Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ЛИМЕНИОТ ДОБОШ: КОГА ТЕАТАРОТ ЈА ГУБИ ТЕЖИНАТА НА СОПСТВЕНИОТ УДАР

November 25, 2025 Filed Under: Ревија

НА КРАЈОТ Публиката даде аплауз, но каков е впечатокот од претставата тоа останува како една тема за разговор

ЕЛЕНА АНГЕЛОВСКА

Отворањето на јубилејното 50. издание на Млад отворен театар (МОТ) секогаш носи симболичка тежина. Историјата на фестивалот е историја на македонскиот авангарден дух, на храбар театар што знаел да ги предвиди времињата, да провоцира, да ризикува, да руши граници. Да отвора со визија.

Токму затоа, изборот да се започне со претставата „Лимениот добош“ на Југословенско драмско позориште, во режија на македонски режисер Васил Христов, на прв поглед изгледаше оправдан: голема институција, силни актери, комплексна литература, регионална соработка, македонско авторство, генерациски мостови.

Но, кога ќе се изгаснат аплаузите и ќе остане само критичкото око, сликата станува посложена. И многу потивка.

МОТ не е само фестивал. Тоа е институција, програма, платформа која 50 години претставува лакмус за она што е живо, радикално, интелигентно и непокорно во театарот кај нас и во регионот. Од Љубиша Никодиновски – Биш, преку генерации на селектори, режисери, актери и авангардисти, МОТ создаваше критички бранови што се чувствуваа и надвор од уметноста.

Да се отвора МОТ значи да понудиш став. Да удриш силно. Да покажеш зошто токму таа претстава е огледало на времето.

Оваа година, тој удар беше… мек.

Не затоа што Југословенско драмско позориште нема тежина. Напротив, станува збор за најсилната институција во регионот, театар со дисциплина, професионализам и актерска екипа од рангот на најдобрите европски ансамбли. Но токму затоа, очекувањата беа големи. А претставата „Лимениот барабан“ не успеа до крај да ги оправда.

Гинтер Грас и неговиот роман „Лимениот добош“ (1961) се литературни монолити. Да се адаптира ова дело е чин на сериозна уметничка одговорност. Грас пишува за зло, за корените на злото, за невидливите пукнатини во кои се раѓа нацизмот – не како идеологија, туку како општествен ментален склоп. Неговото дете-наратор, Оскар, е истовремено и сведок и учесник, и симбол и реалност, и метафора и траума.

Овој роман бара режисерска прецизност, драматуршка јасност и беспрекорна идеја.

Васил Христов решава да влезе во материјалот преку метод на „отворен процес“, со нефинализирана драматизација и голем простор за актерски импровизации. Сам по себе, тоа не е проблем. Напротив, ваквиот пристап го користеле и ги користат врвни режисери, од Питер Брук до нашиот Слободан Унковски. Но импровизацијата бара две нешта: кристално јасен концепт и строга селекција. Во оваа претстава, концептот е замаглен, а селекцијата разлабавена. Резултатот е сценска игра што вреска од енергија, но шепоти кога треба да каже нешто суштинско. И тоа е најголемиот проблем: формата е бучна, содржината – тивка.

Претставата започнува како театар во театарот, со дебата за суштината на сценскиот чин. Тоа е интересен почеток, но потоа исчезнува како да никогаш не постоел. Следи лавина импровизации: сцени со животни, комични претстави, физички театар, мини-акробации, кловновски моменти. Сето тоа е технички беспрекорно изведено: младата генерација актери е сериозно подготвена, талентирана и слободна. И токму затоа е тој дел најзабавен за гледање.

Но се поставува прашањето зошто?
Каква врска има импровизацијата со кравата со подемот на нацизмот?
Што раскажува играта со мачката за траумата на детето сведок?
Зошто ни требаат десет минути сценска разиграност и каде не води таа?

Ако сцената останува само сцена, без функција, без последица и без идеја, тогаш станува украс. А украсите, колку и да се убави, не го држат товарот на Грасовиот свет.

Кога претставата конечно се фокусира на темата за нацизмот како веќе да станува доцна. Препознатливите наративни точки се тука: политичките промени, ранливоста на обичниот граѓанин, трагедиите во семејството, хоророт на војната. Но тие се презентирани површно, како брзи винети, како серија слики што не стигнуваат да се развијат.

Кај Грас, злото расте тивко, подмолно, со инфилтрација во секојдневието. Кај Христов, злото скока од сцена во сцена како колаж без тежина.

Миодраг Драгичевиќ го носи најголемиот товар. Неговиот Оскар е телесно присутен, енергичен, понекогаш дури и премногу. Тој вложува сè и глас, и тело, и нерв.

