Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ЛИНА ЃОРЧЕСКА СЕ ВРАЌА ВО ФОРМА

September 10, 2025 Filed Under: Ревија

Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа, уште еднаш ја покажа својата класа и ментална цврстина

НЕ ПРЕСТАНУВА ДА СОНУВА Ѓорчевска сонува да влезе меѓу првите 50 тенисерки во светот

Во спектакуларно финале на силниот ИТФ турнир во Слобозија, Романија, таа со голем пресврт успеа да ја совлада домашната тенисерка, Елена Руксандра Бертеа, со 2:1 во сетови (3:6, 6:3, 6:4) и да стигне до својата втора титула оваа сезона.

Со оваа победа, Ѓорческа ќе се искачи помеѓу 250-те најдобри тенисерки на светот.

Веќе следната недела, таа ќе настапи на уште посилен турнир од категоријата W75, каде што со добар резултат ќе има шанса да се доближи до топ 200, што ќе ѝ обезбеди место во квалификациите за најголемите Грен слем турнири.

Како професионалец, нашата најдобра тенисерка Лина Ѓорческа не покажува знаци на забавување во остварувањето на нејзините цели во кариерата. Триесет и едногодишната тетовчанка веќе може да се пофали со еден трофеј годинава, и тоа во двојки, на турнир во Франција и со силен настап на турнирот во поединечна конкуренција во Швајцарија. Таа во кариерата ја има почувствувано магијата на гренд-слем терените, откако има настапувано во квалификациите на сите четири вакви турнири, но нејзините тениски апетити сè уште растат и следен на менито е долго посакуваниот пласман меѓу најдобрите 50 светски тенисерки на ВТА-ранкингот.

– Оваа „чудна“ година немав услови да одиграм толку турнири колку што имав во план, но зад мене имам многу добар настап на турнир во сингл во Швајцарија и титула во двојки во Франција. За понатаму планот е да обезбедам учество на Ју-Ес опен, секако, доколку биде возможно полесно и повеќе да се патува. Најголема цел, а и единствена во кариерата моментално ми е да сум помеѓу најдобрите педесет тенисерки во светот – вели Лина.

Благодарение на тоа што како мала му била вечна сенка на нејзиниот брат, Лина на тој начин се заразила со спортот. Токму брат ѝ е главниот виновник што таа фатила тениски рекет и почнала да го тренира овој спорт. Лина е израсната во спортска фамилија – нејзините родители се поранешни одбојкари.

– На шестгодишна возраст почнав со тенис. Тенисот ми е единствен спорт што го имам тренирано и дефинитивно сум го направила најдобриот можен избор. Брат ми тренираше тенис во тоа време и поради тоа што тој е мојот идол во секој поглед, јас морав да го копирам и да правам сè што прави и тој, па така почнав со тренинзите. Моите родители се поранешни одбојкари, меѓутоа, никогаш не инсистирале сосила да тренирам нешто што не го сакам. Пораснав играјќи фудбал и кошарка со брат ми, па и ден-денес сè уште е така – вели Лина за порталот „fakulteti.mk#.

Лина на самите почетоци немала јасна цел дека еден ден ќе стане професионален тенисер. Таа интензивно тренирала и го изучувала овој спорт, од едноставна причина бидејќи тоа најмногу ја интересирало. Сепак, нејзината компетитивната природа излегла на површина на премиерните настапи на турнирите и тогаш веќе ѝ станало јасно дека во играњето тенис ја гледа својата иднина.

– Почнав да тренирам во Тетово, во 2001 година, но поради ситуацијата каква што беше во мојот град, продолжив да тренирам во Скопје со Зоран Леонтиќ. Искрено, тенисот не ми беше долгорочна цел од почетокот затоа што бев уште малечка и не размислував така. Едноставно си одев на тренинзи и потоа почнав да одам на турнири низ Македонија и не само што учествував, туку од почетокот почнав да освојувам први места. Со текот на времето, како што растев и напредував, така почнаа јуниорски турнири надвор од Македонија, на кои навистина имав многу добри резултати и тогаш веќе знаев дека тоа е вистинскиот пат за мене – додава Лина.

