Лесновска Купа претставува возвишение кое е остаток од згаснат вулкан, кој бил активен пред околу 25–30 милиони години. Се наоѓа во североисточна Македонија, во западниот дел на Осоговскиот Масив, на околу четири километри североисточно од градот Пробиштип и претставува една од најзачуваните палеовулкански купи во кратовско–злетовската област, но и во Македонија и на Балканот

ДАРКО АНДОНОВСКИ
Лесновска Купа претставува возвишение кое е остаток од згаснат вулкан, кој бил активен пред околу 25–30 милиони години. Се наоѓа во североисточна Македонија, во западниот дел на Осоговскиот Масив, на околу четири километри североисточно од градот Пробиштип и претставува една од најзачуваните палеовулкански купи во кратовско–злетовската област, но и во Македонија и на Балканот.
Купата денес, поради ерозивните процеси низ долгиот временски период, е многу пониска од времето на активниот вулканизам, но сепак има јасно изразени стрмни страни, особено од јужната и југозападната страна, со што се издвојува од околниот релјеф. Врвот на Лесновската Купа, претставува впечатлива, добро сочувана калдера (еродиран кратер), наречена и Лесновски Кратер, околу која прстенесто се распоредени 7-8 купести возвишенија. Познатиот геолог од крајот на XIX и почетокот на XX век Јован Цвијиќ, Лесновскиот Кратер го споредува со стариот кратер на италијанскиот вулкан Етна, Вале дел Бове.
Во самото средиште на Лесновскиот Кратер, на надморска височина од околу 900 метри, е сместено селото Лесново, единственото населено место во Македонија кое е подигнато во јасно изразен и сочуван фосилен вулкански кратер. Лесново е едно од најстарите села во Македонија и село кое најдолго опстојува на својата изворна местоположба, што оставило своја трага во вид на богато културно–историско наследство.
Лесновската Купа е само еден од повеќето локалитети на поширокото подрачје на општините Кратово и Пробиштип кои се карактеризираат со впечатливи елементи од сферата на геодиверзитетот, надградени со биодиверзитетски и културно-историски елементи, со што овој предел на Македонија ги исполнува условите да стане дел од европската и глобалната мрежа на геопаркови. Тоа, од една страна би придонело за поголема заштита на овие вредности, а од друга страна би значело и поголема промоција на нашата земја во светот и секако развој на туризмот во овој дел од североисточна Македонија.
За жал, една ваква прилика е пропуштена пред неколку години, а до некоја следна, останува да се работи на подигнување на свеста за значењето на ваквите наши локалитети.

Лесновската Купа е остаток од олигоцената вулканска активност која се одвивала пред околу 25 до 30 милиони години. При ерупциите било исфрлано големо количество дацитска лава и пирокластичен материјал. Денес дацитските карпи се изложени на ерозивни процеси, при што во релјефот се создадени бројни мали денудациони форми.
Во својата иницијална фаза Лесновската Купа била многу повисока и во денешно време е тешко да се претпостави каква била нејзината форма и големина. Според науката, просечното намалување на висината на андезитско-дацитските вулкански купи под дејство на ерозивни и денудациски процеси изнесува помеѓу 20 и 40 метри за период од 1 милион години, па според тоа за претпоставка е дека лесновската вулканска купа во периодот на вулканизмот била барем за 200 до 400 метри повисока.
Врвот на Лесновската Купа денес претставува впечатлива, добро сочувана калдера (еродиран кратер), со пречник од 1,5 км и длабочина во средишниот дел од 150-200 метри. Во нејзиното дно е сместено селото Лесново кое е единствената населба во Македонија која е подигната во амбиент на јасно сочуван фосилен вулкански кратер. Околу селото, по работ на кратерот, прстенесто се распоредени уште 7-8 купести возвишенија односно вулкански некови.
Од нив најмаркантен е северниот нек, Илин Крст или Илински Врв (1.127 мнв), за кој се претпоставува дека бил главен вулкански центар од каде избивало најголемо количество на лава. На јужната и источната страна се јавуваат уште 3 изразити нека: Св. Троица (1.012 м), Нушева Чука или Горно Брдо (1.025 м) и Гумички Рид (1.048 м).
По средината на Лесновскиот Кратер тече малата Лесновска Река, која го дели кратерот на два дела – северозападен и југоисточен. Истекувајќи од кратерот оваа река длабоко се всекува во југозападната страна на Лесновската Купа формирајќи мал, но длабок и тесен кањон, со што ја илустрира моќта на флувијалната ерозија при создавање нови геоморфолошки форми.
Траги од вулканската активност во вид на радијално течење на лавата и во вид на таканаречените вулкански бомби, можат да се сретнат и во непосредната околина на Лесновската Купа, односно во нејзиното подножје. Вулканските бомби, кои претставуваат фрагменти од лава исфрлени при силна вулканска ерупција, поради својата полутечна агрегатна состојба за време на нивниот лет низ воздухот добивале најразлична форма, но истовремено се ладеле и така обликувани паѓале на површината на земјата.
Неделив сегмент од Лесновскиот Кратер секако е и селото Лесново, едно од најстарите села во Македонија, за кое во најстарите пишани документи се спомнуваат настани кои се случувале уште во Х век, а се смета дека животот во селото се одвивал и многу порано. Лесново е карактеристично и по тоа што низ историјата не ја менувало местоположбата, што е случај со многу македонски села, особено во периодот на отоманското ропство.

Историјата на селото е тесно поврзана со Лесновскиот Манастир кој е еден од најзначајните и најубавите средновековни споменици на културата, не само во Македонија туку и пошироко. Покрај Лесновскиот Манастир, во околината на селото постојат и неколку пештерски цркви, како и бројни други сакрални објекти кои сведочат за долгата историја на Лесново.
Како продукт на вулканизмот се и бројните наоѓалишта на бакар, олово, цинк, како и различни неметали, што низ историјата придонело во овој крај да се развие рударството. На површината на речиси целата структура на Лесновскиот Кратер во карпите може да се видат многу вдлабнатини – дупки и пештери, од кои најголем дел не се природни, туку направени од човекот низ вековите.
Покрај рударството, населението од Лесново било познато и по изработка на воденички камења. Се смета дека речиси секое Лесновско семејство во минатото имало своја пештера од која се вадел цврст и квалитетен вулкански камен кој се продавал, не само во Македонија, туку и пошироко на Балканскиот Полуостров.
Во непосредната околина на Лесновската Купа постојат повеќе остатоци од вулканска активност, а меѓу нив се истакнува планината Плавица (1.297 мнв), која претставува впечатлив палеовулкански центар, чиј врв, гледано од јужна страна, ја има типичната форма на вулканска купа. Во непосредна негова близина се распоредени повеќе помали, таканаречени паразитски купи.
Лесновската Купа и Плавица се дел од едно пошироко подрачје на територијата на општините Кратово и Пробиштип, кое се одликува со голем број предели и објекти значајни за геодиверзитетот, а кое притоа поседува и богат биодиверзитет и разновидно материјално и духовно културно-историско наследство. Поради сите свои карактеристики ова подрачје ги исполнува условите да биде прогласено за прв македонски геопарк кој би станал дел од мрежата на УНЕСКО која брои 213 геопаркови во 48 земји на светот.
Во таа насока во 2019 година е изработена студија за вредностите на подрачјето, која требаше да биде основа за негова номинација во глобалната мрежа на геопаркови на УНЕСКО, а направени се и сите останати подготовки за реализација на овој проект. Ваквото вмрежување би придонело за поголема заштита на вредностите на подрачјето, но истовремено би значело и поголема промоција на нашата земја во светот и развој на туризмот во овој дел од земјата.
За жал, поради инертност на администрациите на општините Кратово и Пробиштип, оваа номинација не се реализираше, со што е пропуштена прилика Македонија да се најде на мапата на еден значаен меѓународен систем на заштита на природни вредности. Изгледа дека ќе ни биде потребно уште некое време за доизградување на свеста за значењето на нашето геолошко наследство, како и за разбирање на фактот дека ниту еден краткорочен интерес не е поважен од зачувување на вредност што опстојува со милиони години.
(doma.edu.mk)