Останатите актери Јована Беловиќ, Марко Јанкетовиќ, Јоаким Тасиќ, Ива Манојловиќ, Лазар Ѓукиќ, Тамара Шустиќ, Теодор Винчиќ се импресивно подготвени, брзи, прецизни и дисциплинирани. Многукратното менување улоги, како техника, е маестрално. Но драматуршки, тоа создава проблем:

Зошто нацистот и еврејскиот лик ги игра истиот актер?
Зошто една актерка ги игра сите „љубови“ на Оскар?
Зошто сите играат и ликови и самите себе?

Ниту едно од овие прашања не добива сценски одговор.

Сцената е речиси празна. Тоа може да биде многу силна одлука, кога празнината зборува. Но овде таа празнина не е метафора, туку симптом на недовршен концепт.

Спуштените предмети од таванот: слики, крст, ковчег, светилки се визуелно впечатливи. Но без драмска логика. Финалната слика со подигнатите столчиња е најубава, поетична, има сила. Но што значи?

Се гледа добра намера. Но не се слуша идеја

МОТ има традиција на силни, дури и жестоки отворања. Претстави кои провоцираат, коишто навредуваат, кои будат, кои тресат. Претстави со став.

„Лимениот добош“ е добар театар – но не е силна претстава. Добра изведба – но слаба порака.
А тоа е особено важно кога претставата ја отвара јубилејната 50-та година, во време на политички и социјални тензии во регионот, во време кога прашањето за растот на десницата, насилството, неофашизмот и пропагандата е актуелно како никогаш во последните 20 години.

Кога една претстава зборува за нацизмот без јасен став – тоа не е само уметничка слабост. Тоа е и пропуштена можност

Грасовиот барабан е предупредување. Оскаровото добивање е отпор. Свест. Аларм.

Во оваа претстава, барабанот станува само реквизит. Наместо да тропа по совеста, тој свири во празно.
„Лимениот добош“ е претстава со голем потенцијал, со моќен ансамбл, со естетска смелост. Но без концепт што ќе го поврзе тоа во целина. Без мисла што удира. Без јасна режисерска визија што ќе го носи.

За сценографијата и музиката се задолжени постојаните соработници на режисерот Христов, Константин Трпеноски и Никола Коџобашија, македонски уметници, кои се во фокус на овој МОТ. Драматизацијата е на Весна Радовановиќ, а костимографијата на Марија Марковиќ Милојев.

(Забелешка – зошто организаторот го користи во насловот на претставата терминот „добош“ не е познато, бидејќи кај нас ова дело на Грас како на култниот филм на Фасбиндер го користат од страна на превњедувачот терминот „барабан“?!)

Публиката викендов имаше можност да ги погледне и претставите од редовната програма на МОТ: „Коштана“ на Народниот театар од Ниш, како и „Кученцето се засмеа“ на Спам Студиос од Бугарија. Двете претстави понудија различни сценски поетики и пристапи, и отворија нови теми за разговор, кои ќе ги обработиме во наредните критички текстови. За сега, важно е да се забележи дека фестивалската програма продолжува со динамика и разновидност, оставајќи простор за подлабока анализа по завршување на целокупниот репертоар.

Filed Under: Ревија

КOС: ВРЕМЕ Е ЗА ПРОШИРУВАЊЕ НА ПРОШИРУВАЊЕТО
ИСТЕЧЕ РОКОТ НА ЛАЖНИТЕ ВЕТУВАЊА
СКЕПТИЧНО: ЗАПАДНА ЕВРОПА НЕ ГО ПРИФАЌА ПЛАНОТ НА ТРАМП ЗА УКРАИНА, НО ДАЛИ ТАА Е ВООПШТО ПРАШАНА?
АВТОПОРТРЕТИ И НЕКОЛОКУ ПАЛЕТИ – ИНТРОСПЕКТИВНИОТ УНИВЕРЗУМ НА МИРО МАСИН
ПСИХОЛОГИЈА НА ЗЛОТО: КАКО Д-Р МЕНГЕЛЕ ИЗБЕГАЛ ВО ЈУЖНА АМЕРИКА

Најново

  • КOС: ВРЕМЕ Е ЗА ПРОШИРУВАЊЕ НА ПРОШИРУВАЊЕТО
  • ИСТЕЧЕ РОКОТ НА ЛАЖНИТЕ ВЕТУВАЊА
  • СКЕПТИЧНО: ЗАПАДНА ЕВРОПА НЕ ГО ПРИФАЌА ПЛАНОТ НА ТРАМП ЗА УКРАИНА, НО ДАЛИ ТАА Е ВООПШТО ПРАШАНА?

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet