Нема сомнение дека строгиот и редуциран протокол на рускиот гостин во Белград ги изневери очекувањата на домаќинот. Но,шефот на Кремљ не може да сокрие што го губи Балканот како свој двор а дека Преспанскиот договор е негов пораз. И што е побитно истакна дека Србија не може да влезе засега во Евроазиската економска зона, што треба да го проследат нашите опоненти на патот кон ЕУ
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Факт е дека рускиот претседател Путин е свесен дека не вложил ништо посебно во создавањето на некакви посебно блиски релации со балканските земји. Дел од нив, група во која влегува и Македонија дури и била предмет на закани, како кога министерот за надворешни работи Лавров ќе рече дека „Македонија е легитимна цел“, нели, тоа се подразбира, за нуклеарен напад. Нашава земја е само тло кое е значајна раскрсница на Полуостровот, ама не заслужува ниту копејка. Не дека таа од наша страна е барана цена за „содружништво“ туку дека е предмет на игнорирање и заобиколување. Јужниот поток, потоа наречен Турксиот поток а во поаледно време Колекторот, како што се нарекува гасоводот кој води од Русија кон Централна Европа, постојано не прескокнува, иако е многу пати менувана неговата траса. Не затоа што имаме како цел евроатланска перспектива, бидејќи тој цевковод и онака минува низ земји кои се во НАТО (Турција, Грција, Бугарија и оди кон држави кои се дел од Алијансата) туку се и дел од Унијата. Не, на режимот во Кремл му пречи практично само Македонија, до скоро и Црна Гора (каде имавме обид за пуч), во извесна смисла и БиХ, но не му пречат големите муштерии. Како што рече неодамна еден белградски професор кога ќе се вклучи ЕУ во гасоводот, Путин ќе може „да им ја гаси сијалицата на корисниците кога ќе посака“.
ПРЕСКАКУЛИЦА Русија освен што се вмушна во грчкта економија, за што доста сме пишувале, покажа амбиција да го преземе управувањето со Солунското пристаниште и врз грчките железници. Но, проструи дека Москва ќе се обиде токму преку железницата да ја прескокне МЖ, со форсирање на делот кој е под управа на БГЖ, во делот на долината на Струма. Место преку Гевгелија и Табановце идните супер експресни возови би оделе низ Пиринска Македонија.
Она што постојано покажуваше еден потценувачки однос кон Македонија, не ја спречуваше Москва кон нас да покажуваат однос како кон своја зона на влијание која не смее да помислува на некакви други сојузи. Како што се приближуваше успешниот крај на преговорите на релација Грција – Македонија, така се множеше револтот заради попречувањето на таа насока во Скопје. Онака како што до сега се одвиваа работите на овој план доведоа до тоа, како што вели српскиот интелектуалец Миодраг Лакичевиќ и во Белград и во Москва политичкиот врв да се чувствува „накиснат“. Во неговата статија „Северна Македонија и тажна Србија“, тој во поднасловот вели дека состанокот на Путин и Вучиќ е состанок на двајца губитници. „Бидејќи обајцата се пред некој ден поразени во Скопје.“
Тој забележува дека во Србија ни опозицијата, ни позицијата новото име на нивниот сосед не е дочекано поволно, нема честитки освен некаде само протоколарна вест.
ЗАЕВ БЕЗ СЛЕДБЕНИК Нема сомнение дека Кремљ вложи многу енергија да го исфрли Заев од политичкото кормило, со помагање на опозицијата, со поттикнување на протестите на неформални групи, Како што рековме и со закани, пред се во однос на влезот на земјава во НАТО. Српскиот коментатор заклучува дека настаните во Македонија само покажуваат дека во Србија од Ѓинѓиќ наваму нема на политичка сцена политичар кој има визија и решителност како што ја има Заев. И дека изворот на кризата и незадоволството во таа земја треба да се гледа во тој факт.
Впрочем, нам ни е јасно дека за Русија ова со Македонија и нејзината упорност самата да ги бира сојузниците е лош пример и дека може да поколеба многу луѓе во Србија и српската Краина во однос на релевантноста на пријателството со Русија. За српскиот претседател секако договорот со Грција е неповолен, бидејќи, покажува дека неговите калкулации од типот „ниту Исток, ниту Запад“ не функционираат. Впрочем, тој во последно време, не многу транспарентно ама под жито, се приклонува кон Вашингтон во најгорливиот проблем, преговорите со Косово, што Москва секако го знае и проценува.
Зошто може да се рече дека посетата на Путин на Србија не е поволна? Најпрвин, според српски извори таа посета била покуса отколку што се очекувало. Рускиот претседател одбил да учествува во подготвениот церемонијал со кој би го дувал рејтингот на Вучиќ, од типот на заеднички марш низ улиците на Белград, замислен како контрамитинг на оној на опозицијата кој се случува во Белград (сега и во други српски градови) секоја сабота и по најлоши временски услови. Немаше говор на рускиот претседател и пред собраниот народ пред црквата Свети Сава а на големо убедување Путин изговори едно „Благодарам“ и си замина.
Не треба да се занесуваме и со потпишаните договори за време на посетата – познавачите велат дека се работи за „реобновени договори“, еднаш потпишани, неспроведени во дело а сега „освежени“. Економскиот аналитичар, професорот Љубодраг Савиќ вели за телевизијата Н1 дека од тие 20 договори реално само два се нови – еден е во областа на соработка кај информатичката технологија а вториот е кај користењето на нуклеарната енергија во мирољубиви цели. Ова го потврдува и професорот од Економскиот факултет Слободан Аќимовиќ а имаше и новинари со долго сеќавање кои го препознаа договорот склучен за развој на српските железници како веќе потпишан во 2008 година. Не е спроведен во живот и сега пак се прави „помпа“ со нови потписи.
КОЛОНИЈАЛЕН СИНДРОМ За домашните русофили е важно да се свати дека неуспехот на Путиновата посета на Белград покажа дека Русија не сака да се прими Србија во Еврозиската економска унија! Причина, велат во Белград е извозот на автомобилите на Фијат од Крагуевац во Русија и земјите на Централна Азија. Москва е подготвена да увезува овошје од овој регион, ама ништо што има допир со повисока технологија?! Тоа е еден типичен колонијален синдром. Ова може да се подвлече за оние кои велат кај нас дека членството во Евроазиската економска унија е замена за ЕЗ. Но, за жал ниту еден коментатор или колумнист ова не го истакна деновиве а прашање и дали ова се знае како значаен факт за илустрација на руската надворешна политика.
Леденото лице на Путин несомнено е поврзано и со фактот дека Србија и натаму не одговара позитивно на барањето руските службеници присутни во базата во Нишп да добијат соодветен дипломатски статус. Вучиќ очевидно калкулира подолго време (ова дефинитивно би се сватило како прокламување на специјалните воени и безбедносни врски од највисок ранг со Русија). Новинарките од Спутњик во јавноста во Белград коментираат дека тоа што Путин ова барање не го ставил на маса овој пат, при оваа посета, „бил џетлменски потег“ на шефот на Кремљ. Секако дека некогаш постои очекување тоа да го стори домаќинот на средбата а ако тоа го нема, можеби е време авионот да полета кон Внуково.
Но, да се вратиме на нашиот регион. Додека го очекуваме финалето со прифаќањето на Преспанскиот договор во Атина, ние може да забележиме кои се поединците и организациите кои ни се пријатели. И кај српската опозиција, на пример.