Случајот со вработениот ИТ работник од ЕЛЕМ е само една од илустрациите за пласирањетио на лажни вести и во Македонија. Впрочем, ако нашите емитери си наоѓаат муштерии кои плаќаат во девизи, зошто би им биле страни и денарите?
Релативно мирната атмосфера спротив вториот круг на претсдателските избори, ја прошараа и некои вести поврзани со емитување на лажни вести. Така, партиските штабови на социјал-демократите јавија дека нивниот политички противник – ВМРО-ДПМНЕ преку рециклирани и преповторени лажни вести да ја покрива веста на денот, дека Државната комисија за спречување на корупцијата отвори два предмети против Христијан Мицкоски за основани сомненија за судир на интереси.
„ВМРО-ДПМНЕ е партијата симбол за криминал и корупција против чиишто функционери се водат бројни предмети од страна на СЈО и надлежните правосудни органи, а почесниот претседател Никола Груевски е осуден со правосилна судска пресуда„ – се вели во соопштенијата и е додава дека „ВМРО-ДПМНЕ и институционално се потврдени како симбол на непотизам, роднинските и партиските вработувања“.
Втор случајот со Ѓорѓи Поп-Ѓорѓиев кој за време на изборната кампања пред парламентарните избори на 11 декември 2016 година, регистрирал портали во Хрватска и Србија од кои се ширеле лажни вести против лидерот на СДСМ Зоран Заев, а е вработен во државната компанија ЕЛЕМ.
Поп-Ѓорѓиев во ЕЛЕМ е вработен непосредно пред изборите и пред почетокот на изборната кампања, односно на 12 септември 2016 година.
Од Државната компанија за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдуваат дека лицето Поп-Ѓорѓиев бил вработен во ЕЛЕМ на позиција системски оператор во ИТ сектор и сѐ уште работи во компанијата. Како вработен во ИТ секторот Поп-Ѓорѓиев зема месечна плата од 28.000 денари.
„Точно е дека лицето Ѓорѓи Поп-Ѓорѓиев од 12 септември 2016 година е вработен во ЕЛЕМ. Иако во медиумите беше објавено дека токму тој регистирал портали и ширел лажни вести пред парламентарните избори во 2016, ние не можеме да гo избркаме од работа. Против него нема поведено никакво обвинение ниту кривична постапка од надлежните институции“, велат од државната компанија ЕЛЕМ за овој извор.
На 16 ноември 2016 година, од извесен хрватски портал ALO.COM.HR почнаа да се шират текстови со насловите „Заев договарал поделба на Македонија во Швајцарија“, „Сѐ за Сорос: Владетел на светот и човек кој одлучува за нашите животи или обичен преварант?“, кои масовно се споделуваa во Македонија на социјалните мрежи и се цитираа во провладините портали и телевизии. Текстовите на социјалните мрежи ги споделуваа членови и поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ.
Во истражувачки текст на 18 ноември, 2016, новинарите на интернет редакцијата НОВАТВ го проверија на хрватскиот пребарувач на домени порталот ALO.COM.HR и открија дека корисник е фирмата Њу Медиа Ентерпрајз (Nju Media Enterprajz) регистрирана на улица Васил Ѓоргов, 24/28 во Скопје, во населбата Капиштец, чиј сопственик и управител е Ѓорѓи Поп-Ѓорѓиев од Берово.
Порталот ALO.COM.HR бил регистриран на 15 ноември, а на ист ден и од истата ИП адреса во Србија е регистриран сосем ист портал под името SAZNAJEMO.RS. И на хрватскиот и на српскиот портал се објавени истите лажни текстови против Заев, напишани на квазихрватски јазик со очебијни јазични грешки. Неколку дена откако независните медиуми во Македонија открија кој стои зад овие портали за лажни вести, тие станаа недостапни.
