ТОМАС БРЕЈ
Светскиот тренд на лажни вести и алтернативни факти доби ектремно на сила со почетокот на мандатот на Доналд Трамп. Во меѓувреме, врвот на ЕУ се бори против несаканиот развој. Загрозена може да биде дури и самата Унија
Американскиот претседател Доналд Трамп неделава повторно се покажа: ја обвини социјалната мрежа Твитер, која патем е најважниот канал на неговата политичка комуникација со јавноста, дека им отежнува на корисниците да го следат неговиот профил @realdonaldtrump. Притоа, бројот на негови следбеници само од јули досега е зголемен за околу три милиони. На крајот на октомври овој врвен политичар, кој важи за важен креатор на лажни вести, уште еднаш ги нападна реномираните медиуми во својата земја. „Fake news-медиумите се вистински непријатели на народот. Тие мора да престанат со отвореното непријателство и треба да известуваат исправно.“ Пораката е јасна: светски многу ценети американски медиуми, како „Њујорк тајмс“, „Вашингтон пост“ или Си-Ен-Ен, шират еднострани лежни вести, додека Претседателот е обврзан и верен на вистината.
Всушност, би требало да е јасно: фактите се факти. Интерпретацијата и коментарите кои од тоа произлегуваат меѓутоа оставаат голем простор за игри. Денес самите факти не се веќе неспорни. Има поплаки дека на социјалните мрежи важи законот на посилниот. Кој има моќ за погрешното да тврди дека е точно, неговиот невистинит став може да се протурка како нова вистина. Од тоа во меѓувреме стравува и Европската унија. Европската комисија смета дека Русија е главен извор на лажни информации и со тоа – на обиди за влијание врз изборите во Европа. На Москва ѝ се префрла дека вршела влијание врз британското излегување од ЕУ и врз американските претседателски избори во 2016. Шефовите на држави или влади на ЕУ на својот последен самит во Брисел предупредија дека постои „вистински предизвик за нашите демократски системи“.
Последно во ноември возбуда предизвика еден сајбер-напад врз портал од ЕУ-членката Литванија. Непознати лица на порталот „Kas Vyksta Kaune“ објавиле лажна вест со цел да му наштетат на имиџот на НАТО, соопшти медиумот. Според оваа лажна вест, алијансата наводно планирала напад врз Белорусија. По негативните искуства, француското Национално собрание неколку дена подоцна донесе пакет закони против целните лажни вести во време на предизборна борба. Попусто новинарите и опозицијата, како од лево, така и од десно, се бунеа против законите поради страв од од еден вид „полиција на умот“ и „цензура“.
Германската министерка за правда Катарина Барли најави дека внимателно ќе ги следи ефектите од новите стратегии против лажните вести.
Феноменот лажни вести, значи тврдења дека се вистинити нешта кои се очигледно погрешни, во меѓувреме стигна и до центарот на моќта во ЕУ. Претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер, отворено вели: „Во Европскиот совет многу јасно ставив до знаење дека некои од премиерите кои таму седат и самите се извори на лажни вести“, рече тој по самитот на средината од декември. Особено трн в око му е унгарскиот премиер Виктор Орбан: „Доколку господин Орбан, на пример, рече дека јас сум одговорен за Брегзит и сум виновен, тогаш тоа се лажни вести. Кога вели дека мигрантите се одговорни за Брегзит, тоа се лажни вести“, критикуваше тој.
ЕУ ја препозна експлозивноста на лажните вести и сака да преземе мерки против нив. На почетокот на декември Комисијата објави Акционен план, кој предвидува зголемување на финансиските средства од сегашните 1,9 на 5 милиони евра. Но, тоа се чини како багателна сума со оглед на стотиците милиони евра кои Русија ги има ставено на располагање за својата „информативна војна“ против Западот.
Стратегијата против лажните вести почнува во училиштата
Притоа, со оглед на драматичните последици што ги оставаат „невистинитите вистини“, неопходен е голем потфат. Зашто, во меѓувреме, како што покажа репрезентативното истражување на „Фондација Водафон“, младите барем еднаш неделно се изложени на лажни вести и говори на омраза, една петтина од нив дури и секојдневно. Три четвртини од испитаниците посакуваат за темата лажни вести и говор на омраза да се дискутира во училиштата. Но, тоа засега таму не е тема.
А, за една долгорочна стратегија против лажните вести да има успех, таа мора да ги опфати и училиштата, сметаат експертите. Во Германија, пак, првично планираните пет милијарди евра за дигитализација на училиштата се ставени под мраз поради политички отпор. Од страна на сојузот планираните уставни измени за таа цел се блокирани од голем број покраини поради уставно-политички дилеми. Дигиталниот пакт во форма каков што е планиран од страна на сојузната влада претставува „фронтален напад врз нашиот федеративен поредок“ и треба да се отфрли, образлага, на пример, премиерот на Баден Виртемберг, Винфрид Кречман. Зашто, „ние не сакаме минимизирање на покраините“, аргументира овој политичар од Зелените.
(Томас Бреј речиси четири децении беше дописник на германската новинска агенција ДПА, последно раководеше со сите канцеларии на ДПА на Балканот. Тој со години предава на германските факултети по политички науки)