ДЕНКО МАЛЕСКИ
Сме помислиле ли некогаш што се случува со системот на една од најмладите уставни демократии, македонската, во која ништо не и стои на патот на лагата – ни развиени демократски институции ни вистината како вредност
Видовме што се случи со системот на најстарата уставна демократија во светот, американската, кога лагата, макар и за само четри години, ќе ја нападне вистината. Вербалниот напад на американскиот претседател Трамп врз демократските институции на земјата полн со мали и големи лаги, деновиве се претвори во насилство на неговите приврзеници врз американскиот Конгрес. И сето тоа во име на патриотизмот и нужноста патриотите да ја спасат земјата.
Последниве месеци, изјавите на претседателот и на неговите приврзеници во републиканската партија дека изборите се украдени и дека патриотите треба да ги земат работите во свои раце ги крена на бунт нивните најверни следбеници. Петмина ги загубија животите во еден срамен пир на белите националисти. Благодарејќи на демократските институции на земјата и на фактот дека вистината е сепак вредноста за која се определуваат повеќето граѓани, автократскиот ситем на Доналд Трамп најверојатно ќе остане запаметен во историјата како срамна дамка врз американската демократија. Начинот на кој новинарите, судовите и интелигенцијата се бореа четри години за да ја одбранат вистината е поука за сите нас во Источна Европа кои сме новодојденци во светот на демократските држави.
Е, сега. Сме помислиле ли некогаш што се случува со системот на една од најмладите уставни демократии, македонската, во која ништо не и стои на патот на лагата – ни развиени демократски институции ни вистината како вредност? Вредност? Најпросто речено вредност е нешто за што вреди да се поднесе и некаква лична жртва. Слободата, на пример, е таква вредност за која луѓе некогаш се спремни да го дадат дури и животот. Денешната генерација наши политичари и интелектуалци веројатно и не знае дека нашата политика е производ на еден систем во кој вистината не беше вредност и дека лагата е длабоко вкоренета во нашата свест. Безмалку половина век, во името на Партијата и нејзината голема идеја за бескласно комунистичко општество, можеше слободно да се лаже во Источна Европа и во СССР. Дотолку што, на еден од конгресите на Комунистичката партија на Русија, Борис Јелцин ќе вети дека раководството на партијата нема повеќе да лаже. Сепак тоа беше само декларација: лагата продолжи да живееи во новиот систем на автократски капитализам но барем некој покажа со прст на проблемот. Кај нас, по падот на нашата блага варијанта на комунизам, самоуправниот социјализам, не се сеќавам дека некој рекол дека нема повеќе да лаже. Уште помалку дека вистината е темелна вредност на демократскиот систем за која ќе се борат сите. Напротив, лагата стана главното оружје во борбата за власт помеѓу партиските раководства.
Без развиени демократски институции, без независно судство, без интелигенција спремна да поднесе некаква лична жртва за вистината, во Македонија, веќе триесет години непречено се шири грдата лага која го полни народот со гнев и омраза кон другиот. Таа 1991 година „патриотите“го пуштија во употреба зборот „предавство“. Тоа беше една лага наменета кон оние кои се осмелија да бараат решенија за тешките предизвици кои ја чекаа младата држава која никогаш порано не се управувала себеси во меѓународната политика. Бидејќи никогаш не ја апсолвиравме таа тема со помош на вистината, имено дека без евроатлантските интеграции сме осудени како народ и држава на стагнација и дека компромисите се нужност за новодојденецот на меѓународната сцена, истата лага опстојува и после три децении. До ден денес има политичари и интелектуалци кои тврдат дека предавството е направено и дека ќе сме влегле во НАТО и без да го потпишеме Преспанскиот договор и без да го промениме името. Само една ваква голема лага која и денес ја повторува опозицијата е доволна да му го всади на народот црвот на сомневање дека некакво предавство навистина е направено и дека се подготвува ново со Бугарија. Ситни и крупни лаги фрчат секој ден од устите на гласноговорниците на партиите во фронтален напад против вистината. Така ќе биде се додека не се откажат од девизата:„Со пријателите и кога лажат, против непријателите и кога ја говорат вистината“. Тоа ќе се случи кога вистината ќе стане вредност во Македонија, за која вреди нешто лично да се жртвува. И не по наредба туку како морален императив.