Лина го одиграла првиот професионален турнир на 16-годишна возраст. Нејзин најдобар досегашен пласман на ВТА-ранкингот е 116. место, остварено во 2017 година, а моментално се наоѓа на 205. позиција. Сепак, пандемијата си го направи своето и недостигот на турнири и можноста да се патува влијаеја врз нејзиниот ранкинг.

– Првата професионална победа ми беше на првиот професионален турнир што го имам играно, на шеснаесет години. Турнирот беше во Унгарија со награден фонд од 10.000 долари и по поминати квалификации, во првото коло од главниот турнир играв против Полина, девојка од Русија. Се сеќавам дека и јас, а и моите родители бевме многу среќни, а воедно тоа ми е и прв турнир на кој заработив пари, односно 100 долари. Првиот турнир го освоив веќе наредната година, на мои седумнаесет години, во Арад, Романија. Се сеќавам дека со парите од првиот освоен турнир ги однесов моите најблиски на вечера во еден ресторан во Тетово – се сеќава Лина.

Едниот дел од нејзиниот тениски сон Лина го има остварено со настапите на сите четири гренд-слем турнири. Тоа било во рамките на квалификациите, но сепак е огромен успех за нашата тенисерка. Да се живее професионално од тенисот е тешка задача и бара целосна посветеност, со оглед на тоа што патувањата и учествата на турнирите се скапи и само најдобрите секоја година можат да го одржуваат тоа темпо. Сепак, Лина е решителна да продолжи во исто темпо со јасна цел, а тоа е пласман меѓу топ-50.

– Можам да кажам дека учеството на сите четири гренд-слем турнири е мој најголем успех во сингл конкуренција и остварување на сонот. Во двојки можам да го издвојам турнирот во Бол, Хрватска, каде што игравме во финалето на ВТА-турнир од 125.000 долари. За да живееш од тенисот, тоа е возможно единствено ако си во најдобрите 200 во светот и ако учествуваш на сите гренд-слем турнири во текот на годината, а сите други не можат да живеат само од наградите освоени на турнирите. Меѓутоа, поголем дел од играчите имаат поддршка од нивните федерации и државата, што не е така кај мене. Во мојот случај сум „оставена сама на себе“ од нашата тениска федерацијата, но имам добри резултати во континуитет, па можам да се финансирам, секако, со најголема поддршка од моето семејство. За понатаму планот е да обезбедам учество на Ју-Ес опен, секако, доколку биде возможно полесно и повеќе да се патува – додава Лина.

(користени материјали од дневниот пшечат и од fakulteti.mk)

 

Filed Under: Ревија

БРИСЕЛ ЗА КАНДИДАТИТЕ ЗА ВЛЕЗ ВО УНИЈАТА
АФЕРАТА ЗА ПРИСЛУШКУВАЊЕ НА ВМРО-ДПМНЕ СЕ ЛИЗГА НА СОПСТВЕНИТЕ ПРОТИВРЕЧНОСТИ
ДАЛИ Е ОВА ПОЧЕТОК НА КРАЈОТ? ГО ПРИНЗАВА ЛИ ТОА ПУТИН
ЛИНА ЃОРЧЕСКА СЕ ВРАЌА ВО ФОРМА
СОВРШЕНИ ЖРТВИ (2)

Најново

  • БРИСЕЛ ЗА КАНДИДАТИТЕ ЗА ВЛЕЗ ВО УНИЈАТА
  • АФЕРАТА ЗА ПРИСЛУШКУВАЊЕ НА ВМРО-ДПМНЕ СЕ ЛИЗГА НА СОПСТВЕНИТЕ ПРОТИВРЕЧНОСТИ
  • ДАЛИ Е ОВА ПОЧЕТОК НА КРАЈОТ? ГО ПРИНЗАВА ЛИ ТОА ПУТИН

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet