Според лидерот на СДСМ нивниот опонент е во паника, бидејќи, изгубил најмалку сто илјади гласови

Лажни се анкетите што покажуваат мала поддршка за СДСМ, а ВМРО-ДПМНЕ е во паника од загубата на сто илјади гласа – вели Филипче
Лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, најавува „енергична и ентузијастична битка“ во сите општини каде што СДСМ и коалицијата предложија кандидат за градоначалник и смета дека енергијата и желбата за политичка борба се зголемуваат кај членовите и симпатизерите на СДСМ. Според него, анкетите на ВМРО-ДПМНЕ лажно покажуваат мала поддршка за СДСМ, а владејачката партија е во паника од падот на рејтингот.
„Тие имаат изгубено стотина илјади гласа споредено со минатата година, што никогаш досега не се случило една влада да има толкав пад на популарноста за само една година. Меѓутоа, тоа не е чудно, едноставно, со ништо не се справија. Покажаа дека немаат ниту човечки капацитет ниту работна навика. Не се впуштија во решавање на проблемите на граѓаните, туку влегоа во партизација на институциите. Влегоа во тендери преку свои компании, преку коишто понатаму се исплаќаат хонорари на разни советници на премиерот во Владата, нивни сопружници“,рече Филипче.
Дополнително, тој вели дека е свесен дека временскиот рок од 15 месеци е прекраток за луѓето целосно да ја вратат довербата во СДСМ, но оти тие на овие избори излегуваат со професионалци, чесни луѓе кои имаат кредибилитет и легитимитет да ја побараат довербата од граѓаните.
На прашањето каде очекува победа на неговата партија, Филипче вели дека тоа ќе го кажат граѓаните, а во однос на анализите на ВМРО-ДПМНЕ дека СДСМ ќе победи во најмногу шест општини, лидерот на СДСМ изјави дека по 19 октомври, но и по вториот круг од локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ ќе биде непријатно изненадена, затоа што „повеќе не можат да излажат толку голем број на граѓани“, како на парламентарните и претседателските избори лани.
„Ние ќе се бориме за да ги повратиме гласовите од времето кога поддршката на СДСМ беше огромна, со наши автентични политики и со искрен пристап, со отворен, инклузивен контакт со граѓаните. Така што, јас верувам дека тие политики ќе ги препознаат и секако дека се бориме за секој глас, на секој еден граѓанин“,изјави лидерот на СДСМ.
Филипче вели дека нивниот слоган на кампањата значи дека ќе се борат за „нашиот дом“ и оти тоа претставува сублимат на сите историски политики, започнувајќи од АСНОМ, па сè до евроатлантските интеграции на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Тоа е повеќеслојна порака дека борбата е за секоја куќа, уличка, населба, општина.
„Мотивирачки е слоганот, одлично го прифатија нашите членови. Сметам дека добро допира пораката дека нашиот народ кој традиционално се борел секогаш кога некој сакал да му ја земе слободата, кога сакал да го замолкне, кога сакал да го ограби, а токму тоа се случува сега со оваа власт“,заклучи тој.
Филипче посочи дека власта ги одби сите добри законски решенија на СДСМ за покачување на платите и справување со високите цени на храната затоа што поважни им се газдите на маркетите.
„Ги одби, затоа што за нив поважни се газдите и крупниот капитал, отколку работникот кој секој ден се мачи да стигне до крај на месецот. ВМРО-ДПМНЕ, заради интересите на неколку компании блиски до нив, ги остава работниците по страна. ВМРО-ДПМНЕ се плаши да им каже на големите компании: Време е да го почитувате трудот на работникот. За нив, 400 евра биле доволни. За пуленот на Мицкоски, Трајко Славески, и тие биле многу. Додека тие трошат за ПР кампањи народни пари, луѓето се оставени на страна“, рече Филипче.
На трибината тој појасни дека граѓаните поради лошите политики на власта се оставени да не можат да врзат крај со крај во месецот.
„Што има обичниот човек? Празна кеса од маркет, сметки што пораснаа и до 30% и тие секојдневно чувствуваат дека живот е сè потежок. Речиси три минимални плати денес не можат да стигнат за една потрошувчка кошничка, а камоли за сметките. Луѓето не се борат за подобар живот, тие се борат за преживување. И токму затоа оваа власт мора да се соочи со прашањето: за кого работат, за народот, или за олигарсите?“, нагласи Филипче.
Во обраќањето тој потсети дека СДСМ и во најголемите кризи, Ковид кризата и енергетската криза, покажа што значи вистинска грижа за граѓаните.
„Го воведовме првиот механизам што предвидуваше раст на платите согласно растот на трошоците за живот. Бевме првата Влада што вистински со конкретни дела покажа што значи социјална држава. Во нашето време, минималната плата стана достоинствена, пензиите растеа, а работниците беа заштитени. Имавме девет пакети на антикризни мерки во најголемите кризи, 2,6 милијарди евра отидоа директно во компаниите и кај граѓаните. Се заштитија 80.000 работни места, се заштитија 20.000 компании од пропаѓање. Сега нема ништо. Има молк, има лажен ПР, има манипулации и има само слики од митинзи“, рече Филипче, и додаде дека ВМРО-ДПМНЕ наместо „балкански економски тигар“, како што ветуваа, ја претворија Македонија во економска пустина.