Во 2017 Поп-Ѓорѓиев истовремено се водеше и како веб администратор и вработен во маркетинг во провладиниот портал ПУЛС24.МК во сопственост на Филип Петровски, тогашен директор на Државниот архив и лидер на поранешната партија Демократска десница која во 2012 сосе членството премина во ВМРО-ДПМНЕ. Името на Поп-Ѓорѓиев го имаше и како веб администратор на провладиниот портал А1.МК, кој се отвори во 2014 како регионален медиум, а го имаше и во импресумот на македонскиот портал НАЈАДИСЕ.МК. Името на Ѓорѓи Поп-Ѓорѓиев исто така стои и во Именикот на офицери за заштита на личните податоци регистрирани во Централен регистар на контролори за фирмата Друштво за продукција, маркетинг, промет и услуги „Виртувио ДООЕЛ Скопје“ чиј управител е Филип Петровски. Е-поштата на оваа фирма е истата како и онаа на фирмата што го регистрирала доменот за ALO.HR. Во 2015, провладините медиуми објавија и прилог со Ѓорѓи Поп-Ѓорѓиев, како невработен кој преку влдиниот проект за самовработување добил 3.000 евра неповратни пари со кои ја отворил „ИТ компанија“. Исто така, името Ѓорѓи Поп-Ѓорѓиев стои и на изборната листа на Демократска десница на Филип Петровски во третата Изборна единица на изборите во 2011.
На 1 март 2017 овој портал објави дека Поп-Ѓорѓиев на конкурсот на Агенцијата за филм за 2016 година доби 130.000 евра државни пари за продукција на документарец. Тој како сопственик на Друштво за производство на филмови, видеофилмови и телевизиска програма „Њу медиа 2016 ДООЕЛ Скопје“, доби државни пари за долгометражниот документарен филм „Гласови (Спомени за илинденците)“
И понатаму е активна пропагандата за објави со лажни иформации спонзорирана од Русија а против САД и Европа, која беше ангажирана во предизборието пред Доналд Трамп да стане претседател.
„Десетици ако не и стотици трол-мрежи поддржани од руски оперативци, се уште функцонираат и денес, во земји како Македонија, Албанија и Кипар“, вели Мајкл Карпентер, кој служеше во администрацијата на Барак Обама како специјалист за прашања од безбедноста и „руските прашања“, објави американскиот веб-сајт „Меклачи“.
Според откритијата од пред неколку недели, изложени во руски веб-магазин, најголемата фабрика за лажни вести е во Санкт Петербург, каде што 80 до 90 вработени се претставуваат како Американци и работат на интеракција со државјани на САД. Според Си-Ен-Ен, ова е платено со пари на рускиот олигарх Евгениј Пригожин, близок пријател на рускиот претседател Владимир Путин.
Неодамна сенаторот Марк Варнер, член на Одборот за разузнавање во Сенатот, рече дека тие побарале од најпопуларните социјални мрежи, Фејсбук, Твитер и Гугл да истражат дали има и други руски „фарми“ за производство на лажни инвормации. Варнер е истиот човек кој од Фејсбук побара да ги истражи информациите за лажните вести кои беа објавувани за време на политичката кампања од Македонија, Белорусија и Естонија.
Овие оперативци, односно произведувачи на лажни вести, наводно, пишувајќи на теми за муслиманите, бегалската криза и слични, успеале да организираат преку 40 собири во американски градови, без притоа ниту еднаш да допатуваат во САД. Тие таргетирале таквите собири во одлучувачки држави неколку дена пред изборите во САД, кои се одржаа на 8.ноември 2016 година.
Според независниот руски магазин Ар-Би-Си, содржината најчесто ја креирале така што таа требало да се совпаѓа со она што Трамп го говорел јавно, што пак според актуелниот претседател на САД, тоа било случајно совпаѓање на реториката, а не директна поддршка.
Неколку пати прашуван и интервјуиран за наводите дека добивал помош од Русија на тој начин што неговата противничка, Хилари Клинтон и администрацијата на Обама биле оцрнувани, во негова полза, Трамп негираше било каква инволвираност.
И Владимир Путин, исто така преку своите јавни ставови ги отфрлаше обвинувањата дека е вмешан во американските избори, префрлајќи ја вината кај „патриотските хакери“, кои според него, можеби имале влијание.
Лора Розенбергер, директорка на Алијансата за демократија и истражувач, за ова коментира дека Кремљ користел меѓулиниски сервери (односно центарот каде што се остварува комуникацијата на еден Интернет корисник со друг), во други држави, за слободно да врши хакирања, а сетоа тоа се одвивало преку Темната мрежа (Dark Web) која не е лесно достапна за обичните корисници на нет.
Магазинот „Меклачи“ во поопширната анализа која ја објави, потсетува дека Македонија беше во центарот на вниманието поради производството на лажни вести, каде ангажираните заработиле илјадници долари.