоа ме прави горда. Живееме во време кога малку се чита, зависни сме од малите екранчиња и од лоша и вулгарна естетика. Но, сведоци сме дека се прави и одлична уметност. Уверена сум дека сега многу нешта зависат од родителите. Не можеме веќе да се потпреме на образовниот систем кој колабира насекаде заради падот на авторитетот на наставниците и институциите, сеприсутноста на социјалните мрежи и напливот на лажни вести и конспирации, каде сите идеи се сметаат за еднакво вредни, а всушност се прифаќаат оние со поедноставни објаснувања, макар биле и неосновани или недокажани.
Новата генерација на родители пополека ги согледува работите и сега навистина е до нас да се избориме за нашите деца да се развијат во солидарни, емпатични и разумни суштества. Ние сме тие кои ќе мораме да ги менуваме работите ако сакаме нашите деца да живеат во квалитетни општества. Ќе мораме да им ги одземеме телефоните кои се дизајнирани како дигитални замки, да поминуваме многу повеќе време во разговори, да ги учиме за убавината, за моралот, за другарството, за важноста на историјата, на знаењето за светот денеска.
Јас верувам во доброто и верувам дека ќе треба време, но овие нови генерации на деца се многу умни само им требаат вистински насоки. Тоа е револуцијата во која сакам да се дадам како влог. Да го надминеме парадоксот на дигиталните затворски ќелии во кои растат децата, постојано поврзани, а всушност отуѓени, од заедницата, од општеството, практично дехуманизирани.
Дали постои филм кој сакаш да го снимиш?
– Имаме многу нераскажани приказни кои сакаме да ги раскажеме, Но, сметам дека нашето време допрва доаѓа и дека сите тие ќе бидат раскажани. Со секој филм сакам да дополнам во мозаикот на човештвото, така што не верувам во еден единствен филм кој мора да се создаде.
А како изгледа Македонија за која би сакала да снимиш филм? Што би имало во него, освен загаден воздух, патриоти и предавници...
– Македонија има многу заталкано настрана од вистинскиот пат и прикаски не ни недостасуваат. Постојано бараме да не почитуваат надвор, а по дома газиме по трупови за да дојдеме до профит без никаква почит за ближниот свој. Ниту идеологија ни остана, ниту нова создадовме, освен национализам. Ниту усвоивме духовни суштински вредности. Само на „еден Бог му се поклонуваме“, на парите. Како во Стариот завет, талкаме низ пустината и пируваме пред Златното теле, додека пропаѓаме.
Имаме прекрасна земја со неверојатна убавина. Имаме многу интересни приказни да раскажуваме. Но, како уметници, секогаш ќе бидеме критички настроени и ќе бараме промена на состојбите, продлабочување на духот, инаку би се претвориле во пропагандисти, спротивно од револуционери, а тоа не ми е во крвта, нели?
(Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии)