ЉУБИША НИКОЛОВСКИ
Зошто би се одржала нова лидерска средба ако се разговара само за едностраните барања на опозицијата? Дали тоа значи дека Мицкоски има и нешто да понуди освен што има барања! И што би било тоа! Ако тоа се однесува на омекнување на ставот за уставни измени можеби и вреди да се размисли за отстапки од страна на власта кои би биле во насока на одржување на претседателските и парламентарните во исто време
Од последната лидерска средба меѓу Ковачевски и Мицкоски се очекуваше да го дефинира компромисното решение на дилемата: Уставни измени и (или) предвремени избори.
Со тоа требаше да дојде и до излез од биполарниот политички меѓу-простор во кој како заробеници живееме подолго време како општество, а наметнат од страна на политичките партии.
Од изјавите дадени непосредно по средбата дури се наѕираа и конкретни решенија прифатливи за сите (двете) страни. Дури и повеќе од тоа, како своевидно национално помирување, со децении посакувано од граѓаните. Со трговски жаргон понудата беше „три во едно“: и предвремени избори и уставни измени и братска поделба на власта „фифти-фифти“.
Но она што беше договорено дента, беше помрачено од ноќта. Само 24 часа потоа беа доволни за Мицкоски да се пишмани и да ги изврти зборовите дадени на средбата, во негови „предлози“ кои допрва и одново треба да ги прифати другата страна како ултиматуми.
Набргу потоа, во жестината на политичката битка, лидерот на опозицијата се откажува и од „добронамерната“ понуда на „два предлога“ и да изјавува дека „веќе ништо не важи“ и дека во игра се само предвремени избори, зајакнати со ставот дека уставни измени „под бугарски диктат“ нема да има.
Во меѓувреме, терминот предвремени избори се заменува со барање за одржување претседателски и парламентарни избори заедно.
Сега бара (повикува) нова лидерска средба. За што?!
На средбата, вели тој би се разговарало за претстојните избори и за изборниот процес или како што вели „за дата за претседателски избори, за парламентарни избори, што ќе се склучи со Изборниот законик“.
Власта одговори дека изборите ќе бидат во законскиот термин. Инаку, според премиерот Ковачевски сѐ уште на маса е понудата да ги изгласаме уставните измени па да одиме на избори.
„Сега треба да се донесат државнички одлуки“, вели премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски. „Не може да ги супституираме институциите со средби на кои ќе се договара нешто што не согласно парламентарните и законските процедури“, додава тој.
Тогаш навистина зошто би се одржувала лидерска средба ако би се разговарало само за едностраните барања на опозицијата?
Дали тоа значи дека Мицкоски има и нешто да понуди освен што има барања! И што би било тоа! Ако тоа се однесува на омекнување на ставот за уставни измени можеби и вреди да се размисли за отстапки од страна на власта кои би биле во насока на одржување на претседателските и парламентарните во исто време.
Во таа насока се и изјавите на претседателот на Собранието Талат Џафери кој посочувајќи ги уставните можности за ваквата опција вели дека едно од можните компромисни решенија за одржување на предвремени и претседателски е петти мај. Но, Талат Џафери има предвид дека тогаш е Велигден, што не е баш соодветен термин за изборен процес. Оттаму тој остава можност изборите да бидат одржани и некој ден подоцна иако не паѓаат во недела.
„Кој било друг датум да е во опција пред 5-ти мај, претходно треба да има други постапки во смисла на Пржинска влада, во смисла на распуштање на Собранието и овие две работи треба да ги имаат во предвид“, посочува Џафери.
Како што изјави, за тоа треба политички договор. „Јас мислам дека доколку се решат да разговараат за овие работи, до крајот на оваа година треба да се начисто“.
За договор треба двајца, тројца или во наши прилики и повеќемина. Но за договор треба и отстапки од сите страни. Или како што вели Џафери:
„Ако не, настапуваат моите уставни обврски од кои јас нема да отстапам оти тогаш јас би ја довел државата во ситуација на уставна криза. Јас тоа нема да го дозволам. И јас ќе одам спрема роковите, ќе распишам избори, ќе определам ден – кој ќе учествува ќе учествува, кој нема да учествува тоа е нивен избор“, вели Џафери.
(racin.mk)